КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Лисицата и хибридната војна

31

Мрачна ноќ, толку темна што речиси ни прст пред око не се гледа, се спуштила на планината. Тивко е и мирно, звук не се слуша, дури и ноќните птици замолкнале и лисјата не шумолат. Ноќниот пејзаж неподвижен како да е слика, плови низ ноќта. Месечината се скрила срамежливо зад облаците како да не сака да биде сведок на случувањата во оваа ноќ. Тишината ечи низ планината и ништо не го нарушува тој нестварен спокој со часови.

Наеднаш, тивок шум одекнува во таа тишина и грмушката од јужната страна на шумската чистина затреперува. Од грмушката се појавува глава на лисица со качулка, ја врти главата лево-десно за да провери дали е сама. Останува неколку секунди неподвижна и бидејќи нема никаков шум од шумата и од блиските грмушки, тивко излегува на чистинката на меките шепи. Седнува подвиткувајќи ја раскошната опашка и подместувајќи ја качулката на главата. Неподвижна чека, одвреме-навреме начулувајќи ги ушите и ослушнувајќи ја ноќта. По неколку минути станува нестрплива, што се гледа по нејзината лева нога со која бесшумно тропка по тревата, но останува неподвижна. Наеднаш, тивок шум и грмушката од западната страна затреперува и се отвора, а од неа излегува глава на бик, кој, како и лисицата, носи качулка. Здогледувајќи ја лисицата излегува целиот од грмушката и се гледа дека под црвената наметка што ја носи има раскошен, рачно изработен меч. „Ола“, бикот тивко ја поздравува лисицата со својот певлив андалузиски акцент. „Здраво“, отпоздравува лисицата на својот мајчин јазик. Бикот ја беше отворил устата уште нешто да каже, но во тој миг од грмушката недалеку од бикот искокна петел со маска и флорет заденат за појасот. Тенкиот долг меч му се заплеткал во гранките на грмушката од која скокна, па отплеткувањето на флоретот траеше, но во мигот кога го отплетка мечот, петелот ги стресе крилјата погледнувајќи ги двајцата и ги поздрави речиси пеејќи со познатиот француски поздрав „Са ва“. Пред да го поздрават веќе присутните, се отвори и третата грмушка на западна страна и од неа буквално скокна магаре со качулка на главата. „Калиспера“ поздрави магарето и ја подмести сачмарката на грбот.

„Добро“, рече бикот, „сега кога сме сите тука, да почнеме.“ Но во тој миг се слушна шум на крилја што го сечат воздухот и сите махинално ги свртеа главите кон местото од кое доаѓаше звукот. На гранката на најблиското дрво слета був кој беше без качулка и оружје, а на градите носеше амблем со бел орел кој стои зад црвена шеснаесеткрака ѕвезда со краците во облик на стрелките на компасот. Присутните молчеа со вперени погледи во бувот, кој ги одмеруваше со ладен и строг поглед. „Хелоу“, кратко поздрави, „сега можете да почнете“, продолжи бувот со строг глас така што овие неколку збора личеа повеќе на наредба.

Бикот го прочисти грлото и почна обраќајќи ѝ се на лисицата во која беа вперени сите погледи. „Зборувам во име на сите присутни колеги со кои и покрај тоа што припаѓаме на различни национални агенции, имаме заеднички интерес и проблем. Секако, сето ова го правиме под надзор и под контрола на мудриот колега од западната сојузничка агенција“, продолжи бикот речиси поклонувајќи се пред бувот. „Нашиот проблем е зголемувањето на туризмот за 25% во твојата земја“, ѝ се обрати бикот на лисицата гледајќи ја право во очи, „што негативно влијае на сите нас и го намалува приходот од туризмот во нашите  земји. Токму затоа, на меѓуагенциската конференција беше решено да се преземат мерки и дејства против ваквиот тренд, а ти Лиске, беше избрана да го спроведеш акцискиот план. Избрана си поради итроштината, а и поради опашката“, продолжи бикот проследен со кимање на главите на петелот и на магарето. „Јасно ти е што треба да направиш“, рече бикот, дофрлајќи ѝ на лисицата запалка „зипо“. Лисицата спретно ја фати запалката со меките шепи и го отвори капакот за да ја проба. Искрата го запали фитилот на запалката и светлината ги заслепи присутните. „Гаси“, тивко нареди бикот, „тоа ќе го правиш утре низ шумите и полињата, запали ја опашката и трчај и пали, нека гори, нека ги исплаши туристите“, заврши бикот. Лисицата ни збор не прозбори, само кимна со главата. „Но“, прозбори бувот, „внимавај, само шуми, полиња и депонии, сè да изгледа како случајно да се случува и по секоја цена да се одбегнат жртви, строго им се обрати бувот на сите. Во спротивно…“, бувот не ја доврши реченицата но на сите им беше јасна заканата.

„Тогаш, да се разделиме под знакот на тишината и молчењето“, заклучи бикот, но во тој миг се слушна кршење на гранките и од грмушките излета крава, сета задишана и испотена. Тешко дишеше и не можеше да дојде до воздух, постојано бришејќи го челото од пот. „Уффффф“, тешко се издиша кравата, се закашла и со испрекинат глас им се обрати на присутните. „Извинете што доцнам“, бревташе кравата, „но состанокот на Управниот одбор траеше подолго од очекуваното, трипати се прегласуваше, но на крај, одлуката е донесена. Нема да пасеме, нека расте тревата, нека вирее, нека се суши, полесно гори сува, извика со патриотски глас кравата, насмевнувајќи им се на присутните.“

Прв летна бувот без збор, без поздрав, а по него ги снема во грмушките бикот, петелот и магарето. Лисицата и кравата почекаа сите да си заминат, па и тие се изгубија во грмушките.

Утрото што се роди по оваа ноќ не донесе сонце, небото беше темно од чад, а воздухот мирисаше на изгорено дрво. Гореше планината над Малешевијата. Во текот на денот почнаа пожари на уште неколку локации. На врвот Руен стоеше лисицата со поцрнета опашка и гледаше како горат околните планини. Почна хибридната војна…

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ