КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: Добре дојдовте во Македонија – земја на договорите (2)

150

Кога во една земја меѓународните договори имаат приоритет пред домашното право, постигнатиот резултат е контрапродуктивен на националната кауза. Овде не се осврнувам на оние меѓународни акти со кои Македонија ја вградува својата државност, како оние во Обединетите Нации или евроатлантските институции, за асоцијациите кои се дел од генералните правци на македонската надворешна политика. Напротив. Земјава веќе подолго време е на удар на наметнатите спогодби со своите соседи, но воедно и во самата држава се отворија можности за компромиси. А по компромисот, велат нема задоволни. Оттаму, ако веќе сме граѓански владетели на сопствената државност, кои ги бираат на демократски начин своите лидери, тогаш дали може да се предусловува напредокот на земјата со собранискиот застој наречен Бадентер или, пак, она што досега го нарекуваа балансер. Може ли квантитетот да има предност пред квалитетот? И уште повеќе, несоборлив факт е дека и гласањето според Бадентер не заживеа на локално ниво. Имате ли чуено дека во некоја општина се користел овој механизам воспоставен по предлогот на францускиот уставен судија?

Плаќањето на данокот на неискуството, или уште повеќе, на внатрешната неслога, некој би рекол и заштитата на личните, материјални наместо колективните интереси во Македонија, продолжи и на меѓународната правна територија. Брзоплетите политичари, некој вели дека и богато се офајдија, за да потоа исчезнат од пред лицето на правдата, нè доведоа во состојба во која сега се наоѓаме. Македонија, членка на НАТО, самата се прашува кој и каков ѝ е идентитетот по нарачка на дел од сојузниците во Алијансата. Преименувана во Северна Македонија, небаре треба и самата Библија поради Павле и првата крстена жена Лидија во близината на Драма да се менува, земјава ги промени сите табли и наслови со новото наметнато име. Грчките власти на границата го направија истото, но наместо новото име си напишаа Скопја. На новите табли пред Меџитлија пишува Bulgarie и Turkiye. За нас Скопја, можно е тоа да биде најновото, следно име на земјата. Уште една кнедла за Македонија, мафијашки настап – ќе ти понудам нешто што мораш да прифатиш.

Сега на ред е договорот за пријателство со Бугарија. Со дипломатски речник кажано, елегантен назив за поткопување на македонската самобитност. Ако се зборува со воен речник, сложена психолошка операција за ерозија на самосвеста кај Македонците, да се прашуваш кој си и што си, дали си учел вистинска историја за себе, од каде ти потекнува мајчиниот јазик. Ова е опасната, трусна почва која по системот на сврзани садови, се остварува последователно. Со Преспанскиот се брише името на земјата, со источниот сосед се редефинира македонскиот јазик, идентитет, историја. Еден кандидат за градоначалник за Куманово постави интересна теза. Да се вметнат Бугарите во Преамбулата на Уставот, на тој начин веќе Бугарите би станале дел од народ кај нас, но и би се направила јасна разлика меѓу македонскиот народ и бугарското малцинство. Логично и се чини исправно, нo дали е така? Има една британска поговорка која вели – сè што е логично не значи дека е исправно. Ако се познава материјата со бројот на бугарските пасоши поседувани од македонски државјани, гарантира ли некој дека утре нема да се бара основање на партија на Бугарите во Македонија, која по влезот во Собранието, поради бројноста може да има и член за координација на состаноците кај Претседателот на законодавниот дом.

Наместо заклучок:

Што е следното? Ако продолжиме со договарањето и преговарањето за и околу нашата државност, тогаш треба да очекуваме дека ќе се отворат поглавјата за правосудството и владеењето на правото, 24 и 25 со Европската Унија. Дали е така? Во најава е брзиот прием на Албанија во ЕУ во 2027 година. Може ли Тирана да постави сопствени услови со кои ќе се зацементираат барањата на своето малцинство во Македонија, независно колку и да се противречни на Уставот? Впрочем, не беше ли Уставот во последниве речиси четвртина век на ударот на сите овие внатрешни и билатерални договори? Во хронологијата на уставните измени не сретнав досега земја која толку пати за толку кусо време го менувала највисокиот правен акт. И да не го заборавиме факторот време. Тоа е неумолива категорија која се покажа дека, поради личните интереси на поединци водачи во земја, не работеше за Македонија. Во меѓупросторот на категоријата време, Македонија се соочува со сериозни предизвици. Загубеното време не се враќа, но и да се почека е доблест во националната политика. Конечно, мора да се создава критична маса која ќе го распознава доброто од лошото.

(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)

 

ИЗДВОЕНИ