Бугарското негирање на Македонците е премногу старо за да изненадува. Нова е само нивната сегашна агресија, со која сакаат да ги финализираат сите свои историски синдроми. Стратегијата е јасна: тие се во ЕУ, а ние сакаме да влеземе, што им е историска можност за блокади, уцени и за ултиматуми. Ем чиста демократија ем врвни европски (ЕУ) вредности!?
Тоа е нивната неспорна позиција и кога од наша страна се најдоа предавници, сè беше можно. Срамната улога на Брисел, пак, сега нема да ја оценуваме. Просто е неверојатно како успеавме да се доведеме до ова дереџе! Чиста катастрофа! Софија успеа да ги пласира сите свои ментални девијации како политики на Унијата, вградувајќи ги во нашата преговарачка рамка. И замислете, тоа е направено со наша согласност! Нема соодветни зборови со кои може да се опишат потезите на претходната политичка елита, со кои ги згазија националните фундаменти на македонскиот народ.
По сè што ни се случи, со наше учество, навистина е тешко да се извлечеме од темниот тунел и од тесниот ќор-сокак. Арно ама – мораме. Друг избор немаме. Предизвикот е огромен бидејќи против нас е добар дел од светот, и тоа најсилниот и најразвиениот. Затоа, за уништување на амбисот ископан од претходната власт, во кој, дел по дел, се фрла македонизмот, мора да користиме радикални чекори.
Тоа е процес, процедура, конфронтација… Засега, противник ние е ЕУ, поддржана од САД, а Бугарија се крие во заднина. Меѓутоа, мора да ни биде кристално јасно дека по никоја цена не смееме да го прифатиме таквиот распоред на силите. Тоа би било погубно за нас. Проблемот е чисто билатерален и по никоја цена не смееме да дозволиме никој друг да се меша, камоли да диктира. Со други зборови, сè треба да се врати на самиот почеток. Сите аргументи се на наша страна, и тоа нема да биде многу тешка задача. Првиот исчекор е дури и релативно – лесен. Треба само да откажеме еден записник со Бугарија, наречен втор протокол, и пред нас да се отворат сите нормални перспективи за евентуално членство во Унијата. Без тоа, нема шанса некаде да стигнеме.
Ако потврдиме дека е проблемот европски, тоа е потпис за капитулација. Основното правило во дипломатијата е: по никоја цена да не се дозволува да се интернационализира сопствен проблем, освен ако тоа генерира поширока меѓународна поддршка. Во случајов, таа е апсолутно на страната на Софија, и затоа тие постапија така. Со Бугарија, на пример, некако ќе излеземе на крај. Ќе бидеме еден на еден, иако таа ужива силна меѓународна поддршка, која, на билатерален план, ќе биде амортизирана во голема мерка. Во тој случај, проблемот можеме да го отвориме и во НАТО, поради загрозување на безбедноста! Таму сме рамноправни членки, ама е тешко да се замисли дека имаме ние такви капацитети. Во директна конфронтација со Европа (ЕУ), немаме никакви шанси. Особено ако ни е јасно дека зад бугарските интереси доминантно стојат – САД.
Бриселската бирократија, како и 27. Членки, (речиси!) целосно се на страната на Софија. Унијата, пак, често користи и двојни стандарди. Тоа нема никаква врска со демократијата, а уште помалку со принципиелното решавање на проблемите. Просто кажано, двојниот стандард е: политички криминал, кој се злоупотребува, ама и толерира.
Со нашите претходни капитулантски политики, Брисел ги надмина сопствените бугарски блокади и така успеа да ги реши своите проблеми. Затоа не може да се очекува никаква промена во нивната политика, која би водела сметка и за нашите стратешки интереси. И тие, исто како и Софија, ако не ги присилиме, ниту за милиметар нема да ги променат своите политики кон Македонија. Ќе продолжат со Уставот, Уставот… Објективно, тие немаат ниту потреба за промени бидејќи ние ги овластивме така да нè третираат. И, нормално, сè додека не го повлечеме нашиот потпис, исто ќе се однесуваат. А, кога ќе го откажеме вториот протокол, ќе мораат сами да ја менуваат преговарачката рамка. Ќе нема ниту ултиматум за промена на Уставот.
Според новата методологија на Макрон, покрај бирократијата во Брисел, сега во преговорите за членство нагласена улога имаат и сите 27 членки. Така, прифатиме ли дека проблемот е европски, а не билатерален, ќе бидеме конфронтирани со сите нив. Тоа би бил судир што ние ни теоретски не би можеле да го добиеме. А, во меѓувреме, бугарските апетити би го сотреле македонизмот. Затоа, проблемот што е билатерален, не смее да се преговара со никој друг, освен со Софија. А со нив, сите решенија мора да бидат реципрочни – Бугари кај нас, Македонци кај нив. Толку!
Ако се обидеме да бараме решение од Брисел, пак, првиот чекор мора да биде инсистирање за промена на непремостливата преговарачка рамка, со која нема никогаш да влеземе во ЕУ! И веднаш ќе удриме со главата во ѕид. Нема теорија Брисел да прифати таква промена, што веќе и ни го порачаа! А, дури и да има таму подготвеност за таков неверојатен исчекор, тоа никако нема да помине кај сите 27 членки, а се одлучува консензуално. Прво, Бугарија нема никогаш да се сложи, а и други членки ќе бидат против. Зошто повторно да губат време со нас? Нема место за пишман аџии. Ако си прифатил , или го исполнуваш или го откажуваш!
Проблемот со кој се соочуваме е дипломатски и – уникатен. Не само за нас. И во светот нема искуство за вакви и слични ситуации. Повлекувањето од вториот протокол е апсолутно единствен дипломатски излез. Ако некој не верува, треба веднаш да се бара мислење од истакнати светски дипломати, од пријателски земји (Унгарија…).
Ние сме на потег. Времето не работи за нас. И од надворешно, ама и од внатрешнополитички причини. Време за губење нема. Итно мора да се преземат радикални мерки. Кристално е јасно дека не смееме да бараме решение во Брисел. Софија, пак, не е подготвена повторно да преговара, и тоа со право, бидејќи триумфално нè згази. Затоа, откажувањето на протоколот се наметнува како единствено и релативно лесно решение, а друг избор и немаме. Власта нека консултира странски експерти. Колку побргу тргнеме во таа насока толку подобро за сите. Дури и за Бугарија.












