КОМБИНАТОРИКИ ЗА ВТОРИОТ ИЗБОРЕН КРУГ ВО ЦЕНТРАЛНАТА СКОПСКА ОПШТИНА:Герасимовски и Лабудовиќ во битка за секој глас

143

 

Битка за секој глас ќе се води во вториот изборен круг на подрачјето на централната скопска општина меѓу двајцата кандидати – Горан Герасимовски од коалицијата предводена од СДСМ и Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ, поддржан и од партнерите во Владата ВМРО-ДПМНЕ и Вреди. По првиот изборен круг, Герасимовски е во предност со 2.828 гласови откако за него гласаа 8.535 избирачи, а за Лабудовиќ 5.707. Но, кандидатот на ЗНАМ деновиве е во интензивни активности со цел на 2 ноември на своето конто да собере што повеќе гласови за да ја анулира разликата. За таа цел, тој завчера објави дека постигнале договор за соработка со коалицијата „Вреди“ при што еден од нејзините лидери и новоизбраниот градоначалник на Чаир Изет Меџити ги повика жителите од центарските населби Кале и Дуќанџик да му ја дадат поддршката. Според пописот, пред четири години од вкупно 46.749 жители на Центар тука живее најголемиот дел од жителите со албанска етничка припадност – нив 1.332. Со тоа се отвора можноста разликата меѓу Лабудовиќ и Герасимовски значително да биде намалена.

Од друга страна, се чини, дека клучни за нечија изборна победа ќе биде одговорот на прашањето каде ќе отидат гласовите кои граѓаните ги дале за нивните противкандидати во првиот круг. Се работи за завиден фонд на гласови од цели 6.586 жители на Центар, а кои ги добиле независната кандидатка Билјана Ивановска – 4.465 и Марија Среброва од Левица – 2.121. Досега, никој од двете страни не упатил повик до оваа групација на избирачи, но извесно е дека ќе се прават одредени комбинаторики и контакти. Во случај на Герасимовски и Лабудовиќ интересен е и друг факт врзан за споредбата на нивните гласови со оние што ги добиле коалициите кои стојат зад нив. Така, Герасимовски освоил 2.446  гласови повеќе од коалицијата која ја предводи неговата матична партија СДСМ (6.089). Лабудовиќ, пак, добил 2.180 помалку гласови отколку што освоила коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (6.003) и Движењето ЗНАМ (1.884), а што го отвора прашањето зошто сите симпатизери и членови на тие партии не го поддржале неговиот избор.

Врзано со советничките листи, и тука се отвора прашањето каде ќе завршат гласовите освоени на други советнички листи: Левица – 3.034, Група Избирачи Јане Димевски – 1.812, Коалиција за зелена иднина – 1.175, Искуство за успех – 392… Напоредно со ова е и прашањето дали ќе има зголемен одѕив, но и евентуално премислување на околу 1.500 гласачи чии гласачки ливчиња беа огласени за неважечки во првиот изборен круг. Сето ова, изборниот епилог го прави крајно неизвесен.

Инаку, Лабудовиќ ја продолжи кампањата, а денеска пред граѓаните вети субвенционирање на најголемиот дел од трошоците за годишниот сервис на лифтови и хидранти во сите станбени згради.

Герасимовски, пак, изјави дека граѓаните ја препознале неговата посветена и одговорна работа во изминатите четири години и дека очекува победа во вториот круг. Тој додаде дека лично им честитал на двете кандидатки, кои излегоа од трката, но и дека „не разговарале за политичка поддршка туку за квалитетните програми и предлози што ги понудиле кандидатките“.  (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ