КОЛУМНА РИСТО ЦИЦОНКОВ – Светот се лади со клими, а Планетата сè повеќе се загрева

44

Според сите извори на податоците за измерената температура на воздухот во светот, минатиот месец јуни беше најжежок досега, а рекордно високата температура не се намали ниту овој јули. На тој начин беа/се загрозени милиони животи, така што луѓето ги вклучуваат клима-уредите, доколку ги имаат, за да се разладат. Со тоа се оптоваруваат електричните мрежи до граница на издржливост и се јавуваат дефекти и принудни исклучувања.

И покрај сите предупредувања за високите температури предизвикани од климатските промени, состојбата со емисиите на стакленички гасови на глобално ниво не се подобрува. Минатите години се појавија високи температури преку 50°Ц во некои земји од Блискиот Исток, но толкави температури се појавија и во други региони: САД, Кина и друго.

Топлинските бранови поттикнуваат пожари во целиот свет, гледаме на вести во САД, Канада, Европа, а во Република Македонија (РМ) првите вести се за пожарите. Исто така, високата температура предизвикува скок на бројот на смртните случаи поврзани со топлина.

Колку температурата на надворешниот воздух е повисока, толку повеќе се зголемува потребата за ладење, а тоа значи зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Тоа повлекува зголемување на производството на електрична енергија при што доминантна улога имаат фосилните горива, а тоа значи зголемување на емисијата на јаглерод диоксид (СО2) кој е главен причинител на ефектот стаклена градина, т.е. глобалното затоплување со кое се покачува температурата на воздухот во атмосферата. Може да се заклучи дека овој процес не е вртење во круг, туку вртење во спирала која оди нагоре. Значи, колку повеќе ладиме, толку повеќе се зголемува надворешната температура на воздухот, т.е. се појавуваат поинтензивни топлински бранови.

Зголемената потрошувачка на електрична енергија заради ладењето влијае и на џебот на граѓаните. Притоа трошоците се поголеми ако просториите што се ладат се во зграда со слаба енергетска ефикасност. Исто така, на тоа влијае и квалитетот на клима-уредите. Во многу земји, вклучувајќи ја и РМ, се донесени прописи за задолжителна ознака на апаратите што трошат електрична енергија. Воведени се енергетски класи (А+, А, В, …, Ф) каде што А+ е најдобра. Веројатно уредите со најдобра класа се поскапи, но по 2 до 3 години разликата во пари се враќа заради помала потрошувачка на енергија.

Екстремната температура поттикнува зголемена продажба на клима-уреди, а таа најбргу се зголемува во земјите во развој каде што само мал број домаќинства поседуваат такви уреди. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) во САД и Јапонија повеќе од 90% од домаќинствата имаат клима-уреди, додека во Југоисточна Азија само 15%. Тој број е околу 5% во Индија и Африка. Во најжешките делови на светот живеат околу 3,5 милијарди луѓе, а само 15% од нив имаат пристап до клима-уреди за ладење во своите домови. Просечно во светот 36% од домаќинствата имаат клима-уреди. Според Меѓународниот институт за ладење (ИИР) се проценува дека во 2024 во светот имало инсталирано 1,5 милијарди стационарни клима-уреди, а се прогнозира дека до 2050 година ќе има 3,5 милијарди единици. Во тој период во Индија тоа зголемување ќе биде петпати, а во Кина двапати.

Клима-уредите во автомобилите и во автобусите обезбедуваат зголемена удобност и безбедност за патниците и затоа во развиените земји тие денес се третираат како стандардна опрема. Во земјите во развој само околу 60% од новите возила се опремени со мобилни клима-уреди. Се проценува дека денес има околу 1,3 милијарди мобилни клима-уреди во автомобили и автобуси низ целиот свет.

Кај електричните возила, кои претставуваат една петтина од глобалниот број автомобили, покрај воздухот во кабината, системот за климатизација ја контролира и температурата на батеријата за да се обезбеди ефикасност и безбедност на батеријата за време на работата.

Со зголемувањето на глобалната температура, побарувачката за климатизација се зголемува и на Северната полутопка. На пример, во Европа, количеството електрична енергија што се користи за климатизација во станбени згради се зголемила трипати помеѓу 2010 и 2019 година, а до 2025 година тој однос е сигурно уште поголем.

Додека потребата за ладење расте, поголемата употреба на клима-уреди ги оптоварува електро-енергетските системи низ целиот свет. Со оглед на енергетската криза во светот, и ова лето ќе се појават критични моменти во снабдувањето со електрична енергија во некои места. Ова особено се однесува за земјите со топла клима. Во услови на недостиг, ќе има ограничувања, прекини и исклучување на електричната енергија.

Не можев да најдам податок за број на инсталирани клима-уреди во РМ, но нивниот број драстично се зголемува бидејќи граѓаните масовно ги купуваат и за греење. Заради рекордно високите температури, претпоставувам дека побарувачката за електрична енергија ќе се зголеми. Во минатото, РМ извезуваше електрична енергија во летниот период, но мислам дека ова лето ќе увезува, а таа не е евтина.

 

Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ