Црн чад и непријатна миризба го обвија Скопје, повторно пренесуваат медиумите по пожарот кој го зафати отпадот за електронски уреди во Трубарево. Неколку дена пред тоа медиумите известуваа за пожарот во „Дрисла“, кој сè уште гори, и за десетина пожари кои се изгаснати. Слична ситуација и слична вест пренесоа медиумите на почетокот на јули годинава, кога гореше отпадот за старо железо во Визбегово. На 3 јули оваа година изгоре автобус на ЈСП во село Грушино, во близина на Арачиново. Од почетокот на јули медиумите речиси секојдневно известуваа за пожари ширум државата, кои, според бројот на избувнати пожари, полека се доближува до шокантната бројка во 2024 година, кога изгореа повеќе од 95.000 хектари шума.
Само неколку месеци претходно се случи една од најголемите трагедии во нашата држава, кога во дискотеката „Пулс“ во Кочани изгореа 62 лица, а 193 беа повредени. Неколку години пред тоа македонски автобус се запали во близина на Перник во Бугарија и 42 лица го изгубија животот. Само неколку месеци пред овој настан, во истата 2021 година во септември, изби пожар во модуларната болница во Тетово и 14 лица изгореа живи во тој пожар.
Покрај жртвите во пожарите, огромен број жртви има и во сообраќајните несреќи, во кои во последните 3 години се бележи смрт на 457 лица, во 15.724 тешки сообраќајни несреќи. Во автобуската несреќа кај Ласкарци загинаа 16 луѓе. Сè уште се памети и загинувањето на 15 туристи од Бугарија во бродската несреќа на Охридското Езеро.
По секоја од овие трагедии и по секоја човечка жртва, на малите екрани се појавуваат политикантите и почнуваат да објаснуваат кои се причините, поретко кои се причинителите на овие ужасни случувања кои ги згаснуваат животите на нашите сограѓани. Објаснувањата за причините се најразлични, од префрлање вина на претходниците кои биле на власт, до внатрешниот, а и надворешниот непријател. Но никогаш, ама баш никогаш, ниту еден од челниците кои биле или се на власт не ја побарал вината и одговорноста кај себе и кај своето партиско опкружување кое е седнато во функционерските столчиња на институциите одговорни и надлежни за превенција и за спречување токму на ваквите трагедии.
Сакале ние да признаеме или не, системот на државата е разнебитен и не функционира, почнувајќи од правниот и завршувајќи со безбедносниот. Токму тоа е коренот и основната причина за ваквите и слични случувања кои скапо и ненадоместливо ја чинат Македонија. Корумпираноста, партизираноста на секој сегмент на општеството и државата, власт и привилегии без одговорност и обврски, непотизмот, недопирливоста на определен круг партиски и државни функционери, двојните аршини и селективноста во примена на законите со севкупна партизираност на општеството и државата се она што нè доведе до оваа ситуација.
За волја на вистината, ниту една од партиите што доаѓаат на власт, во ваква ситуација не е во состојба, ниту е кадарна да ги доведе државата и системот во нормала и во нормално функционирање, особено што секоја од партиите носи дел од одговорноста за ваквата состојба бидејќи во минатото била определен период во власта. Без вистински и коренити реформи, без јасно и гласно посочување на виновниците без оглед на која партија или бизнис припаѓаат, независно колку се високо позиционирани и без нивно санкционирање за стореното, нестореното, за преземени или непреземени дејства, ситуацијата и состојбата нема да се сменат, ние само ќе тонеме, а луѓето ќе страдаат.
Сите овие настани што ги наведов, особено случајот во Кочани, болно и трагично јасно покажаа дека системот и институциите на државата не функционираат почнувајќи со оние на локално ниво, завршувајќи со оние одговорни и надлежни на државно ниво и покажаа какви сè последици може да настанат од таквата разнебитеност на системот. Дури и да е точно она со што се шпекулира деновиве во врска со пожарите, дека се во прашање центри на моќ во и вон државата и хибридна војна, повторно сè се сведува на разнебитеност на системот на државата и на неговата нефункционалност, особено на безбедносниот систем, покажувајќи ги сите негови слабости и немоќ да се справи со нив.
Не знам што уште треба да ни се случи за да почнеме сериозно и одговорно да се однесуваме и доследно, без исклучоци, да го применуваме законот. Вака како што сега се одвиваат работите, и одржаните прес-конференции и изјави личат на извештај и на статистика за трагедии за кои нема правна разрешница и санкции за одговорните.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)