Ако светот веќе не е униполарен, а не е, не е ниту биполарен. Значи останува единствената можност, светот по Трамп стана огледало на мултиполарноста. Ова претпоставува оформување нови области на геостратешко влијание владеени од неколку центри на моќ. Не постои веќе терминот „светска влада“ и еден центар под чија капа, во овој случај Вашингтон, ќе доминираат варијациите на Билдерберг, Рокефелер, Сорос. На светската географска карта се исцртуваат контурите на новите политички или економски доминиони. Тие се дел од военополитичките потреси на планетава зад кои, преку интервенции, пучови, марионетски влади, неколкумина банкарски, военоиндустриски или други белосветски трговци ја имаа контролата над власта.
Најсвеж пример што е показател за богатењето со се повеќе дефицитарната нафта. Приграбувањето на ресурсите на Венецуела не се флагрантниот пример на кршење на меѓународното право. Каубојското однесување како на Дивиот Запад почна на почетокот од новиот милениум, кога Париз, под водство на Саркози, ја поделија на земјата на Либија богата и на Либија без нафта. Во земјата каде што социјализмот беше на највисоко ниво и каде што парата, поради високите услови за живот, немаше вредност и денеска владее хаос. Никој веќе нема слушнато за Либиска Џамахирија, водечка во областа на здравството. Така е и со Венецуела, она што можеше да го направи Франција во Либија заедно со сојузниците за да потоа не се исплатат 80 милијарди долари долг за нафта на Триполи, сега можеа да го направат американските нафтени џинови Венецуела под водство на шефот на Белата куќа и на силната воена машинерија.
Разграбувањето на енергенсите и на ретките минерали се прекрши и врз Судан. Воените планери пресметаа уште пред три декади дека Јужен Судан може да понуди повеќе во време на четвртата светска технолошко-индустриска револуција за да се задоволат апетитите на оние што ги диктираат глобалните промени, на конзорциумите, концерните, мегакомпаниите и на магнатите. Се црпи националното богатство на Јужен Судан, на младата африканска држава создадена во 2011 година, во која државата обезбедува над 90 насто од приходите преку нафтата и каде што веќе 15 години инфлацијата изнесува 50 насто.
И Украина не е подалеку од ноторната вистина за тековното присвојување на националните богатства. Модерните десперадоси нудат помош што ќе мора утре да се врати. и тоа дебело, преку плановите за реконструкција или преку воените репарации. И Украина е пред поделба на државната територија, богатството на земјата е на истокот, каде што се ретките минерали и железото, од кои, како што велат руските генерали, се прават руските топови и тенкови. Можеби, уште утре ќе се појави некој нов енергенс или минерал, како и да е, моделот е ист, само географските координати споредени со африканските земји се различни. Русија, најверојатно, ќе добие земјен појас до Крим и до седиштето на црноморската флота. Во спротивно, бесконечноста на војната се надвиснува како Дамоклов меч над Европа. И над НАТО, на кој САД, лидерот во Алијансата, сè повеќе му го вртат грбот.
Кога сме кај НАТО, Трамп и неговата најблиска администрација уфрли кукавичино јајце во гнездото на Северноатлантскиот сојуз, кој постои од 1949 година. Јајцето има име –Гренланд. Со него се прави нова можна трансформација на геостратешките сфери на влијание, кои беа и во надлежност на Алијансата. По условот од пет насто издвојување од бруто домашниот производ за воени потреби, новата закана за стабилноста на НАТО е во фактот што земја членка на НАТО се обидува да преземе географска територија од сојузник во Алијансата, која, иако е автономна област, сепак ѝ припаѓа на Данска. Состојбата не е наивна во време кога Алијансата на подготвените предводени од Париз и од Лондон, во чија заднина е Берлин, се обидуваат да инсталираат воени бази и мировници доколку дојде до мировен проект во Украина. И доколку Москва воопшто се согласи. Измешани се лончињата во време кога се влечат клучни потези и за Европа и за слободниот свет на западната демократија.
Примери за однесување на големите според народната кога играат слоновите, глувците страдаат има премногу. Треба ли да ја споменуваме тука Југославија, во 90-тите престана да постои државата, пред сè со инсталација на странски служби и со независност на Словенија и на Хрватска, а потоа со нападот на одреден број земји на НАТО-земјите, кои извршија напад врз суверена земја за која Обединетите нации немаа донесено резолуција или правна рамка за спречување на натамошните насилства, како што го правеше претходно тоа меѓународната организација на Ист Ривер во Њујорк. Овде не станува збор за југоносталгија, туку за штих-проба на суперсилите за да се испроба соларниот плексус (мекиот стомак) на светското јавно мнение дали може да направат преседан во меѓународното право. Оттогаш и затоа е мртво меѓународното право. Обединетите нации во севкупниот моментум се провизориум од меѓународна организација што само на хартија ги штити правата на сите држави членки подеднакво. Некогаш имаше сини шлемови, кои го симболизираа мирот, таквите мировници веќе одамна се мислена именка. За да им се врати меѓународната улога, на ООН му требаат суштински реформи. Тоа нема да се случи поради Советот за безбедност на Обединетите нации, чии политички ставови и материјални интереси се дијаметрално спротивни. И поради долгот кон ООН на суперсилите.
И сосема на крајот, едно каубојско однесување предизвикува друго, и така во недоглед. What goes around, comes around. Што се врти околу, на крајот те удира по главата (слободен превод). Теоријата на бумеранг-ефектот е позната во геополитичките маневри на планетава. Американското забодување на знамето во Венецуела, како во времето на Дивиот Запад, правопропорционално претпоставува дека и на другиот крај на светот, на Далекиот Исток без пардон може истото да го направи? Ќе се воздржи ли Кина истото да го стори со Тајван? Територијата и така е кинеска според принципот на единствена Кина. На амбисот на новите воени жаришта, суперсилите играат по работ на планетарниот опстанок. Малите, како и досега, се обични статисти.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












