Комисијата влегува во АНБ, ќе се утврдува одговорност за петгодишното прислушување

Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР, конечно, утре ќе заседава по аферата со прислушувањето, а веднаш по седницата, најавено е дека членовите на Комисијата што имаат безбедносни сертификати ќе одат во надзорна посета на АНБ. Собранискиот спикер, Африм Гаши, на брифинг со новинарите, потврди дека членовите на Комисијата постигнале договор и дека го известиле претседателот на Собранието. Во фокусот на седницата и на надзорот е петгодишниот период на наводно незаконско следење политичари, новинари и бизнисмени, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, како тогашен лидер на опозицијата. Обвинителството веќе започна предистражна постапка. Аферата предизвика нова ескалација на обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

455

Членовите на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање се договориле: утре ќе одржат седница со која ќе претседава претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, а веднаш по седницата, оние членови на Комисијата што имаат безбедносни сертификати ќе одат во надзорна посета на АНБ, појасни денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите, откако седницата, иако беше закажана, не се одржа во петокот, поради деловнички пропусти.

– Самите дојдоа до договор и јас го почитувам тоа – изјави собранискиот спикер на брифинг со новинарите.

Свикувањето на оваа седница следуваше по аферата за незаконско прислушување што ја обелодени актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Според информациите пласирани во јавноста, во периодот од 2019 до 2024 година, АНБ го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, како и новинари и бизнисмени.

Проблемот со одржувањето на седницата се појави поради тоа што претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, нема безбедносен сертификат, односно нема добиено одговор од Агенцијата за национална безбедност, по што претседателот на Собранието, согласно со своите деловнички можности, ја назначи пратеничката Славјанка Петровска да ја води седницата, но не се случи тоа и седницата беше одложена за денеска.

Премиерот Мицкоски и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, минатата недела потврдија дека е доставена документација до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за наводни злоупотреби во Агенцијата во периодот од 2019 до 2024 година, а Обвинителството започна предистражна постапка. Во овој период, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ секојдневно си упатуваат критики и обвинувања на оваа тема. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека социјалдемократите признале дека прислушувале и следеле преку АНБ и АР, додека од опозициската партија бараат декласификација на документите. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, и денеска, на прес-конференција, го повика директорот на АНБ, Христовски, да ги декласифицира документите за наводно следење на премиерот.

– Со вчерашната изјава, премиерот потврди дека нема никаква намера да ги декласифицира документите што би ги докажале неговите наводи дека бил нелегално следен. СДСМ уште еднаш прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење. Ако СДСМ прислушувал, како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што го плаши во тие документи Христијан Мицкоски толку многу? Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби? Дали работел Мицкоски на штета на интересите на државата за странски пари? Дали Христијан Мицкоски имал комуникација со руски агентури, кои финансирале екстремизам и дестабилизација на државата? Дали овие документи содржат наводи за нелегално финансирање на партијата, ВМРО-ДПМНЕ, поврзано со „Делчевски ниви“? – праша Кузеска.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, пак, возврати дека од СДСМ признале дека прислушувале и следеле преку АНБ и АР и сега место да се извинат, пред сè, лажат и манипулираат.

– СДС најпрвин треба да се извини за пет години следење на претседателот Мицкоски, на новинари и на бизнисмени, кои, заедно со своите семејства, биле под константно набљудување на службите. Откако ќе се извинат, треба да ги повикаат Виктор Димовски, Еролд Муслиу и Љупчо Коцевски на одговорност. Наместо тоа, гледаме како СДС од петни жили ги штити сите што ги злоупотребувале институциите, затоа што, очигледно, работеле по партиска задача. ЈО не смее со денови да молчи и да не презема никаква акција. Загрозена била приватноста на голем број луѓе цели пет години. Службите влегле во нивните животи, со цел да го забават падот на СДС од власт и негово што подолго одржување, а со цел распродажба на државните интереси и правење криминал. Доколку ЈО и Коцевски останат нем посматрач, треба да знаат дека нема долго да трае тоа и дека и тие ќе одговараат – рече Петрушевски на денешната прес-конференција.

Премиерот Мицкоски, во својот говор на централната прослава по повод Денот на независноста, вчера рече дека не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите и гледа на таквите повици како на страв и паника и изговор за дефокусирање, туку вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите и повеќе да не се повторат.

– Се следи и прислушува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци блиски до минатата власт, оперира со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот искривоколчен систем не само што уништуваат генерации луѓе туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде што го ставаат безбедносниот систем на тацна. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто и измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи што не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде, разбирам јас, ама децата?! – рече Мицкоски.

Премиерот уверува дека прислушувањето нема да остане под тепих и дека мора да има одговорност. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ