КОЛУМНА, РИСТО НИКОВСКИ: Вториот протокол со Бугарија е нелегален и – НЕВАЖЕЧКИ!

604
Ристо Никовски, поранешен амбасадор

Ако е така, а така е, тоа значи дека и ултиматумот да го менуваме Уставот е неважечки, дека немаме таква обврска. Неупотреблива е и Преговарачката рамка за членство во ЕУ, која се повикува на Вториот протокол, и со која нема никогаш да влеземе во Унијата. Еве зошто е така.

Вториот протокол со Бугарија е потпишан како резултат на член 12 од Договорот за (не)пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји. Неговиот став 1, одредува дека „во рок од три месеци по влегување во сила на Договорот, ќе се формира Заедничка меѓувладина комисија, со која ќе копретседаваат министрите за надворешни работи“.

Член 12, став 2, пак, прецизира։ „Заедничката меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, со цел преглед на ефективната примена на овој договор, примена на мерки за подобрување на билатералната соработка, како и решавање прашања, кои се појавиле за време на исполнувањето на договорот. Секоја страна може, по потреба, да предложи и дополнителни средби на Заедничката меѓувладина комисија“.

И, да повториме: според член 12, став 2, Меѓувладината комисија има мандат – а) да врши преглед на „ефективната примена на договорот“; б) да работи на – „подобрување на билатералната соработка; и в) да – „решава прашања појавени во исполнување на договорот“. Кристално е јасно дека нема дозвола за менување на договорот, ниту додавање нови задолженија. Таа го следи само неговото спроведување. И, ништо друго!

Со Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, меѓутоа, Договорот за (не)пријателство е проширен со едно чудо нови обврски, кои немаат никаква врска со основниот текст. Еве дел од нив:

– „Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина конференција на ЕУ и Македонија, со разбирање дека следната… ќе се одржи веднаш откако Македонија во својот Устав ќе ги вклучи… оние граѓани… дел од други народи, како што е бугарскиот народ“! (Од каде ова? Во Договорот нема ништо слично, а Уставот не се спомнува! Ова е крајно понижувачки ултиматум! Вака, Протоколот е во  служба на Преговарачката рамка за ЕУ!?);

– „Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговори за членство во ЕУ… да се одржи откако во сила ќе влезе измената на Уставот… за вклучување на нејзини граѓани… како што е бугарскиот НАРОД…“! (Ова – ем нема никаква врска со договорот; ем е надвор од умот како нова обврска; ем Бугарите не ги третира како малцинство, туку како НАРОД! Се согласивме да бидеме втора бугарска држава!?);

– „Согласно со одредбите од договорот од 2017 г., работата на Комисијата (се мисли на таа за историски и образовни прашања) не може еднострано да биде прекината“. (Нема врска со договорот! Тој може да се откаже, да биде прекинат, а комисијата – не! Поголема глупост, здравје);

–„Македонија да ги реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите… од страна на комунистичките власти против… граѓани… заради нивно етнополитичко самоопределување… вклучително и Бугарите“. (Нова обврска. Замислете, иста таква има и во Тиранската платформа! Ова е апсолутен доказ дека сите ултиматуми ни се од ист центар!);

– „Владата на… Македонија изјавува дека ќе ја создаде неопходната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат…“ (Нова обврска. Има ли Владата претходна одлука за ова? Или – решиле Османи и бандата?);

– Владата на… Македонија ќе подготви и ќе достави прелиминарен  урнек од лекција за 7 одделение… на тема Самуиловата држава… (Нова обврска. Ова е работа на историската комисија.);

– Заедничката… комисија за историски и образовни прашања ќе разработи и ќе реализира план за работа, кој предвидува… 8 до 10 состаноци годишно. (Нова обврска.);

– „Двете страни се обврзуваат… да се информираат за сите промени во содржината на сите учебниците, учебни помагала и методолошки поими во образовните програми и да достават копии од новите изданија“ (нова обврска)…

Ова се само дел од новите обврски во Протоколот, со кои нелегално се шири Договорот за (не)пријателство. Според новите обврски, ние сме прифатиле статус на протекторат во однос на Бугарија. Доказ за тоа е крајот од Протоколот, кој е – грозоморен:

– „Македонија ќе преземе мерки“:

– „За да осигури ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница“;

– За превенција од јазик на омраза против Бугарите, и кривично ќе ги гони носителите на такви дела;

–  За подигнувањето на довербата на Бугарите во Македонија;

– За „слободно остварување на правата на Бугарите во Македонија“,

–  За „слободно изразување, за заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, и слободна употреба на нивните симболи“…

Сме се заколнале, бе, дека ќе ги чуваме Бугарите како капка вода во очите! Треба да ни биде чест, тие неколкуте стотини, и со закон да ги заштитиме! Како музејска вредност! Како нас, нема други (забегани!).

А ние, со право, ги баталивме Македонците во Бугарија! Каков  реципроцитет, кога на другата страна е суперсила? Македонците кај нив и така се веќе асимилирани! Ги има преку два милиони, и не им треба никаква заштита. Нив само Господ ќе ги штити. За разлика, тие немаат матична држава!

Ова и сè друго наведено погоре зборува за целосно нов, катастрофален и предавнички договор. Доволен е само ултиматумот за промена на Уставот. Кога се знае кој нѐ претставувал таму, пак, вистинско чудо е оти Софија не барала посебен Устав за неколкуте стотини Бугари во земјава!

Но, крајот не е тука. Еве зошто Вториот протокол е –  нелегален и неважечки и од друг, можеби и поважен аспект. Член 13, став 2, од Договорот за (не)пријателство, вели։ „Овој договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни. Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член“.

А, според, „став 1 од овој член“ – „Овој Договор подлежи на ратификација … на Договорните страни. Овој Договор влегува во сила на датумот на размена на ратификационите инструменти … и останува во сила за неопределено време“.

Значи – секоја промена на Договорот, во каква било форма, мора да оди и на ратификација! Без тоа, промената е – нелегална и неважечка! А, Вториот протокол претставува негово неконтролирано –  проширување. Поточно, тој е сосем нов договор кој, без ратификација – не важи.

Да не забораваме, Протоколот е нелегален, неважечки и беспредметен… бидејќи морал да биде ратификуван и од бугарска страна, по што би се размениле ратификационите инструменти. Без тоа – Протоколот е безвредна хартија.

Сите знаеме дека срамниот чин го потпишал Бујар Османи, ама малку се знае дека во делегацијата биле и Бојан Маричиќ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Благој Бочварски и Крешник Бектеши. Бојанчо и другите „Македонци“ се многу поголеми капитуланти од Бујар, кој веројатно имал и национални интереси.

Спомнатите министри, потпишале и прифатиле нешто, за што немале мандат. И, второ, тоа што го потпишале и прифатиле, морале да го поднесат во Собранието – на ратификација, а не го поднеле.

И, уште нешто, исклучително важно. Веднаш по потпишувањето на срамниот, понижувачки и предавнички протокол, или обичен записник, додека Османи без врска верглал, тетка Теодора Генчовска им плукнала – в лице. Рекла։ „Во Протоколот има конкретни рокови“ (значи е надвор од договорот!) и, дека „Бугарија не го признава македонскиот јазик“!? А нашите изроди? Сигурно се правеле отсутни! Инаку, ако беа нормални, во истиот момент ќе го искинеа Протоколот и ќе си заминеа. Ваква навреда поднесуваат само – имбецили.

Протоколот е тежок злочин врз фундаменталните интереси на македонскиот народ и државата. Штетните последици ќе бидат долгорочни. Самиот чин е директно игнорирање на уставниот поредок. Исто како и во Нивици – со друга држава се договора промена на Уставот на Македонија!? Потежок криминал, не може да се замисли. Безумниците прифатиле дека сме некакви – зомби, а државата ни е некаков зафрлен протекторат.

Сè е јасно, појасно не може да биде. Меѓувладината комисија НЕМАЛА НИКАКВО ПРАВО ДА ИНТЕРВЕНИРА во самиот договор, а сите промени на договорот, мора да бидат ратификувани! Затоа, Протоколот е апсолутно нелегален, ирелевантен и неупотреблив. Бугарите во Уставот, пак, не смее да се стават по никоја цена. Тоа би бил крај на македонизмот, што е и целта на сценаристите.

Кусо и за самиот Договор. Ако Заедничката меѓувладина комисија треба да има – „РЕДОВНИ средби еднаш годишно“, а ги нема,  тоа експлицитно значи дека ДОГОВОРОТ ВЕЌЕ НЕ ВАЖИ И НЕ СЕ ПРИМЕНУВА! Дека не е функционален. Тоа е доволен доказ дека, макар премолчено, и двете страни кренале раце од него! Нека биде и формално. Друго објаснување нема. Во рок од седум години, место РЕДОВНО секоја, Комисијата се  состанала само два пати, последен пат пред три години, во јули 2022. Наша должност е оваа ситуација да се официјализира – со откажување на договорот. Подетално за тоа, во следна пригода.

Ристо Никовски, поранешен амбасадор

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

 

ИЗДВОЕНИ