На владина седница, утре, ќе се дискутира за солидарниот данок кој беше воведен во 2023 година како вонреден кризен данок кој ги опфати оние правни лица кои оствариле вкупен приход поголем од 615.000.000 денари во 2022 година. Станува збор за сума од 49,2 милиони евра, а Министерството за финансии сè уште чека повратни одговори од компаниите за тоа дали се согласуваат наплатениот солидарен данок да им го врати на две рати – еднаш во март 2026 и вторпат во март 2027 година. Поголемиот број од компаниите го прифатиле предлогот за отплата на две години, но има и такви кои понудиле други услови за враќање на средствата

 

На владина седница, утре, ќе се дискутира за солидарниот данок кој беше воведен во 2023 година како вонреден кризен данок кој ги опфати оние правни лица кои оствариле вкупен приход поголем од 615.000.000 денари во 2022 година. Со оглед дека Законот за данок на солидарност беше поништен од страна на Уставниот суд во февруари оваа година бидејќи создава правна несигурност за даночните обврзници, државата е должна да им ги врати парите на компаниите.

Станува збор за сума од 49,2 милиони евра, а Министерството за финансии сè уште чека повратни одговори од компаниите за тоа дали се согласуваат наплатениот солидарен данок да им го врати на две рати – еднаш во март 2026 и вторпат во март 2027 година.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во петокот рече дека ниту една компанија од 156 не се откажала од солидарниот данок, но некои најавиле дека ќе ѝ ја простат каматата за земениот еднократен данок. За тоа што ќе се преземе во врска со враќањето на солидарниот данок, министерката рече дека ќе се разгледува в вторник на владина седница.

– Министерството за финансии постапува по задолжение на Владата согласно со одлуката донесена од страна на Уставниот суд од 5 февруари 2025 година. На последната владина седница, на затворена седница требаше да носиме одлука за повеќе информации, за износите, за произнесувањето на одредени компании. Податоците од Управата за јавни приходи имаат третман на даночна тајна и не може да се дискутира на отворена седница на Влада. Но, имаше некои причини поради кои таа седница се одложи за овој вторник, кога точно ќе биде известена и Владата. Има голем дел од компаниите што се откажаа од затезната камата. Нема компании што се откажале од главниот долг. Значи, не се откажуваат од она што го уплатиле, но има многу од нив што се откажуваат од каматата – рече министерката.

Таа истакна дека поголемиот број од компаниите го прифатиле предлогот за отплата на две години, во март 2026 и 2027 година, но има и такви што не прифатиле и понудиле други услови за враќање на средствата. Иако Уставниот суд ѝ даде рок на државата од пет години да ги врати парите, некои од компаниите ги побараа парите назад што е можно побргу, зашто како што рекоа, тие имаа рок од само неколку месеци да уплатат милионски износи.

Дали за оваа намена се предвидени средства во Предлог-Буџетот за 2026 година, одговор од Министерството за финансии нема, туку само коментар дека се во тек одговорите од компаниите за тоа дали е прифатлив предлогот за двократно раздолжување.

Уставниот суд оцени дека со донесувањето на овој данок, компаниите биле ставени во нееднаква положба и дека законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и на претприемништвото.

– Предвидливоста на даноците е важен елемент за носење деловни одлуки врз основа на која субјектите имале легитимно очекување нивните даночни обврски да завршат во законската рамка од нивното настанување. При одлучувањето дали оспорениот Закон ќе го поништи или ќе го укине, Уставниот суд одлучи да го поништи поради тоа што оцени дека таквата одлука е соодветна на тежината на повредата поради повратното дејство на Законот, односно повреда на владеењето на правото, правната предвидливост и правната сигурност како фундаментални принципи – одлучи Судот во февруари.

Солидарниот данок го донесе владата на експремиерот Димитар Ковачевски и како што беше образложено „целта е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од енергетската и ковид кризата“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ