КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: Кој е за мир, а кој за војна?

1
Зоран БОГАТИНОВ, новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија
Зоран БОГАТИНОВ, новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија

Втор мировен предлог за војната во Украина, овој пат американски, но разликите остануваат. Границите се исцртани, Европа ги прифаќа, од друга страна тврди дека се неспорни суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Кој лавира сега во целата воена рашомонијада, која одзема и по седум илјади животи неделно, со материјална штета од неколку стотици милијарди евра? Досега. Да не зборуваме за воената психоза за која ќе биде неопходно предолго време барем малку да се излекува. Генерации раселени и емигрирани, странци во сопствената земја на кои татнежот на воените орудија им е секојдневие.

Ако ја следиме историската логика, војната, за Русија, е дамнешна навика. Треба ли да се прочита „Војна и мир“ од Толстој за да се разбере рускиот менталитет, за да се влезе во материјата на преголемата руска територија, стапица за секој непријател. Или, пак, да се повтори лекцијата од руско-финската војска во 18 век,кога Финска, далеку воено поподготвена, сепак била поразена. Зошто? Затоа што, според рускиот император Петар Велики, руските коњаници можеле да спијат во седлата на коњите за потоа да продолжат со војната. Не ја напишале и испеале „Простувајте Славјанки“ во текот на Големата војна, кога се испраќале царските војници на Балканот за да помогнат против армадите на Кајзерот. Или најсвежиот историски пример од Втората светска со повеќемесечните и повеќегодишни опсади на Сталинград, Курск, Москва, Ленинград. Овие факти немаат цел да ја глорификуваат Русија, едноставно земјата има континуитет во воената историја. Русија, исто така, ги нагласува сопствените заслуги околу ослободувањето на светот од нацизмот, мрачна тема против која се немаат докрај изјаснето одредени европски центри.

Украина е земја што има свој интегритет и свој суверенитет, таа не може да се откаже од територија што недвојбено ѝ припаѓа, од Доњецк, Луганск, Крим, Запорожје и Херсон. Последните две области не беа во претходниот мировен договор од Истанбул, така што може да се заклучи кој географски победува досега на картата на Украина. И освојува нови територии, кои се дополнуваат во новите предлози на мировните договори. За претседателот Зеленски, залакот е премногу голем, ако го прифати американскиот план, ќе мора да оди на избори, на кои ќе му биде неизвесна судбината, ќе мора да се согласи за 600-илјадна војска, нема приклучување кон НАТО, нема тампон-зона во регионот на Луганск и Доњецк, нема распоредени европски војници, зад што стои францускиот претседател, Макрон. Истовремено, залакот е преголем и за европските челници. Доколку Зеленски падне, во Европа ќе почне поставувањето на прашањето: „Зошто и каде дадовме стотици милијарди евра кога не беше испорачан очекуваниот резултат?“ И тогаш соочувањето со таканаречениот домино-ефект ќе биде неизбежен. Европа е свесна за тоа, каков потрес би ѝ претстоел, како ќе мора да абдицира постојната номенклатура на власта, затоа ги редуцираше 28 точки од планот на Трамп, рака на срце, благонаклонет на Москва, на 19. Ова „не сакајќи“ го дознаа некои реномирани светски медиуми.

И тука почнува битката да се зачува моменталното статус кво, кое, по освојувањето на украинскиот логистички центар во Купјанск и наредниот во Покровск, не е толку оптимистично. Европа смета дека членството на Киев во НАТО е еден од предусловите за мировен договор, Москва возвраќа: тоа значи инсталација на воени бази на Алијансата, тогаш проектот не е мировен. Брисел го зголеми влогот и со бројноста на украинската војска од 600 на 800 илјади. Тоа е, сепак, неотуѓиво право на Киев, но Брисел и НАТО ја финансираат украинската одбрана, тие ги поставуваат рамките во кои може да се движи Зеленски. И она што е најчувствително за Москва, распоредување на НАТО и на европски трупи, мировници во просторот на раздвојување меѓу украинските и руските војници, каде што ќе доминираат европските, германските и француските трупи, со поддршка на британските трупи. Кога се војските толку блиску и се гледаат преку нишан, само една искра може да доведе до нов воен оган. Кој го посакува тоа, Европа (со исклучоци) или Русија? Кому му треба нова, пострашна војна, војна на која нема да ѝ се наѕира крајот? Која ќе го втурне светот во уназадување од повеќе векови, ако воопшто и постои човештвото.

Војната најмногу им одговара на воените лиферанти, зашто во време на воени конфликти, секое ново парче оружје е добредојдено. И муниција, која недостига. Набавувачите инкасираат најмалку 30 отсто провизија, покрај тоа, продажбата и шверцот на тутун и на алкохол има предност. Лековите, исто така, значат дека војната најмногу им одговара на воената, фармацевтската, тутунската индустрија и на индустријата за производство на алкохолни пијалаци. Брзиот и огромен профит е пред мировниот договор, спасувањето на сопствената глава, за одредени политичари, е цел сама по себе. Тука не се прави разлика. Не е сè уште заборавен скандалот во Украина поврзан со проневерата на 100 милиони американски долари во енергетскиот сектор, во која беа вклучени високи јавни личности во земјата. Најновата афера е дека антикорупциската комисија и специјалниот обвинител (САПО) за овој вид криминал вршат претрес во домот на Андриј Јермак, најблискиот советник на Зеленски. Јермак, што е уште почудно, е главниот преговарач и емисар на украинскиот претседател во преговорите за изнаоѓање мир во Украина. Овој скандал доаѓа во време кога Јермак и украинскиот шеф на Генералштабот треба да патуваат во Вашингтон поради најновите мировни предлози. Советникот на Зеленски е познат и по искажаниот став дека „сè додека е Зеленски претседател, тој нема да ѝ потпише територијални отстапки на Русија“. Тука, можеби, се поставува и главното прашање поврзано со аферата: од каде дува ветрот, од Брисел или од Вашингтон? Москва тука, се чини, е релаксирана, само чека што ќе се случи. Подготвена и во меѓувреме освојува територии.

Има ли тогаш надеж за планот на Трамп, за кој, најверојатно, бил запознаен и Путин при нивната средба во Енкориџ, Алјаска? Ако се оди по линијата на евроатлантската соработка, во која лидер е НАТО, но и сè повеќе Лондон ја презема водечката улога, понудата на Белата куќа поставува дилеми, кои му одговараат на Кремљ. Доколку биде одбиен, Москва нема да застане со воената операција. Наспроти ова, успехот на првичниот план на Трамп ќе отвори простор за можна политичка дестабилизација на Европа. На потег е Зеленски, на кого е конечната одлука кој предлог ќе биде прифатен. Од него зависи дали ќе ја зачува земјата или, пак, ќе се согласи за менување на државните граници. Преголем товар, ако не се реши брзо, можно е на крајот, која и да е страна, американска или европска, да му понуди нешто што нема да може да го одбие. И тогаш ќе се делат нови карти од шпилот во кој Украина е најголемиот влог.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ