Театарот на апсурдот е флоскула измислена токму да ја обележи состојбата во која сите засегнати коментираат, наддаваат, комбинираат, претпоставуваат и, конечно, доаѓаат до состојба на резултат од комплетна нула. Во слободен превод и како дел од театрологијата, станува збор за движење во светот на драматургијата во дваесеттите години од минатиот век со кое се изразува бесмисленоста на човечкото постоење кога е бесцелен животот. Ве потсетува ли ова на состојбата во Европа, блок што се отепува од заседавање, од средби и од прес-конференции, за на крајот да донесе решенија што се надвор од здравата логика? Имено, во време кога гори светот, кога се подготвуваат сериозните за третата голема војна, кога нема на повидок решение за украинско-руската војна, наместо Брисел итно да интервенира и да се обедини околу каузата на своето самопостоење, да работи на безбедноста и да ги затвори еднаш засекогаш и итно таканаречените надворешни граници, Унијата се занимава со исполнување на ситнодржавничките желбички изразени низ билатералните спорови, признавања или непризнавања на државности или, пак уривање, на постојни договори како што е Дејтонскиот.
На Балканот провејува старата добра мисла, барем сè уште. Кон докажаните пријатели се однесуваме пријателски, со оние што не се тоа, проработува балканскиот инает. И тогаш нема крај. Создавањето на безбедносните џебови, црните дупки со Македонија, Србија, Косово и во Босна и Херцеговина, отвора нов простор за нечии интереси, и тоа не мора да биде единствено рускиот или кинескиот. Зашто, колку за пример, кога се освојувал Дивиот Запад во Америка, парцелата ја добивал оној што прв ќе го забодел копјето со името на својот ранч. Европската Унија полека го зазема епитетот далеку од прва, бидејќи го проголта јадецот со балканскиот инает, кој е стапица за секој недобронамерник, но не и за народите што ја засновале егзистенцијата, низ историјата, токму на инаетот, кој со време преминува во тврдокорност. Полека, но сигурно се ладат страстите да се биде дел од Европската Унија, која во последно време, очигледно, покажа дека ѝ недостига геополитичка стратегија. Иако навидум на последниот состанок Европскиот совет полека почна да ја учи лекцијата со заедничката одбрана, по што побара повеќе пари и планирање за побрзо и пофлексибилно вооружување и инвестиции во одбранбената стратегија, сепак, во делот на оваа чувствителна област ЕУ, ако не е НАТО, и нема некоја поизразена функција или капацитет. Нема единственост на командувањето, далеку е од создавање заеднички воени бази, недостига оружје, како и муниција. Ова го потврди и генералниот секретар на НАТО, Руте, особено за муницијата, информирајќи за само 25 насто пополнетост на потребите. Нормално, Европската Унија, особено во последните 30 години, беше економски, а не воен блок. Војната е, сепак, материја што не се учи прекуноќ. И ако веќе станува збор за непријателот баќушка, да не заборавиме дека руските војници веќе четврта година имаат непроценливо воено искуство во Украина, бази на Арктикот, воената индустрија е крајно дискретна, не се знае со што располага Кремљ.
И повторно за театарот на апсурдот. Кога не е временската нишалка на страната на човештвото, кога се докажува тезата дека безбедноста, индивидуална или колективна, мора да се третира како наука во која мора постојано да се вложува, Брисел дејствува сосема спротивно. Со запоставувањето на Македонија и на другите земји кандидати во процесот на проширување, со признавањето на наметнатите услови на земјите кандидати од земји членки, се прави суштинска, непоправлива грешка. Ако веќе создаваат безбедносни џебови, тогаш ЕУ треба да знае и дека и повлекувањето е стратегија. Не ќе може војската на ЕУ слободно да се движи насекаде низ Западен Балкан, едноставно зашто политичко-безбедносниот статус ќе биде непремостлива бариера. Профилот на земјите зборува сам за себе: Македонија е членка на НАТО, не е на ЕУ, Србија не е ниту на ЕУ ниту на НАТО, Косово и Босна и Херцеговина се во иста состојба. Зошто е клучно ова? Зашто колку и да си или не си подготвен за војна, на војската ѝ требаат територија и небо за слободно движење, тогаш во средината на Европа, воената логистика или заднина, е едноставно неостварлива. Без компактност – нема единство, без единство – нема слога, без слога – нема ни операционализација на военото командување.
Ова се ненадминливи дубиози за Европа за кои нема решение и според кои на Европа не може да ѝ се пишува добро. За потсетување, излегувањето на Лондон од Европската Унија, непопуларниот Брегзит, се случи во време кога ѝ се закануваше на Европа коронавирусот, специјална биолошка војна или во европските кулоари се претпоставуваше конфликтот во Украина. Велика Британија е единствената европска нуклеарна велесила, покрај Франција, со арсенал што не е соодветен на рускиот. Но, Велика Британија не е веќе дел од ЕУ, нејзината одбрана, и покрај Сојузот на подготвените, создаден поради Русија, сепак, има самостојност.
Во вакви не баш розови околности, Брисел се реши да игра според старите ноти. Раштиман оркестар кому му конвенираат историските анахронизми за непостоењето на една нација, македонската со вековна традиција и идентитет, со вплеткувањето во замрсениот јазол на релација Приштина – Белград, со обидот да се разреши „босанскиот лонец“, кој беше една од причините за војната во социјалистичка Југославија, но и за повеќе војни претходно.
На Европа ѝ треба војска, ѝ требаат војници, ѝ треба територија за слободно движење на континенталните одбранбени сили и затоа не може театарот на апсурдот да биде префериран пред изборот: војна или проширување? Европската бирократија мора да се стреми кон клучни промени за овие прашања за да може да го унифицира сопствениот територијален интегритет. Редно е, не може од политичките одлуки да зависи интеграцијата на државите, туку од заедничката цел на постоењето на Европската Унија, која покажа дека е мировен проект без преседан. Времето, неумолива и неповратна категорија, забрзано се менува.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












