КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Капа симнувам, судија

1982

Со години се зборува, пишува, критикува и коментира за правосудството, со години се заговараат некакви реформи, се лицитира со нив и сè останува исто, судството на коленици со огромна недоверба од граѓаните и безброј забелешки од експертската јавност. Но секој што барем малку ги познава оваа област и проблематика, знае и е свесен дека за да воскресне судството, за да застане на свои нозе, нема да помогнат никакви реформи ако судиите не се разбудат, не станат самите свесни дека тие мораат однатре да се изборат за довербата, да го ресетираат системот и дека одамна поминало времето кога требало да молчат. Тие самите треба да се соочат со проблемите, и што е уште поважно, со ликовите кои го разнебитуваат судството, кои испорачуваат одлуки, кои го кршат законот свесно, кои изборот на судии го вршат по некои свои измислени критериуми непочитувајќи го словото на законот. Тие самите како судии, а и обвинители, треба да ги погледнат во очи ваквите ликови и гласно и јасно да им стават до знаење дека тоа што го прават е незаконско, дека ги урива и системот и довербата и дека местото не им е во правосудството.

Во минатото имало меѓусебни критики и префрлувања, но тие се одвивале зад затворени судски врати, се шепотело и ден-денес се шепоти во судските ходници за мешетарењата, политичките контакти и додворувања, нарачани и испорачани одлуки. И ден-денес се шепоти и негодува за изборот на судиите кои од општини како секретари или писари наеднаш стануваат судии, се шепоти за напредувањето и казнувањето на судиите, за непочитување на законот и процедурите.

Никогаш судиите не се одважиле самите да го дигнат својот глас против ваквите случувања освен кога и самите не биле засегнати со поведена постапка против нив или кога ги разрешуваат. Ниту еден судија не го дигнал својот глас јавно против ваквите случувања не поради себе туку поради принципите, прописите и своето чувство за правда и правичност. Се до сега.

Првпат еден судија јавно, јасно и гласно го крена својот глас против начинот на кој се постапува и се крши законот за избор на в.д. претседател во Основниот кривичен суд и тоа токму од судскиот совет, особено од еден нејзин член. И не само што го крена својот глас и го посочи по име и презиме членот на судскиот совет кој го крши законот туку ги образложи и причините зошто го прави тоа. „Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно со законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто го газите најсветото нешто за нас, судиите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија. Одете си оттаму веќе! Доста е од вас! Брука сте!“вели судијата во пораката до членката на Судскиот совет. Истиот тој член на судскиот совет до пред извесно време водеше постапка пред управниот суд за повредена процедура при предлагање и гласање во судскиот совет за судија во Уставниот суд. Таква процедура, за волја на вистината, воопшто не постои, но таа ниту се обиде ниту предложи донесување и регулирање на постапката и покрај тоа што веќе подолго време седи во фотелја на член на судскиот совет и што е нејзина обврска, особено по поднесената тужба. Но сега, каде што постојат законски одредби кои се обврзувачки, истата таа грубо ги крши наметнувајќи го измислениот и нарцисоиден критериум на ментор.

Токму ваквите ликови ја урнисуваат довербата во судството, наметнуваат правила и однесување спротивни на словото на законот, манифестираат моќ која не произлегува од знаење и кредибилитет, туку од фотелјата во која седат и позиција која им дава можност за арбитрарност и самоволие применувајќи двојни аршини и стандарди по свое наоѓање и потреба.

Но на ваквите ликови не вреди да се губи повеќе време, затоа што доаѓаат и си одат заборавени и фрлени на буништето на некадарноста. Многу е побитно што повеќе судии да се одважат како судијата Савески јавно да проговорат за состојбите во судството и да се борат за достоинството и довербата во судството. Токму ваквиот пример и постапување на еден судија даваат надеж дека можеби еден ден ќе имаме вистинско независно и самостојно судство. Сите негови колеги молчат, како и секогаш, но се надевам дека и тоа, еден ден, ќе се смени.

На крајот, ќе завршам со еден краток цитат од интервју со судијата Савески кој ги отсликува неговите ставови и размислувања: „Често се споменува дека политиката, олигархијата, бизнис-фелата влијаат врз судството, веројатно, тоа и го има. Се зборува, се слуша за тоа. Сметам дека судиите не се свесни колкава моќна позиција имаат, колку значајна улога имаат. Поради желба за напредок во кариерата, има судии што кокетираат со таквите авторитети, дали од политиката, дали од бизнис-елитата… и  преку кокетирање и потчинетост пред таквите авторитети, во голема мера, си ја самосузбиваме моќта што ни е дадена и нормативно и општествено“.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ