Со години се лицитира со некакви реформи во правосудството, која партија како што ќе дојде на власт, почнува да ги прозива судиите и обвинителите, почнува политикантски да лицитира со пресудите за актуелните предмети, поведува постапка за разрешување на јавниот обвинител и за распуштање на Судскиот совет. И сето тоа се прави политикантски, слично на партиските митинзи со викотници на толпата, но систем не се гради, ниту се прави вистинска суштинска реформа, напротив, се прави уште поголема штета, покажувајќи ги супериорноста и супремацијата на извршната власт над судската и над законодавната, бришејќи ја уставната поделба на власта.
Реформи, не само судски, не се прават само со кадровски промени туку и со создавање систем. Не се прават реформи ниту со постојано менување на законите, туку со создавање систем. Системот, пак, се создава со доследно почитување на Уставот и на законите, со немешање на политиката во правосудството, со детектирање на слабостите на законските решенија преку следење на практиката и укажувањето на практичарите, со менување на законските решенија само по долгогодишна анализа, со избор на судиите и на обвинителите, а особено на претседателите на судовите и на членовите на Судскиот и на Обвинителскиот совет, од редот на најквалитетните луѓе со морален и професионален интегритет, а не партиски послушници како што се прави тоа во последниве децении, или вдомени писари, доставувачи и административци од општините што стануваат судии поради партиската или личната блискост.
Не загрижуваат само огромната недоверба во судството на народот, извештаите и критиките на домашната и на меѓународна експертска јавност туку и постапките на секоја партиска гарнитура што ќе дојде на власт и што, поради дневнополитички поени и својата некадарност и безидејност, лицитира со пресуди, судски постапки, однесувајќи се како на Дивиот Запад, со повик за линч.
Но, она што најмногу загрижува се самиот став и мислењето на судиите, кои во анонимната анкета на ОБСЕ за проценка на состојбите во правосудството покажаа дека ниту тие самите, како судии, не веруваат во судскиот систем и често се соочуваат со притисоци од колеги. Ако се додаде на тоа и анализата на Мисијата на ОБСЕ, која е направена во соработка со антикорупционерите, како проценка на ризиците од корупцијата во правосудството, која покажа дека 72 проценти од анкетираните судии сметаат дека Судскиот совет не ја штити независноста на судството, тогаш состојбата е повеќе од катастрофална. Потврда за ваквата состојба, пред не така долго време, дојде и од устата на тогашната претседателка на Судскиот совет, која поднесе оставка поради притисоци од судско-бизнис мафијата. Ваквата состојба на судството ја потврдуваат и секојдневните афери што излегуваат во јавноста, почнувајќи од кадровските решенија во Судскиот совет и во судовите до контроверзните судски одлуки во кои повторно доминираат двојните аршини, селективната примена на законот, пресудите по желба и нарачка, недопирливоста на високите функционери и длабоко вкоренетата политика во правосудството, која резултира со клиентелистичко однесување на еден дел од судиите.
Истата таа анкета, покрај недовербата во Судскиот совет, покажа и дека повеќе од половина од анкетираните обвинители сметаат дека одлуките во Советот на јавни обвинители не се носат самостојно и независно. Сличен е процентот, повеќе од половина, на анкетираните обвинители што сметаат дека именувањето на обвинителите не се врши на објективен начин и дека постапките за утврдување одговорност не се водат објективно.
Дека состојбата е толку алармантна, потврдуваат и неколкуте обраќања на странските амбасадори до јавноста, кои со не така дипломатски речник ја критикуваа состојбата во судството, што резултираше дури и со прекин на соработката со Судскиот совет на државите што вложија огромни средства во нашето судство.
Сепак, и покрај сите овие алармантни факти што ја отсликуваат состојбата во нашиот правосуден систем, еден факт загрижува повеќе од сè. А тоа е пасивноста, плашливоста и молчењето на самите судии и обвинители, кои наместо сплотени, јавно да излезат и да се спротивстават на сите притисоци, шепотат по ходниците и кулоарите за она што им се случува, чекајќи некој друг да им го реши проблемот.
Изговорот дека не стои никој зад нив и дека Судскиот совет не е орган што ги штити, што е точно, е, сепак, само изговор, бидејќи тие, како судии, со своите ингеренции, доколку се сплотени, може да направат многу и за себе и за општеството. Процентот на судии и на обвинители што реално ја согледуваат состојбата во правосудството, судејќи според анкетата, е огромен, но ним им недостигаат храброст, заедништво и сплотеност. Впрочем, тие ги избираат членовите и на Судскиот и на Обвинителскиот совет од своите редови, со непосредно гласање. Тие ги имаат моќта, силата и овластувањата да правораздаваат, да влијаат преку своите одлуки на состојбите во општеството, да влијаат на туѓите животи и судбини, но никако да почнат да се борат и да ги регулираат судбината на правосудниот систем и својата положба во него и во општеството наместо клиентелистички да го испорачуваат она што се очекува од нив и да им служат на дневнополитикантските интереси.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)