Балканот е одново во фокусот на безбедносните предизвици. Триаголникот Република Српска – Србија – Косово, со одреден притисок од регионот и од Европа, ги разбуди сеништата на минатото. Во екот на етничкото чистење во 90-тите, на бившите југословенски простори во редуциран територијален обем, ровареа различни домашни или странски служби, кои и по 30 години ја немаат запрено активноста. Уште повеќе, последниве неколку месеци се засилуваат во интервали. Без да развиваме теорија на параноја, сепак е очигледно дека се на удар Белград и неговата политичко-безбедносна клацкалка Косово – Република Српска. По правило, српските безбедносни служби активираа состојби во Косово кога беше Република Српска во прашање и обратно. Во безбедносната наука, ваквите потези се дозволени, се создаваат таканаречени тампон-зони, кои може да влијаат во одреден момент за да се остварат националните интереси на домашен и на надворешен план. Неутралноста притоа е предуслов за постигнување на неможното.
Што се смени? Откако во Европската Унија беше нагласен елементот на проширувањето, односно влезот на Албанија и на Црна Гора за две, односно три години, Брисел го применува истиот план на тампон-зони кон Белград. Во Република Српска, постојаниот висок претставник на Унијата, Кристијан Шмит, преку Судот во Сараево, успеа да издејствува пресуда за тамошниот претседател, Милорад Додик, поради неуставни активности, наводно можно активирање на самоопределувањето на Бања Лука и ставање на Дејтонскиот договор ад акта, демек под тепих. Бура од реакции предизвика пресудата за притворање на Додик и во Република Српска, која има подготвено свои безбедносни сили доколку дојде до ескалација, но и во Србија, каде што, по кој знае кој пат, заседаваше Советот за национална безбедност. Состојбата е далеку од наивна, на Додик му е ограничена слободата на движење. Од друга страна, Косово не може да го конституира Парламентот за да може да се продолжи со разговорите околу спроведувањето на Бриселскиот договор со Белград. Случајно или не, Белград, од друга страна, нема преговарач, и тоа во време кога е Доналд Трамп шеф на Белата куќа. Да не заборавиме дека Курти, во претходниот мандат на Трамп, доцнеше и по еден час за потпишувањето на договорот со Вучиќ во Белата куќа. Сега Приштина нема Влада, нема преговарач, во застој е кој и да е обид да се натера да седне на маса и во време на Трамп да потпише контрапродуктивни договори за Косово.
Згора на ова, во регионот ѕвечкањето на оружјето зема замав. Хрватска со воена парада ја одбележува годишнината од воената операција „Бура“ во Книнска Краина, додека ден потоа, Србија возврати со постројување на своите кадети од Воената академија. И по триесет години, првите соседи, некогаш најдобри пријатели, некогаш непријатели, си испраќаат предупредувачки пораки. Двете држави од годинава, односно од наредната година, ја реактивираат регрутацијата за служење на воениот рок. Можеби, ова треба да биде итна тема за размисла и кај нас.
Зошто се случуваат вакви безбедносни комбинаторики? Мозаикот на политичките одлуки е комплексен, најпрвин мора да се оди според правилото да се види шумата, а не само дрвјата. Значи, зајакот се крие во некоја друга грмушка. Ако Црна Гора со чекори од седум милји се приближува кон целосно членство во Европската Унија, тогаш не може да биде далеку од вистината ако се каже дека претходно наведената тампон-зона кон Белград е спречување несакани потези на Белград кон евроинтеграцијата на Подгорица. Да се држи подалеку, зашто во Црна Гора од 600 илјади, речиси 40 отсто жители се просрпски настроени, силно е влијанието и на Српската православна црква, а и српскиот јазик е признаен во земјата. За да не се повтори Украина, каде што Кремљ бараше почитување на правата на руското национално малцинство, Шмит, како експонент на германско-француската двојка, ја оддалечува Подгорица од прегратките на Белград, преку Бања Лука и Приштина. Може да се надеваме и дека се случува или ќе се случува нешто слично со интеграцијата на Тирана, преку ќор-сокакот на релација Белград – Приштина.
Наместо заклучок:
Брисел игра по тенката линија на ризикот. Не избра полошо време од сегашново да притиска на Балканот, односно врз Србија, во време кога ниту е решена војната во Украина ниту кризата на Блискиот Исток. Создавањето безбедносни џебови, независно дали е тоа наменето кон Исток или кон Запад, особено кон Трамп, е играње по жица. Не би сакал да помислам дека повторно ќе бидам сведок на воени апсурди, на залудното загинување и раселување од пред триесет години, кога известував од боиштата на бивша Југославија. Зашто Србија сега пред себе ги има Хрватска, Црна Гора и Албанија, земји членки на НАТО. Од друга страна, Белград има солидни и постојани врски со Пекинг и со Москва. Генерално, не е добро за безбедноста кога ќе се најдат големите играчи на мал и невралгичен простор каков што е Балканот, тогаш малечките страдаат.
(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)