Компанијата најавува обнова на опожарената фабрика и задржување на вработените: Големи материјални штети, за среќа без човечки жртви – започна увидот во „Винчини“

683

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани го започна увидот во опожарената фабрика во Виница, по големиот пожар што ја зафати фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес – Винчини“, при што беа опожарени магацински и производствени капацитети, а се повредени 18 лица. Како што информираа вчера од Државното јавно обвинителство, увидните дејства ќе продолжат и следниве денови, бидејќи во дел од магацините за суровини и готови производи сè уште има жаришта што тлеат.

– Поставени се противпожарни возила за заштита на плинската станица, која не беше зафатена од огнот. Во текот на утрешниот ден, за увид на самото место е повикано и вешто лице – електроинженер. Во меѓувреме, обезбедени се снимки од видеонадзорот и се преземаат други дејства за испитување на настанот –

соопштија вчера од ЈО.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани беше во фабриката „Макпрогрес“ и претходно, но увидот не можеше да започне, бидејќи пожарот не беше во целост изгаснат и сè уште имаше активности за обезбедување на локацијата.

Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна во саботата вечерта околу 18:00 часот, при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од Кочани и од другите соседни општини.

Беа повредени 18 лица, од кои 13 се хоспитализирани. Од Министерството за здравство информираа дека сите се во стабилна здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им беше укажана лекарска помош на Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите што учествуваа во гаснењето на пожарот, беа примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка беше хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.

Од Стопанската комора на Македонија, каде што е членка компанијата „Макпрогрес“, најавија формирање кризен штаб со сопственикот на фабриката, со цел целосно нормализирање на состојбата.

– Екипа на Стопанската комора е присутна на самото место од моментот на избувнување на пожарот и заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб. Комората презема активности за целосно нормализирање на состојбите – информираа од Стопанската комора.

Менаџментот на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, каде што во пожарот изгореа два магацина и еден производствен погон, преку соопштение до јавноста им се заблагодари на сите што учествуваа во гаснењето на пожарот и порачаа дека фабриката ќе биде обновена, а вработените што физички ги загубиле работните места, ќе бидат задржани.

– Фабриката „Винчини“ ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но, потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производствените линии што останаа во функција, а со крајна цел сите вработени што физички ги загубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производствени линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа – се наведува во соопштението.

Од компанијата порачуваат дека продажните цени на сите нивни производи ќе ги задржат ниски и достапни за потрошувачите и дека дополнително ќе намалат некои цени за да поттикнат поголема продажба.

Во пожарот целосно изгоре еден производствен погон со три автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички и два магацина, од кои еден за суровини и еден за готови производи. Од компанијата велат дека најважно е што нема човечки жртви.

„Макпрогрес“ е домашна компанија основана пред 35 години и е еден од водечките производители на кондиторски производи во земјава. Компанијата, според информациите на нејзината веб страница, извезува 75 проценти од производството. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ