КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Е, мој друже Ескобар

1729

„Људи, па јели то могуче? Лудница, шта је ово?“ извикуваше коментаторот Младен Делиќ коментирајќи го фудбалскиот натпревар помеѓу тогашна Југославија и Бугарија и постигнатиот победнички гол во последните секунди на натпреварот. Последниве години честопати ми паѓа на ум оваа реченица следејќи ги настаните кај нас во државата. По секој настан кој е и поцрн и побизарен од претходниот, не можам, а да не ги прошепотам овие зборови како неверување и вџашеност од она што го гледам и слушам, од она што ни се случува.

А настаните се нижат еден по друг, како на филмска лента, настани во кои е веќе секому јасно дека не постои систем во нашата држава која одвај може според своите прерогативи така да се нарече, настани во кои доминираат глупостите, некадарноста и лагите на политикантите кои единствено сакаат да ја скријат вистината, да ги заматат работите, да ги спасат и оправдаат своите сопартијци кои се на високи државни позиции не водејќи сметка за проблемите што ги создаваат, последиците што го поткопуваат и уништуваат и она малку што останало од темелите на системот и државата. Во изминативе години доминираа корупцијата и партизираноста на сите нивоа и во сите институции на државата, ликовите кои се изнаредија на високите државни позиции беа сè понекадарни, понеспособни и попогубни за државата и општеството, оставајќи пустош по своето заминување од позициите, кое често наликуваше на бегство. Резултатот секогаш беше погубен и за државата и за општеството, а крајно профитабилен за нив самите.

Корупцијата, неодговорноста, неотчетноста, популизмот и сè она што ги поткопува системот и правната држава само се продлабочуваат, стануваат сè повидливи и побескрупулозни. Но она што вистински загрижува и што кулминира во последно време е што последиците од однесувањето на политикантите и мешетарите стана нормално секојдневие, модел на однесување кој стана нормален и прифатлив за најголемиот дел од народот.

Дури ни настаните кои се директна последица на корупцијата и во кои нашите граѓани го губат животот не предизвикуваат сериозна и организирана реакција на општеството подолго од неколку дена. Ако на тоа се додаде и селективноста, политизираноста, клиентелизмот и некадарноста на обвинителството, кое со секој настан покажува дека ниту е дораснато на предизвиците и катастрофалната состојба на беззаконие во општеството, ситуацијата е уште поалармантна.

Особено загрижува отворениот клиентелистички и поданички однос на обвинителството кон власта и обидот да го заобиколат законот правејќи налудничави конструкции кои се далеку од здрав памет и секоја правна логика, кои резултираат со трагикомични јавно обвинителски одлуки. Нема да ги набројувам, а ги има многу, само ќе ги спомнам случките со дипломата на висок владин функционер, кочанската трагедија, отворено признание на обвинителка за влијание на премиер за квалификација на кривично дело кои и ја покажуваат и ја докажуваат катастрофалната состојба во обвинителството. Ниту судовите не заостануваат зад ваквото однесување на обвинителството, па сè почесто имаме апсурдни одлуки, одлуки кои се очигледно клиентелистички и судски одлуки како инструмент за решавање на политичките проблеми и пресметки кои често имаат националистички призвук.

Последица на сево ова не е само губење на животи на нашите граѓани туку и прифаќање на граѓаните на ваквото однесување како нормално, што ги прави коруптивните процеси модел на нормално и секојдневно однесување, со отворено непочитување на законите, што води кон безредие и анархија. Постојат ситуации во кои народот не почитува определен закон заради неговата менливост и неприменливост, закон кој е спротивен на духот, традициите или моралот на општеството, но никаде правниот систем не бил толку разнебитен за да народот не почитува воопшто закони, никаде освен во Македонија и некогаш во Колумбија во времето на Ескобар.

По повеќе децении на вакво однесување и на политикантите, но и на народот, веќе не се доволни судски и општествени реформи, очигледно е потребно прво да се сменат менталниот склоп и менталната матрица на народот, за да можеме воопшто да помислиме на заживување на нормален правен и општествен систем.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ