Функционери во костуми, застанати со рацете прекрстени напред како фудбалерите кога прават жив ѕид по досуден слободен удар, партиски членови аплаудираат, новинарите бележат, чкрапаат апаратите, зујат камерите, голем е настанот. Направена е и пуштена во употреба шахта во општина Аеродром, пренесуваат медиумите, а функционерите гордо гледаат некаде во далечина, задоволни со себе и своето големо дело, пребројувајќи ги гласовите во себе на кои се надеваат по завршувањето на овој капитален објект. Веднаш по оваа информација на малите екрани се појавува насмеаниот лик на Еди Рама, кој објавува лансирање на два сателита „Албанија 1“ и „Албанија 2“. Скромно објаснува дека со ова Албанија прави голем исчекор во технологијата што ѝ овозможува побрз развој на земјоделието, следење на пожарите и сообраќајот и зајакнување на безбедноста на границите.

Со години политикантите кои се на власт најавуваат реформи во судството и лицитираат со моделите на реформите кои остануваат со години мртва буква на хартија и лажно предизборно ветување. Наместо реформи се продолжува со вдомување на партиски кадар секаде каде што законот бара „истакнат” правник, се лицитира со постапки и пресуди на најпримитивен политикантски начин и судството се користи да  го испорача клиентелистички она што од него се очекува. Албанија спроведе реформа во судскиот систем, оставајќи им на судиите можност за избор, да се подложат на проверката на нивниот имот и работење или да си дадат оставка. Многумина се решија за втората опција и засекогаш заминаа од судството. Можеби моделот кој го избра Албанија не беше најдобар, но донесе резултати со заживување на правосудниот систем и враќање на довербата на народот во судството.

Насмевки на лицата на гледачите, аплаузи, одушевување и неверување  дека пред нив се одвива втора најпрестижна велосипедска трка на планетава по Тур де Франс – Џиро Д’Италија, по првпат за 108 години на своето постоење тргнува од некоја балканска држава, а 15. пат не почнува во Италија. Неофицијално ова задоволство ја чини Албанија околу 7 милиони евра, за кои смета дека ќе донесат многукратна добивка и дека се добро вложени не само во промовирање на спортот и своите природни, културни и туристички знаменитости и нивно рекламирање туку и затоа што Џиро Д’Италија е маркетиншки најдоходовна трка на планетава. Во Македонија речиси и да не се размислува за спортот и не се издвојуваат средства, напротив по неколкуте афери во различните спортски федерации, особено во фудбалската, повеќе од јасно е дека средствата се злоупотребуваат и употребуваат за други намени, но не за развој на спортот. Како и во сè друго, како и во секоја друга сфера на општественото живеење и во спортот политиката е влезена во секоја пора. Единствено, за волја на вистината, со што можеме да се пофалиме се неколкуте традиционални трки и маратони кои ги организираат и финансираат неколку банки и приватни организации.

Додека ние отвораме шахти други лансираат сателити, додека други си ја  промовираат  и унапредуваат својата земја – ние ја загадуваме, ја уништуваме и разнебитуваме својата, додека други вложуваат – ние крадеме, додека други заработуваат и ја збогатуваат државата – ние позајмуваме пари и повторно крадеме, додека други се справуваат со беззаконието и корупцијата – ние само сè повеќе тонеме во беззаконие и корупција, додека други се гордеат – ние се срамиме. А сето тоа се случува на неколку чекори од нас во земја која некогаш беше пример за заостанатост, изолираност, сиромаштија и тоталитаризам, а која денес е десетици години пред нас и од која можеме само да учиме.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

ИЗДВОЕНИ