Комбе со работници излета од мост висок 15 метри, загинаа тројца Непалци

Тешка сообраќајка на експресниот пат Радовиш – Штип

119
Сè додека официјално не соопштат од Обвинителството, за причините ќе се шпекулира – пукната гума, брзо возење или невнимание на шоферот. За два месеца, ова е трета сообраќајна несреќа на овој експресен пат, која се случува, главно, поради брзо возење

 

Тројца млади работници, најверојатно, од Непал, денеска изутрина загинаа во тешката сообраќајна несреќа што се случи на експресниот пат Радовиш – Штип, возејќи се кон градилиштето на кое работеле. Во несреќата е тешко е повреден нивниот 24-годишен странски колега, а полесно поминал шоферот од струмичкото село Иловица. Според првичниот увид на полицијата, возилото марка „фиат дукати“ излетало од мостот висок 15 метри и завршило во коритото на Балталиска Река во близина на селото Лакавица кај Штип.

„Во СВР Штип во 08.13 часот било пријавено дека на експресниот пат Штип – Радовиш, кај мостот на Балталиска Река во близина на с. Лакавица, Штипско, товарно возило ‘фиат дукати’ со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Струмица, а управувано од М. Д. (35) од с. Иловица, Струмичко, излетало од мостот. Од екипа на итна медицинска помош, кај три машки лица е констатирана смрт, додека возачот и уште едно машко лице со повреди се пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош“, соопштија од  МВР.

Повредените веднаш биле однесени на штипската клиничка болница, младиот работник, од падот од високиот мост, добил три скршени ребра и се наоѓа на хируршкото одделение. Според болничките информации, возачот добил полесни повреди, неколку скршеници, потрес на мозокот и бил згрижен на ортопедија, свесен е и стабилен.

„Во моментот и двајцата пациенти се во стабилна општа состојба и вон животна опасност”, соопштија од Клиничката болница во Штип.

Како се случило комбето да излета од патот и да заврши под мостот, истражува Јавното обвинителство. По направениот увид потврдуваат дека во возилото биле петмина работници ангажирани од фирма од Струмица.

„Со комбето се превезувале работници ангажирани од фирма од Струмица. Во несреќата го загубија животот тројца работници кои според првичните сознанија се од Непал, додека едно лице е тешко повредено. Возачот се здобил со лесни повреди. ОЈО Штип презема дејства за испитување на причините за несреќата. Се врши разговор со очевидци, а телата на починатите се дадени на обдукција. По наредба на јавен обвинител ќе биде извршено и сообраќајно вештачење“, соопштија од Обвинителството.

Веднаш по страшната сообраќајка, локалните штипски медиуми неофицијално објавија дека загинатите и повредените работници кои брзале кон градилиштето работеле за фирмата „Срабаг“, градежна компанија која беше ангажирана во втората фаза од изградбата на експресниот пат Радовиш – Штип што беше пуштен во употреба кон крајот на 2021 година. Сè додека официјално не соопштат од Обвинителството, за причините ќе се шпекулира – пукната гума, брзо возење или невнимание на шоферот. За два месеца, ова е трета сообраќајна несреќа на овој експресен пат, која се случува, главно, поради брзо возење.

Патната делница која е поврзана со автопатот Миладиновци –Штип, на граѓаните од југоисточните делови од земјава би требало значително им го намали времето на патување, но и безбедноста во сообраќајот додека патуваат кон Скопје. Кога минатата власт го пушташе во употреба, најави дека возилата ќе можат да се движат со максимална брзина од 110 километри на час и времето на патување меѓу Скопје и Струмица треба двојно се скрати. Според податоците кога се градел, новиот експресен пат  има  две коловозни ленти со широчина од 3,5 метри и две ленти за застанување од по два метра.

Работниците од Бангладеш, Непал, и од други сиромашни азиски земји доаѓаат во земјава поради недостиг на работници на градилиштата, а во последно време и во производството. Прифаќаат да работат за 25 илјади денари, а газдата да им обезбеди сместување и работна дозвола. Во разговор со некои работодавци нивното искуство со Непалците е позитивно, голем дел од нив биле чесни и професионални.

Ситуацијата е потешка кај странските работници кои работат на црно во земјава, тоа беше случај со 38-годишниот Кинез кој пред неколку дена загина во Кавадарци. Додека работел во фабрика, го притиснал кран на висока платформа и починал на самото место. Според првичните сознанија, пристигнал во земјава кон крајот на август, но постојат сомненија дека иако сè уште не му бил регулиран престојот и работниот однос, сепак, веќе бил ангажиран на извршување работни задачи во фабриката. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ