петок, февруари 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: На Запад нешто или ништо ново?!

КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: На Запад нешто или ништо ново?!

54
Зоран БОГАТИНОВ, новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија

Два настани го обележуваат обидот за преобразба на западната геополитичка структура. Во немилост на растечката мултиполарност спротивна на плановите на поранешната трансатлантска блискост и создавањето униполарен поредок со светска влада во Брисел и во Вашингтон, неформалниот европски лидерски самит во замокот во Ајден Бизен во рурална Белгија и 62. Минхенска безбедносна конференција ги демонстрираат зачетоците на скршнувањето на ЕУ и на НАТО од досегашната трасирана патека. Поентата на лидерскиот самит во Белгија, првпат одржан надвор од Брисел или од Луксембург, но затоа на само 15-ина километри од историскиот Мастрихт, Холандија, каде што во 1992 година беа втемелени столбовите на идниот европски блок, наречен Европска Унија во 1993 година, со единствена валута, европско државјанство и проширена соработка заснована на заедничката надворешна политика, безбедноста и правдата, е повеќе од јасна. Европа сака да се врати на своите прапочетоци. Да дефинира кој е навистина за целосна припадност и лојалност во Унијата.

Затоа сè повеќе се зборува за европски блок во две брзини. Во превод тоа значи: имате предлог на масата и оние што можат да го реализираат го прават тоа и влегуваат во првата група заслужни за идејата за обединување и втората група, која не е во можност или која се противи на предлогот, што припаѓа на втората брзина. Нелојална брзина во Унијата. Како што е веќе видено, во Унијата веќе има членки што противречат на слепото почитување на насоките поставени од двоецот Берлин – Париз, тука се Чешка, Унгарија и Словачка, но и други земји што сметаат дека Европа длабока навлегла во стапицата наречена Украина. Затоа унгарскиот премиер, Орбан, на средбата во замокот уште еднаш побарал парите од украинското блато да се пренасочат кон развојот на сопствените држави. Како и досега, останал малцинство поради комформизмот и бирократизмот на таканаречената европска елита. Сè додека не им дојде преку глава на повеќето европски лидери. А, денот може да е и повеќе од блиску, Трамп веќе даде рок до јуни годинава Москва и Киев да постигнат мир.

И покрај сè, воените барабани не мируваат. Консумерското општество ги премина границите на обичното пазарење во самопослуга или, пак, во специјализирани продавници. Сега се оди на поефикасно и побрзо богатење. Има ли подобра шанса од военото лиферанство и продажбата на скапото вооружување или од враќањето на служењето воен рок? Очигледно е, нема. Така, Полска реши да ја ревитализира војничката резерва. Половина милион Полјаци се ставени во постојана воена готовност поради агресивната политика на Москва, која уште еднаш повторува дека нема никакви територијални апетити кон Европската Унија. Хрватска, во екот на создавањето некои нови балкански воени сојузи, ќе инвестира во производството на дронови, до милион годишно, според барањето на купувачите од Катар. Стои ставот дека според урнекот на Русија, и европската се претвора во воена индустрија. Какви беа последиците од забрзаното вооружување пред 1940, никому не му е грижа, особено не на оние со сè подлабоки џебови, лидерите на военоиндустрискиот комплекс во светот. Уште повеќе, по 15-ина години, САД и Русија решија дека популарниот СТАРТ, договорот за контрола на атомското оружје, веќе нема константа и смисла. Отворени се портите за беспримерна трка на ова крајно ризично поле, кое, низ примерите во историјата, донесе предапокалиптични последици.

Во ерата на новите геополитички случувања, европската одбрана доби уште една американска шлаканица. По повеќе од осум децении, војската на САД се повлекува од Стариот Континент. Американската база во Норфолк ја презеде британската војска, со американската во Холандија наизменично ќе управуваат Полјаци и Французи, со базата на Сицилија – Италијаните. Во Европа има 38 американски бази со околу 85 илјади војници, суверенистичката политика на Трамп налага предавање на одбраната на Европа, во наредниот период Брисел ќе мора да ги преземе од Вашингтон собирањето на разузнавачките податоци и логистиката. Тоа ќе биде предизвик што, можеби, и ќе биде невозможно да се надмине, зашто единствени земји што може да се справат со него се Франција и Германија. Тоа значи дека Париз и Берлин ќе бараат и воено лидерство во рамките на европската одбрана, за што веќе има недоразбирање и мрморење кај другите членки на Унијата.

Во мозаикот на парадокси пред кои е исправена Европската Унија, која и натаму се обидува да води глобалистичка политика, е политичкиот раскол со Вашингтон, ослабената позиција на НАТО поради американскиот суверенистички став, внатрешните судири меѓу западните демократии, судирот меѓу САД и Кина, војната во Украина, миграцијата, севкупната политичка поларизираност, која произведува какофонија на единственоста во ЕУ. Минхенската безбедносна конференција е класично огледало на светскиот поредок. Но, и таму се случуваат непосакуваните исклучоци наметнати од Вашингтон. Во Минхен не дојде американскиот секретар за војна, Пет Хегсет, американското ниво на почетокот на конференцијата е спуштено со учеството на шефот на одбранбената политика во Министерството, Колби, со кого што и генералниот секретар на НАТО, Руте, беше принуден да одржи прес-конференција. И таму клучниот одбранбен американски стратег му префрли на Руте дека НАТО не смее да биде зависник од САД, туку достоен партнер. Не кажа како претходниците дека САД секогаш ќе ги поддржуваат НАТО и безбедноста на Европа. Во превод, ние заминуваме, вие гледајте си го сами сеирот. И за тоа Руте мораше да му се заблагодари на Колби, по примерот на Зеленски кон Трамп во Белата куќа, да не се налути големиот шеф во Вашингтон.

Европа мора еднаш засекогаш сериозно да му пристапи на американското предупредување. Светот во кој живееме брзо се менува, предупреди државниот секретар Рубио пред својот говор на Минхенската безбедносна конференција. Дополни и дека светот сега се наоѓа во нова геополитичка ера и дека сега сите клучни играчи треба да се преиспитаат каква ќе биде нивната улога во новата геополитичка „претумбација“.

Кој разбра, разбра. За недоветните, може да се појасни. САД полека се претвораат од учесник во набљудувач на европската судбина. Затоа францускиот претседател, Макрон, се залага за независност од политиката на САД, додека генералниот секретар на Алијансата, Руте, е за зацврстување на трансатлантските врски. Вели, не биле никогаш поважни од денес. Берлин, пак, сака да дефинира на конференцијата кој е столбот што ги држи заедно сојузниците во Алијансата.

Во морето од желби и ставови, Москва најави нови трилатерални разговори со Киев и со Вашингтон, на 17 и 18 февруари, во Женева. Малку светлина за светот, можеби по четири години мрак, убивање и разурнување, кое почна на 24 февруари, ќе се постигне долгоочекуваниот мир. А, потоа до видување до следната војна.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ