Ги гледам последните случувања во нашата земја, скаламуции, мешетарења, глупости и глупавштини, политиканство, изгубеност, спинување и сето тоа наликува на театар со некадарно кадарни глумци кои во ниту еден друг театар не би добиле улога. Некадарни се за водење на државата, за благосостојба на народот, дури не се кадарни да обезбедат нормална живејачка на народот, ама се исклучително кадарни да го наполнат својот џеб да ја обезбедат својата благосостојба со државни пари, да корумпираат сè што ќе допрат.
Колку повеќе ги гледам секојдневните глупости и аферите, толку повеќе ми се потврдува онаа Ајнштајнова изрека: „Само вселената и човечката глупост се бескрајни, но за вселената не сум сигурен.“ Овде луѓето прекинале да размислуваат со своја глава, прекинале да ги употребуваат сивите мозочни ќелии и самостојно да ги проценуваат состојбите, размислуваат онака како што пастирот, партијата, раководителот или мешетарот ќе им кажат, размислуваат по нарачка и нечија потреба. Размислуваат колективно, во стадо, а таму каде што сите исто мислат, никој многу не мисли.
Попусто се гордеат Соединетите Американски Држави со својот систем на лобирање и своите лобисти. Во Македонија е усовршен овој систем и издигнат на едно повисоко ниво, систем на мешетари и мешетарење. Ако во САД се лобира за партија или носење на закон и лобистите се регистрирани и нивната заработка подлежи на оданочување, кај нас во Македонија се мешетари за сè и сешто од извод на родени, лична карта, пасош, пресуда, тендер, дозвола за градба, коментар, емисија, новинарски текст, афера… Мешетарите не се регистрирани кај нас, освен во полициските билтени кога органите на прогонот ќе ги фатат оние мешетари кои настрадале поради меѓусебна политичко-коруптивна пресметка.
Мешетарството не е професија, тоа е извор на дополнителна заработка на црно, а успешноста зависи од партиската, функционерската или бизнис-позицијата на мешетарот.
Како директна последица на развојот на мешетарството е развиен и системот на нарачка и испорака, исклучително развиен и распространет систем на корупција. Кликни јади, Корпа, Волт се аматери и исклучително бавни во испораката споредени со нарачката, мешетарење и испораката која се случува во државата и општеството последните години и тоа на целокупната територија ни државата и целокупното општествено живеење.
Мешетарењето не е професија, тоа е карактерна особина и ментална состојба. Не се мешетари повеќе само за пари, туку кај нас системот е усовршен, отишол многу подалеку, па се мешетари за влијание, услуга, спинување, напредување…
Таквиот начин на однесување и размислување стана и начин на живеење. Веќе никој не помислува по регуларен пат да извади извод, пасош, лична карта, возачка или каков било документ, затоа што регуларен пат не постои, системот е разнебитен па не останува ништо друго освен преку пријател да се заврши работата или, за тој што нема пријател, преку мешетарите со пари да си ја заврши работата. И, кај нас веќе не се во прашање и игра само документи, туку е во прашање и игра сè она што некому му треба, а другиот може да го испорача од одобрение за градба, сертификат за што и да е, диплома, лиценца, пресуда.
По толку години на таквата состојба и такво однесување никој повеќе и не помислува ниту, пак, ја распознава корупцијата во која се давиме со години и која ни стана нормална состојба на живеење.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)