Сите ние посакуваме нештата во нашиот живот да се одвиваат на позитивен и хармоничен начин, но дали е возможно тоа во ова денешно време опфатено со многу борби и промени? Неподготвеноста за соочување со разните промени што станаа белег на современото живеење може да создаде големи тешкотии за воспоставување мир и стабилност во животот. Себеприфаќањето, позитивниот однос кон мигот на сегашноста, внатрешната хармонија и силниот дух се основните вредности за надминување на проблемите и за соочување со промените. Колку подобро управуваме со промените, толку похармонично ќе ни биде во животот.
Стабилноста на карактерот, непоколебливоста, жилавоста и решителноста во бранењето на сопствените права и вредности се силна брана пред налетот на разните негативни влијанија на околината.
Промените најчесто се тесно поврзани со проблемите. Кога се чувствуваме сигурно и стабилно со самите себе, тогаш најмалку сакаме да ни се случуваат промени и искушенија, кои би можеле да ни го нарушат комодитетот. Античкиот филозоф Хераклит има кажано: „Сè тече, сè се менува“. Тоа значи дека ништо не е статично, туку сè е подложно на промена. Ако е вечна промената, што е, исто така, вечно – проблемите. Промената е дел од животот, а животот е исполнет со проблеми. Луѓето не ги сакаат промените, бидејќи се плашат од проблеми и од потенцијални конфликти.
„Колку повеќе промени има, толку повеќе ќе се соочуваме со проблеми“, смета светски познатиот деловен консултант, Исак Адижес (роден во Скопје). Индустриската револуција и информатичката технологија предизвикаа сè побрзо да се случуваат промени и тие да создаваат нови начини на функционирање на општествен, економски и на социјален план. Социјалните мрежи во голема мера ја олеснија можноста за пронаоѓање партнери, но предизвикаа и растурање на многу љубовни и брачни врски. Односот кон семејните вредности почна да се менува, моралот сè поретко се пропагира и почитува, како и чувството за општо добро, духовноста и мудроста. Сите ние сè повеќе сме под удар на лошите егзистенцијални околности манифестирани низ опасноста од болести, немаштија, губење на работното место, негативни меѓучовечки односи, нарушување на приватноста и закана за безбедноста.
Денес стана исклучително тешко однапред да се планираат активностите и да се носат стратешки одлуки што ќе гарантираат сигурност и стабилност на подолг временски период. Нештата се менуваат со вртоглава брзина, така што современиот човек не знае што може да очекува и со какви искушенија, борби и тешкотии ќе мора да се соочува.
Колку се поголеми проблемите, толку посилно сме под удар на стресот и подложни на конфликти.
Соочувањето со проблемите создава конфликт, а секој конфликт предизвикува страдање. Конфликтот троши енергија. Болен е за сите, така што луѓето трагаат по решенија со кои би се спречила неговата појава.
Егзистенцијалната неизвесност предизвика животот постојано да биде исполнет со стрес, нервоза и со конфликти. Брзото темпо на живеење создаде притисок да се стигне, да се постигне, да се има и да се биде што побогат, поуспешен, статусно воздигнат, предметно определен и телесно задоволен. Моќта, парите и телото станаа сè, наметнувајќи ја тезата дека „ако немаш пари и моќ, ништо не си“. Но, дали парите, моќта и статусот може да ни го купат мирот во душата и да нè извлечат од празнотијата на духот, фрустрацијата и од површноста?
Копнежот за што повеќе и повеќе материјални добра го претвори човекот во роб на предметното и на телесното.
Опсесивната насоченост кон материјалното и тоталната предаденост на работата создадоа предуслови луѓето сè поретко да наоѓаат време за уживање, смеење и за споделување позитивни емоции со најблиските. Борбата за повисок стандард создаде послаб квалитет на животот низ гледна точка на недостигот на емпатија, време за себе, топли меѓучовечки односи, внатрешна хармонија, искрена љубов и посветеност на блиските.
Едно од главните прашања стана како да ги избегнеме притисоците и опасностите присутни во современото живеење и да останеме смирени, опуштени и насочени кон духовните вредности на животот.
Опасноста за психофизичката состојба на нашата личност се појавува ако не ги контролираме нашите желби, односно се прејадуваме; стануваме подложни на разни пороци и ниски страсти; постојано работиме и не наоѓаме време за одмор; дозволуваме да бидеме искористувани и експлоатирани од другите; се разјадуваме со негативни мисли; долг период трпиме надворешни притисоци и живееме на граница на силите, со нагон на самоодржување. Сите овие ситуации покажуваат дека е нужно да направиме коренити промени во нашиот живот и да престанеме да се самоуништуваме со практикување на негативната матрица на однесување. Промената е чин на мигот, така што не се потребни преголема мудрост, тактики и логики, туку се потребни одлуки и спроведување на тие одлуки во правец на афирмативната решеност за создавање позитивни промени во сопствениот живот.
Не е доволно да размислуваме за промените, туку треба и да дејствуваме и практично да ги реализираме целите.
Една од главните цели на човекот е да умее да управува со промените, да успее да се извлече од проблемите и да воспостави внатрешна хармонија.
Промената може да дојде однадвор или однатре. Патот кон внатрешната промена секогаш е поврзан со будењето на свеста, себеприфаќањето, ослободувањето од чувството на вина, позитивниот начин на размислување, личниот развој и препознавањето на сопствените вредности. Покрај промените, вечни се и проблемите, но и можностите за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Само кога нема да нè има на овој свет, ќе престанеме да се среќаваме со промени, проблеми и со можности. Да се живее значи да се решаваат проблемите, а духовно да се порасне значи да се биде способен да се решаваат поголемите проблеми. „Помал број проблеми не е знак за развој, туку за умирање“, напишал Исак Адижес. Според него, „малото дете има многу проблеми, старата личност што е на умирање има само еден проблем: како да остане жива“.
Секој проблем е прикриена шанса и секоја шанса може да биде прикриен проблем.
Проблемот е можност да научиме нешто и да станеме подобри во тоа што го работиме. Односот кон проблемите зборува за јачината на нашиот дух и за способноста да управуваме со промените. Кога не би постоеле проблеми, не би можеле да ја тестираме духовната сила и да преиспитаме колку вредиме.
Ако сакаме да ги претвориме проблемите во можности, неопходно е да ги спроведеме следниве чекори:
- да ја преиспитаме ситуацијата во која се наоѓаме;
- да одлучиме што да работиме;
- да веруваме во сопствените способности и ефикасно да ги спроведеме своите одлуки.
Многумина донеле одлуки во однос на пушењето, јадењето, неостанувањето до доцна во ноќта и други лоши навики, но, сепак, немале волја да ги спроведат тие одлуки во дело. За да ги решиме проблемите, мора да бидеме настојчиви, доследни и одлучни во реализацијата на промените.
Одредени лица не може да ги ефектуираат одлуките, бидејќи сметаат дека немаат доволно информации или се плашат да ризикуваат. Тие не сфаќаат дека најлошата варијанта е да донесат одлука дека не треба да се донесе одлука. Поентата не е да ја избегнуваме промената, туку конфликтот што го предизвикала промената да биде конструктивен, а не деструктивен. Сите промени не создаваат проблеми, особено ако правилно управуваме со промените и точно знаеме што сакаме и што треба да постигнеме.
Многу од промените се шанса за нешто ново и подобро, така што не треба да бегаме од нив, особено ако може да нè извлечат од лошите и неубави нешта во животот.












