КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Каков народ, таква власт

123

Полека се спушта темнината над градот, септемвриската жештина стивнува, шумолат лисјата на здивот на вардарецот, скопскиот асфалт и бетон полека се ладат. Вистинско време да ги отвориш вратите и прозорците во својот дом и да го почувствуваш вечерниот здив на градот и да уживаш во мирот и свежината. Но, залудно се надева човек дека така лесно ќе ужива во тие ситни мали нешта што го прават животот убав. Заоѓањето на сонцето како да е знак за луѓето од зградата да се симнат од своите станови и да почнат дебата, која многу наликува на оние дебати на политичарите на малите екрани. Десетина комшии формираат круг и се разврзува дискусија околу политичката ситуација во државава. Никој никого не слуша, сите зборуваат во еден глас, а зборувањето повеќе личи на викање, а дискусијата на караница. Едни докажуваат како овие што се на власт се неспособни, други им опонираат и ги бранат боите на власта со аргументите дека наследиле хаос, растурена и испокрадена држава. „Опозиционерите“ почнуваат да цитираат и лицитираат со бројките и со имињата на оние од власта што беа споменати во текот на денот, на прес- конференцијата на политичката партија што е во опозиција. Следуваат контрааргументи и имиња и бројки на оние од власта, со познатата констатација: нашите помалку крадеа. Стивнува викањето и сите, онака комшиски, помирливо, преминуваат на друга тема. Се дискутира за сè и сешто, од украинското прашање, ситуацијата во Газа, последните одлуки на претседателот на САД до работењето на полицијата, историјата на викиншките племиња, операцијата на мозок и ставањето вештачки колк. Особено е чувствително прашањето за економијата, каде што секој има свои програма и препораки за намалување на кризата и за стабилност на денарот. И секој сè знае и секој во сè се разбира.

Додека трае оваа дискусија, нивните деца скокаат по металната рампа поставена до скалите, која служи за качување колички, произведувајќи звук од кој ечат цела зграда и околината, звук за кој мислите дека доаѓа од нешто што се урива и крши. Ниту еден од родителите не го опоменува своето дете, туку само го повишува својот глас во дискусијата што трае, со цел да биде погласен од бучавата што ја прават децата на металните скали. Од оваа бучава, од викањето, од капките вода од климите што течат од погорните катови и удираат по терасата и по сите работи на терасата, се права романтика. Викањето, вжештената дискусија, скокањето и ечењето на металните скали се надополнети ос мирисот на пржен кромид и запршка од терасите што се претворени во кујни.

Затвораш врата и прозорци за да ги намалиш бучавата и мирисот на кромидот и запршка со надеж дека повторно ќе можеш да ги отвориш некаде пред полноќ, кога ќе се разотидат дискутантите.

Бучавата се намалува и решаваш, додека чекаш „фајронт“ во маалскиот дебатен клуб, да погледнеш што се случува во државава и во светот. Го вклучуваш телевизорот и премалуваш од страв. Од екранот вика лик на тебе, со закрвавени очи и се заканува со дестабилизација, криза, хаос доколку не му се исполнат барањата што ги поставил во име на малцинството. Едвај успеваш да го најдеш далечинското од уплав и го менуваш каналот кога таму те чека лик уште пострашен од првиот. Тој набројува колку и каде се украдени пари од буџетот, кој ги украл и кој сè планира да краде, предвидувајќи пропаст на државата ако остане истата власт. Некако ми е познат ликот и, по долго размислување, ми текнува дека не така одамна тој беше власт и некој друг зборуваше исто за него. Кога почна да набројува што сè треба да се направи и какви реформи да се спроведат, го сменив каналот, да не губам време и да гледам и да слушам реприза на истото она што го зборуваше истиот лик додека беше власт, а не направи ништо. Нов канал, нов лик. Таму ме дочекува новинарка што, топејќи се од љубезност, прашува еден лик од власта за економијата, судството, европските интеграции, македонската дезинтеграција, сточарството, лозарството, пожарите, спортот, младите, старите, геометријата, тригонометријата и уште кој знае за што, а ликот, сериозен, подготвен, како од пушка одговара на секое прашање, темелно и стручно. Има знаење ликот, си помислувам засрамено што не разбрав половина од одговорите. Сменив уште неколку канали, на кои некои луѓе викаа едни на други, си префрлаа за некаква корупција и непотизам, се фалеа со постигнатото, докажуваа како  функционирало сè во нивно време, како сме живееле подобро од сите други држави и не сме можеле да ги изброиме странските инвестиции. Сите до еден не ја најдоа во себе вината за состојбата во која се наоѓаме, секогаш се виновни некои други.

Го исклучувам телевизорот, горд и среќен што има државата вакви луѓе, кои сè знаат, каков народ – таква власт, помислувам, но морам да се одморам, утре патувам за Охрид, по автопатот кој го градиме 30 години и кој наскоро ќе биде завршен, за едно десетина години, како и сè друго во државава.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ