В сабота на пазарот во Ново Село ќе се одржи традиционалната манифестација „Компиријада“. Градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, информира дека како и секоја година, така и оваа, настанот ќе овозможи промоција, презентација и дегустација на гастрономски специјалитети од компир, како и други земјоделски производи од Општина Ново Село.
– Инаку, пазарот во Ново Село е вистинско богатство за љубителите на локална култура и традиција. Во него ќе најдете земјоделски продукти, свежо овошје и зеленчук директно од локалните ниви, домашен мед, јајца, сирење и млеко од мали производители, сезонски производи како печурки, ореви, и разни билки, занаетчиски производи (handmade), како и рачно изработени украси од дрво и природни материјали. Ново Село вреди да се посети – нагласува Божинов.
Тој повикува настанот да го посетат што поголем број посетители за да уживаат во вкусовите и да се дружат во пријатна атмосфера.