Деновиве, прва главна вест во јавните медиуми беше енормното загадување на амбиенталниот воздух во Скопје и во другите градови во Република Македонија (РМ). Според IQAir и другите меродавни институции, градот Скопје неколку пати беше на првото место во Европа по загаденост на воздухот со ситни честички ПМ 10 и ПМ 2,5.
Министерството за животна средина известува / алармира кога е надминат критичниот праг на суспендирани честички ПМ 10 над 150 мг/м3 во текот на два последователни дена. Воедно дава препораки до сите работодавци да ги ослободат од работните обврски бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, оние што имале срцев инфаркт или мозочен удар и друго. Тогаш и Град Скопје јавно објавува препораки и презема пропишани мерки за заштита на граѓаните. А во суштина заштита нема, не ја гледаме.
Институтот за јавно здравје на РМ има објавено информација дека во земјава годишно умираат околу 4.000 луѓе како последица на загадениот воздух. Тоа е катастрофа! Според УНИЦЕФ: секој деветти смртен случај во земјава кај новороденчињата е поврзан со аерозагадувањето. Телевизискиот канал „Еуроњуз“ соопшти дека РМ е со најмногу починати лица како последица од аерозагадувањето. На ова треба да се додадат и големиот број луѓе на кои големото загадување им остава трајни здравствени последици во животот.
Ова се познати работи што се повторуваат секоја година во текот на грејната сезона. И Владата и градската власт изјавуваат дека претходната власт не направила ништо да го реши овој голем проблем. Но, еве сега тие подготвиле стратегија за спречување на аерозагадувањето, ама не може да се реши тоа „прекуноќ“. А јас велам дека има решенија, и тоа „прекуден“.
Првин би сакал да кажам нешто околу причините за големото аерозагадување во градовите во РМ.
Последниве неколку години, градежната експанзија во земјава има голем замав, најмногу во изградбата на патишта. Но, има експанзија и во изградбата на згради во Скопје, Охрид и во други градови. Владата објави дека изминатава година се издадени голем број градежни дозволи. Тоа се кажува како позитивен податок бидејќи така се зголемува БДП на државата.
Велат, побарувачката за станови е голема, па не само што се гради повеќе туку и цените за квадратен метар се зголемја речиси двојно. Според мене, главната причина за ова е што дел од граѓаните имаат големи штедни влогови во банките, кои даваат нула камата на обичните депозити, а на орочените депозити од 1 до 2 %. Тие се пониски од инфлацијата, која изнесува околу 4 %. Затоа, многу граѓани решаваат да ги вложуваат парите во станови. А изградбата на згради, особено во Скопје, од друга страна, има влијание на аерозагадувањето. Се претпоставува дека околу 33 % од становите во градот Скопје се празни. А во одредени делови од градот Скопје (центар, Водно, Карпош…) се гради зграда до зграда. Со таква густина на изграденост, природното струење на воздухот е намалено. Не само што има влијание на аерозагадувањето туку таквата бетонизација влијае и на создавањето т.н. топлински острови во летниот период, така што надворешната температура во Скопје надминува 42оС. Очигледно, профитот на градежната мафија има предност пред здравјето на граѓаните. А најмногу страдаат малите деца.
Пред земјотресот во Скопје (1963 г.), имаше фабрики во блиската околина на градот. Но, по земјотресот, се дозволи неконтролирана градежна експанзија, така што градот со околу 170.000 жители порасна (денес) на околу 600.000 жители. Но, има нешто неповолно во таа експанзија, а тоа е што големите фабрики, кои беа во околината, сега се во самиот град. Па цела индустриска зона во Автокоманда сега е во самиот град, да наведам само неколку фабрики: „Железарница“ (комплекс од фабрики), „Скопска пивара“, „Европа“, „Алкалоид“, „Жито лукс“, МЗТ (комплекс), Цементарница „УСЈЕ-Титан“ итн. Сите тие имаат преземено мерки за почист воздух, но состојбата кај некои од нив не е со целосно чисти решенија.
Преку јавните медиуми, гледаме / читаме за причините за аерозагадувањето со ситни ПМ-честички во Скопје и во многу други македонски градови. Притоа се наведуваат: загревањето на домаќинствата и на други објекти, сообраќајот со патнички возила, емисиите од индустриски објекти, градежните активности на отворен простор, палењето отпад и друго. Но, факт е дека се јавува (големо) аерозагадување само во текот на грејната сезона. И во лето има сообраќај на возила, работат фабриките, но загадување нема или е мало, освен при инцидентно палење на некоја депонија. Значи може да се заклучи дека главната причина за аерозагадувањето на градовите е од загревањето на домаќинствата и на други објекти во кои престојуваат луѓе. Се разбира дека и другите споменати причини имаат влијание, но тоа е доста помало.
Во продолжението што ќе биде објавено по неколку дена, ќе дадам предлози и решенија за начините на греење на просториите / зградите, а со цел да се намали и отстрани аерозагадувањето во градовите во РМ.
(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје)











