КОЛУМНА, РИСТО НИКОВСКИ: Наш клучен проблем не е промената на Уставот, туку преговарачката рамка

40
Ристо Никовски, поранешен амбасадор
Ристо Никовски, поранешен амбасадор

Пред десетина и повеќе години, американскиот амбасадор, Филип Рикер, често апелираше – кажете што сакате, знаеме што не сакате! Одговор не добиваше, иако не беше спорно дека тоа го бара Вашингтон. Сè до предавството на нашите национални интереси во Нивици, од прашањето за името бегаа сите политичари, како ѓавол од оган. Знаеја дека на тоа можат само да загубат, и проблемот го држеа под маса. Тоа беше наша непростлива грешка.

По историскиот пораз во Нивици, состојбите се променија и ние како да се „релаксиравме“, арно ама се појави Софија, и повторно нѐ фрли во амбис. Тоа мораше да се очекува. Сега, повторно сме во слична позиција, а времето воопшто не работи за нас. Тоа е тежок хендикеп кој бара брзи решенија. Во спротивност, ќе се вртиме во маѓепсан круг, и ќе одиме прудолу.

Новата гарнитура е веќе година и пол на власт и целосно ја промени капитулантската реторика. На Брисел му е прецизно ставено на знаење дека со Македонија веќе не можат да прават што сакаат. ЕУ секако ја прими пораката, ама ние сме повторно на потег. Силен е впечатокот дека и сега немаме јасна претстава што сакаме. Реториката е добар почеток, ама мора да следува – акција. А без прецизни  приоритети, и како можат тие да се постигнат, таа е, практично, невозможна. Без тоа, пак, нема резултати. Ова е обид да прецизираме што мора, ама и што може Македонија да сака.

Прво, мора да ни биде кристално јасно дека на патот кон Брисел, наш клучен проблем не е ултиматумот за промена на Уставот, туку преговарачката рамка, со која нема теоретска шанса да влеземе во Унијата. Тоа веднаш станува очигледно, ако таа длабински се анализира. Главен критериум за нашиот напредок се резултатите од историската комисија со Софија. Затоа, наш клучен приоритет мора да биде нејзината промена.

Второ, мораме да сфатиме дека единствен начин за промена на рамката е откажување на вториот протокол со Бугарија. Рамката ни е со него наметната, и е преполна со бугарски безобразлуци. Ако го сакаме тоа, а друг избор немаме, наивно е да очекуваме дека Унијата сама ќе ја промени, нека биде и на наши лелекања. Тоа е невозможно бидејќи ние сме дале согласност за ваквата рамка. Сè уште не сме ја прифатиле, што е добро, и тоа треба да се случи на  втората меѓувладина конференција со ЕУ. Нема теоретски шанси членките на ЕУ сами да ја менуваат рамката, затоа што ние сме се премислиле. И заради Бугарија, ама во прашање се и принципи. Членките мора да ги присилиме на тоа – што е можно само со откажување на вториот протокол. Тој е целосно вграден во рамката, како бугарски ултиматум за нас.

Трето, ни трет ни пет други протоколи не можат да нѐ извадат од ќор-сокакот во кој сме фрлени со вториот. А тој е целосно нелегален документ, и тоа од повеќе причини. Главно е дека со него добивме низа нови задолженија (промена на Уставот), што е силеџиско проширување на договорот за (не)пријателство. Обврските, пак, коишто Македонија ги презеде со него, не беа верификувани од ниту еден наш орган. Нема документ со кој Бујар Османи, како тогашен МНР, е овластен да прифати промена на Уставот, заради внесување на непостојни Бугари во него. Тоа е чист криминал.

Како нелегален, вториот протокол е веќе тема и на Уставниот суд бидејќи со него уставно се прекројува државата. И без судот, тој мора да се повлече, што е итна службена одговорност и должност на политичарите.

Четврто, идеите за гаранции од Брисел дека, освен промена на Уставот, нема да има нови ултиматуми и блокади, се – апсолутно нереални. Во ЕУ нема механизми и мандати за такво нешто. Гаранциите се невозможни. Одлучуваат 27 членки. Нема основа ниту ЕУ да прифати некаква вина за малтретирањата на Македонија. Сè беше со наша согласност!

Петто, нереални се и инсистирањата ЕУ да ја оценува Македонија според реформите или според копенхашките критериуми. Има рамка со која сме се согласиле, и таа го  диктира нашиот третман. Причина е вториот протокол! Ние сме на потег. Топката е во нашиот двор (Фон Дер Лајен).

Шесто, со нашите капитулации во вториот протокол, ЕУ ги реши своите проблеми во врска со Македонија бидејќи изгледаше нефункционална. Затоа, нема никаква причина, камоли повод, да менуваат што било менуваат во однос на нас, освен да инсистираат на исполнување на обврските што сме ги  прифатиле. Воопшто не треба да се нервираме кога постојано ни повторуваат – уставот, уставот, уставот… Во право се! Преземената обврска или се исполнува или се откажува. Друго чаре – нема. Значи, и тука сме ние на потег – треба да ги исправиме историските грешки. Засега, единствен, ама и најлесен начин е откажување на вториот протокол.

Седмо, незамисливо е Бугарија ниту за милиметар да ја промени својата 150-годишна политика на негирање на Македонија и на Македонците. Сега, тие се во право кога велат дека меѓу двете земји нема проблеми и нѐ упатуваат на ЕУ. Сите нивни фантазмагории, историски синдроми и несонувани соништа, Брисел ги вклопи во нашата преговарачка рамка! Таму е проблемот – мора да се промени рамката!

Осмо, и покрај сите празни реторики на челниците на ЕУ – Кошта, Фон Дер Лајен, Кос… за промена на системот на консензуално одлучување, за лимитирање на правото на вето, дека билатералните проблеми не смеат да попречуваат проширување… до тоа нема да дојде. Такви промени нема да има следните 25 години! Можеби – никогаш! Такви очекувања, не смееме да имаме. Тоа би било само губење време.

Ветувањата од врвот на ЕУ, дека проширување бргу ќе следува, се чиста лага. Тоа не зависи од нив, туку од членките. По мандатите, тие ќе си отидат и ништо нема да се случи.

Деветто, ситуација мора итно да се менува бидејќи ја води државата во неповрат. И утре да го смениме Уставот, и  тоа веднаш да стапи во сила – ништо нема да постигнеме! Ќе ги започнеме преговорите, и никаде нема да стигнеме! Не  само заради нови блокади и ултиматуми, какви што ќе има безброј, и тоа не само од Бугарија, туку и од Грција. Во дадените услови, бугарското Собрание нема никогаш да го ратификува нашето членство во ЕУ – ако не се согласиме дека сме биле Бугари до 1944, дека јазикот е дијалект на бугарскиот и дека имаме заедничка бугарска историја. Тоа мора сега да се расчисти, преку реципроцитет. Без тоа, приказната со ЕУ е завршена.

Десетто, не е потребна никаква нова резолуција во Собранието бидејќи СДСМ веднаш ја згази претходната. Единствена цел на новиот предлог е рехабилитација на нивните претходни лидери, за историските предавства на македонските фундаментални интереси. Нацрт-текстот е и евидентен обид да продолжат со истите капитулации, како потврда за веќе докажаното „визионерство“. Ништо повеќе. Критиките на опозицијата за потезите на власта, пак, се целосно бесмислени и само потврдуваат дека тие остануваат тоа што беа и нивните претходници – предавници на македонската држава и народ. Ништо друго.

ИЗДВОЕНИ