Македонската држава сè повеќе личи на познатата флоскула – сито и решето. Ако превенцијата, односно спречувањето е мајка на безбедноста, кај нас повеќе наликува дека е потатко или помајка, очув или маќеа. Зошто? Во животот постојат не само контраразузнавачка или разузнавачка туку и различни нивоа на безбедност, информативна, образовна, историска, здравствена, социјална, дипломатска. Хоризонтот за безбедноста како наука е отворен. Очигледно кај нас прелетуваат информации, дури и би рекол и цели книги кои ја поткопуваат македонската државност.
Ноторен пример е книгата „Историја на Македонската архиепископија“, двотомно издание, кое дури вашиот колумнист се израдува да ја купи, без да ѕирне кој е издавачот на делото. Кардинална грешка, Бугарската агенција за развој стои зад издавањето остварено преку македонска издавачка куќа, и дури заведено во номенклатурата на Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје. И во такви околности некој, особено младите генерации на Македонија, ќе прочитаат за бугарските корени на Македонската архиепископија, за бугарското искривоколчување на вистината за Охридската Патријаршија, една од најстарите патрони на македонизмот, чие основање се поистоветува со втемелувањето на Антиохиската, Солунската, Киевската. Навистина е тешко да се проголта дека некој се обидува да докаже дека не си тоа што си, а некој овде му овозможил тоа да го прави.
И така, наместо ерудитите, желни за знаење да се насладуваат на информациите кои треба да се столбови на себеспознанието, во корените на Охридската архиепископија ќе прочитате за бугарските цареви кои во Преслав ја создале западната бугарска црква (Охридската) чие седиште најпрвин било во Воден, потоа во Преспа, на крајот Самуил да ја востоличи во Охрид. Уште повеќе, и Самуил бил бугарски цар, таков е третманот во книгата, каде што е дури препознаен како убиец на Византијците кои биле против Бугарите. И сето ова минува без некој да нотира што навистина се случува во образовната, во историската, во книжевната област. Кога Бугарите навистина се појавуваат на овие територии? Навистина правото на информирање е неприкосновено, но сепак приоритет има правото да се дознае вистината. Не секоја, само онаа со аргументи, пред која и Боговите се поклонуваат. Но што останува со младите генерации што сакаат да читаат, кои ќе дојдат до овој парадокс, корени на Македонската архиепископија кои се сосема спротивни на корените на Охридската архиепископија кои ја изучуваат во македонските образовни институции. Замислете сега Харвард, Кембриџ, Оксфорд, Ломоносов, Вест Поинт да им велат на своите ученици дека вистината има повеќе лица. Прв резултат ќе биде раѓање на сомнежот, а сомнежот ја урива вербата во себе, во сопствениот фундамент на постоењето.
Наместо заклучок:
Македонија веќе подолго време минува низ период во кој ефектите од неколку потпишани договори со таканаречената западна демократска заедница ја изместуваат земјата од планираниот колосек на создавање благосостојба за сопствените граѓани. Се зборуваше за името, името го сменивме. Се зборува за идентитетот, не би сакал да помислам дека истото може да се случи кога некој ќе најде погодна личност во земјава за да ја заврши валканата работа во наводно име на повисоките државни интереси. Не мора сега и веднаш, туку како и во претходниот случај, по добри 20 години каскање. Да не заборавиме дека во некои поранешни времиња се говореше за црвени линии, за еквидистанца, за создавање пријатели и лоби групи насекаде во светот. Ако е и до Европа, членството нема алтернатива, но уште повеќе македонската државност е скапо остварена, можеби повторно по илјада години. Таа нема цена.
(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)