КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: Водете љубов наместо војна

50
Зоран БОГАТИНОВ, новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија
Зоран БОГАТИНОВ, новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија

Како никогаш досега, оваа подзаборавена парадигма надвиснала врз судбината на Европската Унија. Децата на цвеќето од 60-тите години на минатиот век многу добро разбираа колку блискоста меѓу луѓето, емпатијата во човечкиот род, е клучна за опстанокот. Концертите на Вудсток беа пример сам за себе (sui generis). Либерализам што не се заборава, денови на инспирација, денови на себеспознавање. И тоа во период на студена војна, кога блоковските поделби апокалиптично се закануваа. И тогаш имаше разбирање меѓу светските првенци. Има ли сега? Не би рекол. На геополитичката карта се исцртуваат контурите на новата мултиполарна поделба, веќе нема униполарност или биполарност. На една страна е Русија со Брикс, на втората страна е Америка, повторно голема, потоа Кина, Индија, земјите од Далечниот Југ, африканските земји кои сè повеќе се наметнуваат поради ресурсите и поради растечкиот развој.

Светот се менува во самата суштина на зборот и тоа секојдневно, и според припадноста кон што се определуваат одредени земји на Јужна Америка, на Далечниот Исток, Индопацификот, сите се дел од светската игра. Земјите на Комонвелтот меѓу нив, водечките, Обединетото Кралство, Канада, Австралија не седат настрана. Но она што некогаш се преклопуваше меѓу Западот и НАТО, единственоста на Алијансата, сега е пред суштинска промена поради егоцентричната позиција на САД. НАТО има капацитети, но досегашното американско лидерство е доведено во прашање. А тоа е веќе мачка во вреќа, поради воениот воздухопловен транспорт и военоразузнавачките информации со кои располага единствено воената машинерија на Вашингтон.

Некако осамена, финансиски поткована, но военоодбранбено некадарна или со одбрана во самиот зачеток останува бастионот на поствоеното помирување, Европската Унија. Заложник на руската агресија врз Украина или на специјалната воена операција, според критериумите на Кремљ, Брисел, европската престолнина, тоне во сопствената стапица. Сè повеќе е очигледно дека се продлабочува внатрешниот јаз меѓу земјите членки на Унијата, војната во Украина не ги дава соодветните резултати. Русија води исцрпувачка инвазија во која парите на Европската централна банка се прелеваат на фронтот, без да им се знае трагата. Премногу коруптивни скандали во Украина, последниот со Јермак, десната рака на Зеленски, ја отвора дилемата колку и украинскиот претседател бил упатен во високата корупција на соработникот. Или уште повеќе, кому во Европа му одговарало вакво перење пари на европските даночни обврзници? Дали во играта се банкарските лоби групи на Европа, бидејќи се знае дека нема подобар бизнис од бизнисот за време на војна?

Брисел е сега исправен пред употребата на таканареченото квалификувано мнозинство за да ѝ се исплатат близу 140 милијарди евра на Украина за наредните две години за да му се спротивстави на рускиот воен комплекс. Или 50 милијарди веднаш, во спротивност, состојбата на неколкуте фронтови во Украина ќе натежне во корист на Кремљ. Како што вели Зеленски, во ек е модерниот начин на водење војна, со дронови, и доколку Киев остане покус поради недоразбирањата во Унијата, тогаш производството на беспилотните, убиствени летала во Украина ќе биде во застој, наспроти забревтаното руско инвестирање во модерниот начин на војување. Парадоксот е уште поголем, што воената руска машинерија треба при крајот на годинава да го стави во сериско производство на балистичките проектили „Орешник“ од кои нема одбрана, најави рускиот претседател. Ако веќе не бил и во воено оперативен. Тогаш Господ нека ни е на помош, ја видовме реакцијата на НАТО и на Европската Унија, молчешкум ја проследија штих-пробата врз главниот украински град годинава. Од една балистичка, „Орешник“ премина во дожд од проектили неколкупати побрзи од звукот. Во воената територија, ваквата канонада од која нема одбрана се нарекува „операција тепих“ што би се рекло трева веќе не расте таму каде што е изведен ударот.

Многу поиндикативно е што Европската Унија докрај не е сериозна поради ваквата состојба. Продолжува со истата тактика, се бараат нови пари за нови воени средства, се жртвува Украина, која сè повеќе губи територија додека не дојде до мировниот договор. Европа го турка Киев во бездна, дури и Путин најави можно освојување на црноморските пристаништа. Тоа значи пад на Одеса, и збогум на морскиот пристап на Киев. Зеленски мора да разбере дали Европа ќе може докрај да ја финансира одбраната од Русија која ја води исцрпувачката војна и со која се ослабува и позицијата, но и единственоста на Европската Унија. Она што се врти одоколу, на крајот, ќе ве стигне. И тоа се однесува на одредени земји членки на блокот, но и на некои земји кандидатки за членство.

Последните средби на украинско-американско и на руско-американско ниво на американска територија викендов нудат барем малку виделина. Очигледна е зачестената шатл-дипломатија во триаголникот Киев – Вашингтон – Москва која може конечно да вроди со плод, долгопосакуваниот мир. Сепак, на можниот договор се спротивставуваат парадоксите на територијалните откажувања на Киев од западните региони Донбас и Луганск, тука се и Херсон и Запорожја, стратегиската нуклеарка, најголема во Европа. Бројноста на армиските трупи на Украина се дел од непознатата и најголемата прашанка. Европа, односно двоецот Германија и Франција се напрегаат да распоредат европски мировници во тампон-зоната долж линијата на фронтот. Ставот на Москва е познат, мировниците се надвор од секој договор, можни се безбедносни гаранции за Киев, евентуално американски трупи , но во ограничен број. И еден Зеленски се согласува со напуштање на барањето за членство во НАТО, иманентно на ставот на Москва која веќе има освоено над 20 насто украинска територија. Затоа, Европа треба да размисли дали сака да продолжи како најсоодветен мировен проект по Втората светска војна или ќе се втурне во директен судир од кој враќање нема да има. Конечно, и Трамп му даде рок на украинскиот колега до Божик, 25 декември, да одговори на американскиот мировен предлог. Затоа, секогаш е попаметно да се води љубов наместо војна.

 

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ