вторник, февруари 24, 2026
Дома КОЛУМНИ Колумна Рокас и Дир: Четири години од целосната војна на Русија против...

Колумна Рокас и Дир: Четири години од целосната војна на Русија против Украина

Ова не е само војна против Украина. Фронтот во Украина е европскиот фронт. Украина не ја брани својата територија. Таа го брани начелото што Европа и светот не можат да си дозволат да го погазат: дека границите не се предмет на преговори со сила и дека луѓето не се адут за преговарање

90
Заедничка колумна на амбасадорите на Европската Унија, Михалис Рокас и Украина Лариса Дир, во Република Северна Македонија
Заедничка колумна на амбасадорите на Европската Унија, Михалис Рокас и Украина Лариса Дир, во Република Северна Македонија

Пред четири години, на 24 февруари 2022 година, светот се промени засекогаш. Она што Кремљ го планираше како „тридневен блицкриг“ се претвори во 1462-дневен херојски отпор од страна на украинскиот народ. Соочени со брутална, целосна инвазија што уништува животи, разнебитува судбини и ја разорува земјата, Украинците секојдневно му пркосат на планот на Русија да го збрише украинскиот народ.

Ракетите и прекините на електричната енергија предизвикани од руските напади врз објектите на енергетската инфраструктура веќе не се ништо ново, но тоа не ги прави помалку разорни. Секој удар и понатаму уништува животи, секој прекин и понатаму повредува цивили, семејства, деца, стари лица. Русија секојдневно нишани на пешаците, цивилите, станбените згради, јавниот превоз, медицинските установи и на спасителите. Беспилотните летала се користат за следење, лов и тероризирање на луѓето. Оваа војна продолжува да дефинира животи, да нанесува болка и страдање, а на европското тло ги врати сцените за кои долго мислевме дека се оставени зад нас.

Зимава, Русија повторно го употреби студот како оружје. Но овој пат, уште побрутално. Енергетската инфраструктура беше цел на напади, што доведе до дополнително влошување на тековната енергетска криза во услови на температури под нулата. Поради масивните напади, во енергетскиот сектор моментално на сила е вонредна состојба. Градовите се потонати во темнина. Семејствата бираат помеѓу топлината и безбедноста. Циклусот на уништување претставува дополнителен товар врз напорите на земјата да ја поправи својата енергетска инфраструктура, особено во состојба на сурови зимски услови. Ова не е колатерална штета; ова е намерна стратегија на сеење страв. Зимата веќе не е годишно време; стана оружје на бојното поле.

А сепак, и во услови на ваква реалност, зборот „мир“ сè позачестено се изговара како да е одвоен од одговорноста. Како да може да оди рака под рака со напади врз цивили.

Русија се преправа дека го говори јазикот на мирот, истовремено продолжувајќи да бомбардира домови, болници и енергетски објекти. Од 2014 година наваму, Кремљ постојано ја користи дипломатијата како покритие за подготовка, прикривање или оправдување на понатамошната агресија. Само во 2026 година, дури и додека се одвиваа дискусиите за мировниот предлог, Русија ја лансираше ракетата „Орешник“ со нуклеарен погон кон регионот Лавов и изврши големи ракетни напади и напади со беспилотни летала ширум Украина. И покрај тоа што го уверуваше Вашингтон дека енергетската инфраструктура нема да биде цел на напади за време на преговорите, Русија продолжи да лансира масивен, комбиниран напад врз енергетскиот сектор на Украина. Овие случувања истакнуваат предвидлив модел на однесување: Русија има тенденција да ги ескалира нападите за време на огнот или веднаш по прекин на огнот, во текот на преговори или мировни иницијативи. Додека Украина се обидува да изнајде дипломатски крај на војната, Русија никогаш не покажа воздржаност или почит кон дипломатијата, продолжувајќи да ја напаѓа Украина, честопати претежно нејзините цивили, во многу од наведените примери.

По четири години, напредувањето на Русија се мери во метри, додека нејзината стратегија сè почесто игра на картата да ги доведе цивилите во состојба на исцрпеност поради постојаниот терор, студ и уништување.

Мирот не вирее во исцрпеност. Не расте во тишина. И, секако, нема да произлезе ако од жртвата се бара да прифати неправда во замена за привремено затишје.

Украина го знае ова подобро од кој било друг и заедно со партнерите продолжува заеднички да работи на севкупна мировна рамка, безбедносни гаранции и повоено закрепнување на Украина.

Четири години Украинците се спротивставуваа не само со оружје туку и со отпорност. Со тоа што училиштата ги држеа отворени под земја. Со поправка на далноводите под непријателски оган. Избирајќи демократија среде разорувањето. Ова не е само војна против Украина. Фронтот во Украина е европскиот фронт. Украина не ја брани својата територија. Таа го брани начелото што Европа и светот не можат да си дозволат да го погазат: дека границите не се предмет на преговори со сила и дека луѓето не се адут за преговарање.

Затоа лидерите на ЕУ се јасни и доследни. Праведниот и траен мир може да биде единствено вкоренет во меѓународното право. Не може да се водат преговори за Украина без учество на Украина, ниту значајни разговори без притисок врз Русија да покаже сериозна посветеност. Русија е агресор и мора да направи отстапки за да ја ограничи можната идна воена закана по своите соседи.

Мирот без одговорност е илузија. Мирот изграден врз неказнивост не е мир. Таков мир ќе биде само пауза пред следниот напад.

Европа и претходно научила ваква лекција. Секогаш кога агресијата била наградена со молчење или отстапки, го враќала ударот уште посилна. Мирот значи и правда. Украинските деца одвоени од своите семејства мора да се вратат дома. Воените заробеници мора да бидат ослободени. За злосторствата мора да се спроведе истрага. Одговорноста мора да се утврди. Без правда, мирот станува кревок и привремен. Затоа во Хаг беше основан Специјалниот трибунал за злосторството на агресија врз Украина – нов независен меѓународен правен механизам чија цел е највисокото политичко и воено раководство на Русија да се изведе пред лицето на правдата за злосторството на агресија. Водењето сметка Русија да не може да избегне одговорност, ќе биде неразделен и задолжителен елемент на идниот праведен и траен мир.

Поддршката на Украина не е чекор во прилог на продолжување на војната, туку обид за спречување на следната. Тоа е обид за заштита на светскиот поредок заснован на меѓународното право и демократските вредности – каде што границите не се менуваат со примена на сила и каде што секој чин на агресија наидува на цврст одговор од меѓународната заедница.

ЕУ е сигурен и предвидлив партнер кој ги поддржува суверенитетот, самоопределувањето и територијалниот интегритет на Украина со јасна визија за иднината на Украина како полноправна членка на ЕУ.

Тоа и е причината зошто проширувањето доби ново значење. Веќе не станува збор само за политика на интеграција, туку за политика на безбедност. Поголема Европска Унија, заснована на заеднички вредности, правила и одговорности, е поотпорна, со зајакната соработка во енергетиката, одбраната, границите и економската безбедност.

На земјите како Северна Македонија таа реалност им е јасна. Мала земја по големина, но децидна во своите избори, Северна Македонија целосно се усогласи со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, обезбеди хуманитарна и воена помош и застана на страната на Украина и ЕУ за да ги брани заедничките начела вредности.

Со тоа, таа покажа дека солидарноста не е апстрактна, туку избор. И дека проширувањето не е ветување за утре, туку начин за зацврстување на мирот и на стабилноста во Европа денес.

Во оваа војна не станува збор само за Украина. Станува збор за тоа каква Европа избираме да бидеме. Таква каде што зимите се користат како оружје, а цивилите се казнуваат, или таква каде што правилата важат, а агресијата не вирее.

Мирот нема да дојде ако само доволно често го повторуваме тој збор. Ќе дојде ако го избереме. Ако сме цврсти во својот избор. Ако ја поткрепиме Украина. Ако одбиеме да го нормализираме ненормалното. Стабилната и предвидлива помош за Украина е она што навистина може да ја втурне Москва кон дипломатски решенија. Санкциите врз Русија, одржливата поддршка за Украина и зајакнувањето на нашата колективна одбрана – сите тие придонесуваат кон мир. Мора да се осигуриме дека времето работи против Кремљ, преку нашите координирани заеднички дејства.

Мирот не е доба што ја чекаме, туку одговорност што ја носиме. А Европа мора да ја преземе таа одговорност, заеднички.

 

(Заедничка колумна на амбасадорите на Европската Унија, Михалис Рокас и Украина Лариса Дир, во Република Северна Македонија) 

 

ИЗДВОЕНИ