Дојдено е време на изопаченост, себичност, време на накарадност и простотилак.
Секаде, на секој чекор човек се соочува со луѓе кои во себе го носат она најлошото и најцрно, луѓе нелуѓе, луѓе полни со омраза, завидливост, себични и саможивни. Доволно е неколку часа да поминеш во некоја земја на Балканот за да сфатиш и видиш дека овде животот не се одвива по општествени правила и норми на човечноста, соидарноста, сочуствителност и љубов, туку се одвива стихиски, анархично и хаотично каде правилата постојат само за да се изиграат или прекршат. Луѓето меѓусебно се отуѓиле, одалечиле, семејните вредности се одамна загубени, пријателството е лажно, лицемерието владее, материјалниот интерес придвижува, диктира и го определува и однесувањето на луѓето и некакво квази пријателство. Денеска само интересите и парите владеат, а моралните и семејни вредности служат за подбив и подсмев, изопаченоста се слави, а човечноста се презрира. Со земјата управуваат корумпирани полуписмени партиски лактаџии грабајќи и пустошејќи го сето она што можат да го украдат, однесат, запустат и уништат додека се на власт.
Сепак не е секаде исто.
Постојат земји, а сум бил во многу земји и престојувал доволно долго за да можам да направам разлика, во кои владеат старата добра моралност, семејната поврзаност, почитување и човечност. И не ја определува оваа традиционалност и моралност ниту големината ниту богатството на државата, бидејќи ова сум го видел во многу сиромашни предели како Бали, земји како Танзанија и Куба, но и во богатите земји како Шпанија и Италија. Ова го определува негувањето на традиционалните и национални вредности пред се преку семејното воспитување и образовниот систем. Би можел многу да напишам и кажам на оваа тема, но сепак ќе се задржам на една сосема случајна средба, сосема случаен настан во трамвај во Аликанте во Шпанија и ќе ви раскажам приказна за едно семејство на кое ниту презимето не им го знам, а кое на мене остави длабок впечаток со својата поврзаност, меѓусебната љубов и почитување, со своето однесување и воспитување. За мене се тие и такви луѓе во ова време и општество на изопаченост, вистински херои, за некои веќе пишував, а оваа колумна му ја посветувам на ова незнаено семејство кое е вистински херој на нашето време.
Доцна јулска вечер го бои центарот на Аликанте кој е преполн со туристи од најразлични земји. Седам на клупа чекајќи трамвај за да стигнам од Луцерос до Плаза де Коруња и ги набљудувам луѓето кои доаѓаат и си одат од трамвајската станица. По кој знае кој пат ме изненадува она што овде, а и во другите градови во Шпанија во кој сум бил е слично, секоја постара особа ја придружува помлад член на семејството, најчесто внук или внука кои им помагаат и при пазарење, прошетка, плажа. Вистинска реткост кај нас каде старите луѓе претставуваат товар и обврска и каде сите социјални активности им завршуваат некаде околу седумдесетата година. Сепак вниманието ми го привлекува поголема група на луѓе, осумина како заедно доаѓаат и застануваат на трамвајската постојка. Четири се деца, на различна возраст, најмалото е се уште бебе на неполна година, ја носи во раце мајката. Бебето љубопитно и живо онака како тоа знаат да бидат на таа возраст, со очињата ги истражува луѓето и им се смее со тие прекрасни невини детски очи. Таткото ја бутка количката, а до него чекорат три девојчиња, едната на околу 12- 13 години, едната околу 5, а третата со марама на главата околу 7 години.
Зад нив тивко чекорат бабата и дедото по ликот и сличноста најверојатно родители на мајката. Девојчињата послушно застануваат до таткото и разговараат со него прашувајќи љубопитно за многу работи онака како тоа знаат децата да го прават. Бебето од мајчината прегратка им праќа на луѓето околу насмевки и им зборува на некој свој, за нас неразбирлив, јазик. Девојчето со марамата нема коса и очигледно е дека е болна и се бори со подмолна болест заедно со своите родители само на нив познат начин. Сепак сите се ведри и насмеани, се гледа по нивниот однос дека се блиски и сплотени како семејство.
Трамвајот пристигнува и таткото им дава знак да влезат. Тивко, во редица држејќи се за раце сестричките влегуваат во трамвајот пропуштајќи ја мајката со бебето, по нив бабата и дедото, а таткото на крај. Седнуваат трите девојчиња со својот дедо, мајката со бебето и бабата на седиштата пред нив, таткото карши нив држејќи ја количката за бебето. Бебето преку рамото на мајката почнува да им се насмевнува на своите сестрички и да им зборува нешто на својот бебешки јазик, а тие се смеат и ја закачаат. Најстарата внука го прашува дедото за трамвајските станици и нивните имиња, а тој и објаснува стрпливо.
Наеднаш дедото вади три колачиња во кои има и играчки, а сестричките ги делат меѓусебе и брзо ги јадат за да дојдат до играчките. Таткото постојано внимава на ќерките и од време на време незабележително го загледува девојчето со марамата со грижлив поглед. Кој знае низ што овие луѓе поминуваат, особено девојчето, помислувам, но тоа на нивните лица и во нивното однесување не се гледа, ведри се и насмеани и нималку поинакви кон девојчето со марамата. А и девојчето со марамата воопшто поинаку не се однесува, напротив, полна со енергија наеднаш ја почнува својата претстава забавувајќи ги сестрите, а и сите луѓе во трамвајот.
Почнува да пее песна на шпански следејќи ја со играта на своите раце кои личат на пеперутки. Сестрите почнуваат да се кикотат, а како се развива песната и играта на малите рачиња, кикотењето прераснува во гласна смеа. Марамата од време на време слизнува накај вратот на девојчето откривајќи го нејзиното главче на кое се познаваат сите вени уште повеќе потенцирајќи ја незината прозрачност. Најстарата сестра и ја мести марамата за да и го покрие главчето, но девојченцето не обрнува внимание за тоа, свесна и за себе и за својот изглед и за подмолната болест, но и за подршката и љубовта на своето семејство, ја продолжува песната и играта на рачињата и самата смеејќи се и уживајќи во претставата во трамвајот кој се патува низ ноќта. И бебето преку мајчиното рамо почнува да потскокнува и да и се смее на сестричката и нејзината претстава. Таткото поносно и гордо ги гледа а во очите му се гледа сета љубов и посветеност со кои во овие тешки времиња успева да издржува и воспитува четири ќерки.
Девојчето со марамата ја завршува песната, а нејкните сестри ја гушкаат и заедно се смејат. Една жена од трамвајот нешто го прашува девојчето со марамата а таа весело и одговара. Застанува трамвајот, таткото ги погледнува девојчињата и им дава знак дека е тоа нивната постојка. Мирно, држејќи се за раце стануваат, ја пропуштаат мајката со бебето и бабата да излезат, па тие зачекоруваат и ги снемува во ноќта следени од дедото и таткото. Го снемува девојчето со марамата во јулската ноќ со нејзиното семество следена со погледи, а верувам и најубави желби за оздравување на сите присутни во трамвајот.
Тишина владе по нивното излегување, понекој тивко шмркнува криејќи ја солзата во окото, допрени од сето ова на што сосема случајно присуствуваа, бескрајната посветеност и љубовта на едно семејство.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)