И повторно Полска! Ќе доживее ли уште еднаш светот повторување на историјата? И дали ќе преживее овој пат? Безброј непознати што се наметнуваат по опасното заострување на конфликтот меѓу Украина и Русија. Едните тврдат агресија, другите специјална операција, како и да е, Европа е повторно на работ на постоењето. Откако паднаа на полска територија 20-ина беспилотни летала, кои беа дел од рускиот ноќен напад врз Украина со 415 дрона, откако беа затворени за сообраќај четири аеродроми во Полска, откако како никогаш досега беше нарушен полскиот територијален интегритет и суверенитет, премиерот Доналд Туск повика на консултации меѓу членките на НАТО за следните чекори на Алијансата. Со ова, тој го активираше членот 4 од Договорот на НАТО, кој ги отвора можностите за членот 5 од Уставот на Алијансата, во превод: напад врз која и да е членка на НАТО е напад и врз целата Алијанса. Овој член беше активиран само еднаш во историјата на Алијансата, од 1949 наваму, во случајот со нападот врз Светскиот трговски центар во Њујорк, во 2001 година. И тоа токму на 11 септември, пред 24 години. Инцидентите на полска територија, кои претпоставуваат и несогледливи последици, генералниот секретар Марк Руте ги нарече крајно опасни, нагласувајќи дека единствената безбедносна организација со 32 членки во светот е подготвена да ја брани секоја педа земја од териториите на НАТО-земјите. Европскатa Унија, која подготвува нов пакет санкции за Русија, но која посакува овој пат да ги искористи замрзнатите руски средства и имот за директно финансирање на Украина, нема различен став од Руте. Осуда пристигна од германско-францускиот водечки европски двоец, велат, стоиме заедно под чадорот на НАТО.
Дали е така? Лидер на Северноатлантската алијанса се Соединетите Американски Држави. Американската одбрана, која, случајно или не, Трамп ја преименува во министерство за војна, располага со два клучни фактора, суштински неопходни за водење војни. Тоа е военото разузнавање (intellegence) и „airlift“, односно воздушниот транспорт и воената авијација. Прашањето на активирањето на членот 5 од НАТО-договорот ќе антиципира вклучување и на САД во можната глобална војна, а тоа, според сите досегашни активности преземени од Трамп, се коси со неговата политика – Америка повторно да биде прва. Односно, да се работи на нејзината внатрешна изградба, да не се игра веќе улогата на светски полицаец, туку економски да се развива. Да се следи примерот на Кина, која ѝ е веќе силен економски конкурент на американската глобална економија. Уште повеќе, по толку разговори со Путин и со Зеленски за докрајчување на речиси четиригодишната војна, по средбата на Алјаска, по последната изјава на Трамп за блиско решение, не е за верување дека шефот на Белата куќа би дал зелено светло за глобално разгорување на војната. Особено кога пристигнуваат од Кремљ првите деманти за дроновите во Полска и поради последната изјава на унгарскиот премиер, Орбан.
Што рече популарниот Виктор? Планот за Украина е веќе на маса. Предлогот, според Орбан, се состои од: Источна Украина под контрола на Москва, вклучувајќи го и полуостровот Крим. Демилитаризирана тампон-зона за која Европската Унија бара испраќање мултинационален контингент мировници под водство на Пентагон (идното министерство за војна на САД) и третиот регион е Западна Украина, под контрола на Киев. Зеленски, по автоматизам, го одбива планот, зад него стои Европа, значи војната продолжува. Во однос на мировниците, пак, во изјавите, повеќето европски челници се против учество на нивните земји во ваква чувствителна мисија, за која шефот на Кремљ, Путин, одлучно е против со образложение: зошто ни се мировници ако се дојде до траен мир во Украина? Во секој случај, поделбата на Украина ќе отвори, исто како и војната во бивша Југославија или како во Ирак, уште една Пандорина кутија, но овој пат на европска територија, со сите најтешки зла што може да ги замисли планетава откако би се судриле нуклеарни велесили. Затоа, официјален Париз побарал пред два месеца да се изврши контрола на француските болници за можен прием на 15 до 50 илјади повредени во случај на глобален конфликт. Состојбата не е наивна, и во Македонија се правеа проверки на болниците на почетокот од третиот милениум, во пресрет на признавањето на Косово.
И сега зошто повторно Полска? Во 1939 година, германски единици преправени како полски граничари ги нападнаа германските, со што беше изнедрен поводот за почеток на втората светска катастрофа. Дали се повторува историјата или, пак, Москва испрати во Полска пробен балон за да го утврди распоредот на силите на НАТО во Полска, бидејќи дроновите биле урнати од авиони на Алијансата? Воедно, беше повикан и рускиот вршител на должност амбасадор во Полска да му се врачи официјална нота, а тој, по средбите, изјавил дека дроновите пристигнале од украинска територија. Дали е точно или не, ако некому му се посакува да се дојде до континентален, но и глобален судир за да ги затскрие финансиските манипулации и малверзации, економската криза во сопствената земја, конечно и падот на демократските вредности, тогаш целосно се неважни аргументациите за и против.
Европа е на работ и ќе мора да реши дали имаат приоритет преговорите за мир или, пак, ќе се оди на потегот што човештвото не го посакува. Многу повеќе ќе се знае во деновите што доаѓаат, најблиската средба на која се доближуваат воените линии на европските одбранбени сили и војските на Белорусија и на Русија е вежбата „Запад 2025“, која ја организира Минск, на своја територија, од 12 до 16 септември. Варшава веќе ја затвори границата кон Белорусија. И НАТО будно ќе ја следи состојбата, воената подготвеност е веќе подигната на највисоко ниво. Не е добро, преголема е концентрацијата на спротивставени војски во премала област.
(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)