КОЛУМНА, РИСТО НИКОВСКИ: Резолуцијата на СДСМ е проѕирен обид за легализација на нивните досегашни предавства

31

Нацрт-резолуцијата на СДСМ е обичен политички памфлет. Новото раководство сака да го оправда политичкиот криминал на претходниците, без да води сметка за партијата!  Зарем не разбираат до кое дереџе нѐ доведоа нивните капитулации? Со нелегалната и крајно неприфатлива обврска за промена на Уставот, СДСМ директно ги блокира преговорите за членство во ЕУ! Никој друг.

Но, прво кусо за глупостите во преамбулата.

  1. Бесмислена е оценката дека ЕУ ќе се проширувала пред 2030 година. Тоа се празни реторики. Шолц, а потоа и Мерц, јавно кажаа – балканските земји само заедно ќе влезат во Унијата. Значи – никогаш! Со нова преговарачка рамка, европска политичка заедница и политика – прво реформа на ЕУ… Макрон порача – нови членки, уште долго нема да има.
  2. Повикувањето на Копенхашките критериуми – „како единствено релевантни за процесот на пристапување кон ЕУ …без добрососедските односи да бидат злоупотребени од поедини членки…“, е апсурдно. СДСМ даде согласност за преговарачката рамка, во која нема ни „К“ од Копенхаген.

Следни се напорите и иницијативите на Собранието.

  1. Кого лажат дека Нивици – „го потврдува македонскиот јазик и идентитет“? Нивните предавници ги потпишаа договорите со формулата – „македонски јазик според Уставот“. Значи, јазикот не е автохтон и постои од 1946 година, кога е донесен нашиот прв устав. Порано – немало!
  2. 1. Грција, пак, ниту имплицитно, камоли експлицитно, никогаш не призна македонски идентитет. Најмалку во Нивици. Атина, постојано го повторува тоа. Во Нивици, СДСМ се согласи дека Грците од Беломорието – се „Македонци“! И тоа од времето на Александар Македонски! Се откажаа и од македонизмот и од нашето малцинство. И, што мисли СДСМ – зошто ни ја прекрстија државата? За да си поиграат? Не, туку за да го прекрстат народот. Сега, ние сме Северномакедонци, што значи нешто измислено. Користењето се одложува намерно, за да го проголтаме полесно. Без наша согласност, конкретно на СДСМ, никој не можеше да нѐ прекрсти.
  3. Веќе на 17 јули 2022, СДСМ ја фрли на ѓубриште Резолуцијата на Собранието, од 29 јули 2021, кога го потпиша нелегалниот, неважечки и безумен втор протокол со Бугарија.
  4. „Заклучоците за дефинирање на македонските државни и национални позиции во однос на преговарачката рамка со ЕУ“, донесени во Собранието на 16 јули 2022, се невидена измама и злоупотреба на СДСМ. Подметнаа куса информација за преговарачката рамка, без да го дадат целиот текст, што е невидена манипулација. Врз овие „Заклучоци…“, кои немаат никаква директна врска со договорот за (не)пријателство, го потпишаа нелегалниот втор протокол со Бугарија за промена на Уставот, и ја урнисаа Македонија.
  5. Место да си игра мајтап со народот, СДСМ треба прво да покаже кој дал дозвола, или мандат, за промена на Уставот во вториот протокол? Такво нешто нема. Македонија може да внесе Бугари во Уставот само, и единствено, ако и Бугарија внесе Македонци во нивниот. Никако поинаку. Мора да има реципроцитет. Сè друго е наш финален пораз.
  6. На крајот, бескрупулозно се лаже дека – на 19 јули 2022 година „Усвоена е преговарачката рамка со ЕУ, каде јазикот е јасно именуван како ‘македонски’“. А, бе, аматери, рамката не е „усвоена“ туку е само дадена ВАША согласност. Ќе треба да ја усвоиме, на втората меѓувладина конференција со ЕУ, ако дојде до неа. Точно, во рамката стои – „…ќе треба навремено да се направи превод на правото на ЕУ на македонски…“. И, според СДСМ, што требаше да пишува? На кој јазик? Немаа избор. Друг јазик немаме и, барем засега, Брисел мора да ги почитува нашиот Устав и државниот суверенитет, заедно со јазикот, што тие го одбегнуваат.
  7. 1. Но, аматерите не читаат сè. Во „Општиот став на ЕУ“, еден од четирите документи од рамката, стои – „Во однос на преводите на правото на ЕУ на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонскиот јазик“. „Едностраните декларации“, кои СДСМ ги договори со Софија, се поразителни. Бугарската вели дека не признаваат македонски јазик, и дека е тој дијалект на бугарскиот; а нашите морони пратија изјава дека – „македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“!? Поголема безумност, здравје. Тоа е директна потврда на бугарските синдроми дека до 1944 сме биле Бугари, со бугарски јазик, а потоа нè измислил – Тито, и сме кодифицирале јазик. А, „ги зема предвид“, значи дека Унијата го става на маса македонскиот јазик како оспорен факт.

Според резолуцијата, Собранието треба да прифати ставови кои, заради рамката – се апсолутно ирелевантни.

  1. Се бара – „…итен ангажман… за исполнување на обврските од Преговарачката рамка…“. Зарем на СДСМ не ѝ е јасно дека Македонија не може да ја исполни рамката? И, дека со неа нема никогаш да влезе во ЕУ? Во неа се и Уставот, и сите бугарски ментални девијации, кои Софија не сонувала дека ќе ни ги подметне. Историската комисија ќе го диктира нашето членство преку годишните протоколи. Тие се главна бугарска алатка, која масовно ќе се злоупотребува.
  2. Собранието не може да бара од – „Владата и сите државни институции… безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа… со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ…“. Со оваа рамка, сето тоа е апсолутно оневозможено. Напротив, целта е, сите овие наши фундаменти да се уништат. Во согласност со СДСМ.
  3. 1. Во партијата изгледа заборавиле дека нивите претходници, јавно и писмено, потврдија дека со Бугарија имаме заедничка историја? А, како таква, таа може да биде само – бугарска. Тие прифатија и комисија, и комитет за историски и образовни прашања… со Бугарија и Грција. Целта е тие да го редефинираат нашето (не)постоење, како услов за ЕУ. Тоа се обврски, прифатени од СДСМ. И, што бараат сега?
  4. 2. Годишните протоколи со Бугарија, имаат нагласена улога во рамката, што е надвор од умот. Тие ќе бидат главни критериуми во преговорите за членство, а ќе зависат само од резултатите на историската комисија. Доколку не прифатиме дека Гоце Делчев, Илинденското востание… се бугарски, нема да има протоколи, ниту бугарска согласност за нашите преговори. Тоа нема да бидат никакви нови барања, или ултиматуми. Софија нема таква потреба. Сè е во преговарачката рамка, усогласена со СДСМ.
  5. СДСМ мора да оцени – дали Софија ќе го ратификува нашето членство во ЕУ, ако не прифатиме дека до 1944 сме биле Бугари, дека јазикот ни е нивни дијалект, дека историјата ни е заедничка, бугарска? Еве, утре да го смениме Уставот, заутре да започнеме преговори, и да ги завршиме за три месеци? Нема таква теоретска шанса. Нивната агресија врз Македонија и Македонците е сега пожестока од кога било. Затоа, ако претходно не расчистиме со нивните историски синдроми, и билатералните односи не ги поставиме на рамноправна и реципрочна основа, Софија нема никогаш да прифати во ЕУ да влезат Македонци, македонски јазик…
  6. 1. Преку преговарачката рамка, која е идеална за нив, Бугарија со сите сили ќе го спречи нашето напредување кон ЕУ, за да не се најде во ситуација да одбива ратификација. Софија одамна ни порача дека во ЕУ нема место за македонизмот.
  7. Заради рамката, бесмислено е инсистирањето – „билатералните прашања поврзани со билатералните договори… кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и Копенхашките критериуми… да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата…“. Според согласноста на СДСМ, поглавјата ќе зависат од протоколите.
  8. Ставот дека – „Македонија се обврзува за градење на добрососедски односи со сите… врз основа на рамноправност и меѓусебно почитување…“, нема никаква смисла ниту логика. Рамноправноста во односите со соседите, СДСМ ја урниса со двата понижувачки договори. А, ваква политика е можна само по нивното откажување. Бујрум!
  9. Ставот дека Македонија е подготвена да ги – „исполни обврските од рамката со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека е тоа последна пречка без прифаќање на нови барања…“, е знак на – недоветност. Веќе кажавме зошто. А, дека – „билатералните прашања со Бугарија ќе се решаваат во билатерални разговори…“, е обична заблуда. Софија, со право порачува дека – тие немаат отворени прашања со нас. Сè е веќе во рамката, и тоа е нивни историски триумф. Зошто би се откажале од тоа?
  10. Затоа, единствениот излез од ќор-сокакот во кој сме е откажување на вториот протокол со Бугарија, кој е нелегален. Никој не може да го оспори тоа. Така, паѓа во вода и ултиматумот за промена на Уставот, и преговарачката рамка, со која Македонија нема шанси да влезе во ЕУ.
  11. Така, нема да мораме да пишуваме писма, иако ЕУ ќе нѐ третира како досега, и ќе инсистира на рамката со која се согласи СДСМ. А, во преговорите, неизбежно ќе се бришат – „јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ…“, што е и целта на рамката. Инаку, предлогот за писмата е – смешен! А, временската шема за промена на Уставот е очаен апел, до сите фактори во земјата, да се продолжат предавничките политики на СДСМ, до целосно урнисување на македонизмот! Сè заради амнестија на нивните драги капитуланти.

Нацрт-резолуцијата е срам и за партијата и за државата. Во СДСМ секако има здрави сили, и крајно време е тие да ја преземат партијата, и да застанат на браникот на Македонија. Таму им е местото. Ваква, каква што е, партијата треба со закон да се забрани бидејќи работи против националните и државните интереси. Народот не сака предавници.

Ристо Никовски, поранешен амбасадор

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

 

ИЗДВОЕНИ