Многу луѓе земаат додатоци за да ја надополнат здравата и балансирана исхрана, но постојат потенцијални несакани ефекти и ризици кога додатоците се комбинираат.
Регистрираната нутриционистка Џен Волпол, ги предупреди луѓето да ги избегнуваат трите комбинации на додатоци бидејќи можат да бидат ризични. Земањето на овие витамини и минерали заедно може да направи повеќе штета отколку корист.
„Иако додатоците во исхраната можат да бидат одличен начин да се компензираат недостатоците, важно е да се биде свесен за можните интеракции“, рече таа.
Во тој контекст, таа сподели три примери на додатоци кои не треба да се земаат заедно:
Калциум и железо
Калциумот може да „се меша“ во апсорпцијата на железо со создавање бариера во дигестивниот систем, спречувајќи ја правилната апсорпција на железото.
„Ова особено важи за нехемиското железо – видот што се наоѓа во растителната храна и додатоците. Земањето додатоци на калциум и железо истовремено може значително да ја намали способноста на телото да апсорбира железо. Ова може да биде штетно за луѓето кои имаат недостаток на железо или се изложени на ризик, како што се вегетаријанците и жените кои имаат менструален циклус“, објасни таа.
Се препорачува железо да се зема еден час пред оброк, а калциум по оброк.
Витамин Ц и Б12
Прекумерните дози на витамин Ц (над 1.000 мг) можат да влијаат на протеините во желудникот неопходни за апсорпција на витамин Б12. Недостатокот на витамин Б12 може да доведе до слабост, замор, вртоглавица, забрзано чукање на срцето и отежнато дишење.
Може да предизвика и дигестивни проблеми како запек, дијареја, губење на апетит или надуеност, нервни проблеми како пецкање и вкочанетост, мускулна слабост, тешкотии при одење, губење на видот, па дури и ментални проблеми како депресија, губење на меморијата и промени во однесувањето.
„Иако точниот механизам сè уште не е целосно разјаснет, можно е високиот внес на витамин Ц да ја намалува апсорпцијата на Б12, особено кај луѓе со гранични нивоа на Б12, како што се веганите“, истакнува нутриционистот.
Цинк и бакар
Цинкот и бакарот се важни минерали, но тие се натпреваруваат едни со други за апсорпција во цревата.
„Кога внесувате големи количини цинк, тој зафаќа простор потребен за апсорпција, оставајќи помала можност телото да апсорбира бакар.
Долгорочниот внес на прекумерни количини цинк (или преку додатоци во исхраната или лекови) може да доведе до недостаток на бакар. Ова може да се манифестира како бавно заздравување на рани, замор, слабост на коските и промени во бојата на косата и кожата.“