Поттикнат од законските измени со кои управувањето со моторно возило би се ограничило врз основа на возраста, проф.д-р Драган Даниловски, смета дека со тоа се отвора темата за институционализирана дискриминација по возраст – „ејџизам“ (ageism), за што пишува во својата нова колумна на својот официјален профил на фексбук.
Возраста како административен критериум за ограничување права создава опасен преседан: се воведува категорија граѓани со намалени права. Граѓани кај кои автономијата се третира како условна, наместо како основно право.
Старосната дискриминација во правото и биоетиката се препознава по едноставен знак: индивидуалната процена се заменува со општа претпоставка.
А претпоставката тука би била дека староста значи неспособност. Тоа е етички и научно неодржливо!, смета д-р Даниловски.
Зарем стареењето е прекршок? Зарем стареењето може да биде основ за суспензија на личната автономија?
Стареењето е биологија — варијабилна, непредвидлива, индивидуална. Секој што има допир со клиничка практика знае дека функционалната способност не се чита од „лична карта“.
Биолошката старост не се поклопува со календарската. Некој може да биде високоризичен возач и на 20 години. Друг може да има стабилни психомоторни и когнитивни функции и на 90.
Когнитивните и психомоторните капацитети секако дека треба да подлежат на оценување. Медицината има инструменти за тоа: Прегледи. Тестови. Индивидуална евалуација. Стратификација на ризици. Во модерни системи, способноста за возење се утврдува преку функционална процена кога има индикации.
Но, никако преку административна одлука – донесена врз основа на претпоставка.
Токму затоа, медицината е клучниот филтер за процена на ризиците, а не законската „косилка“ што ги сече сите над една линија.
Во светот, ваков тип автоматско ограничување исклучиво по возраст практично не постои. Исклучокот што се наведува е само Перу.
Ако се воведе мерка што е речиси непостоечка во меѓународната пракса, тоа би можело да се доживее како дискриминација и казна за самото стареење.
Секое ограничување на право мора да помине низ тест на легитимна цел, неопходност и пропорционалност.
Безбедноста во сообраќајот е апсолутно легитимна цел.
Но, воведување законска граница која би ги третирала сите лица над одредена возраст како потенцијално неспособни не е неопходно и би претставувало сериозен преседан!
Зошто? Зашто, клиничката практика секојдневно веќе потврдува дека ризикот за безбедно управување со возило се утврдува преку индивидуална процена, врз основа на здравствената состојба и функционалните капацитети, со користење на прецизни медицински инструменти и тестови.
Дополнително, вакво решение ја маргинализира медицинската експертиза, која единствено има компетенција да ја проценува способноста за возење.
Таквата мерка би носела и порака на институционална недоверба кон сопствените граѓани.
И не само тоа.
Возењето за многу луѓе во поодминати години претставува суштинска компонента на автономијата. Граница меѓу автономно и зависно постоење. Средство за пристап до здравствени услуги, одржување на семејни и социјални врски и зачувување на чувството дека остануваат активни учесници во заедницата.
Ограничувања што се доживуваат како неправедни (дури и како казна) можат да доведат до социјална изолација, губење на животната мотивација и психолошка дестабилизација.
Психијатриската и геронтолошката литература одамна укажуваат дека наглото губење на автономијата е поврзано со зголемен ризик од депресија, анксиозност и чувство на безнадежност.
Кај дел од најранливите лица, ваквите состојби можат да бидат придружени и со појава на суицидални идеи.
Овие ефекти се реални клинички феномени кои создаваат и дополнителен товар за семејствата и здравствениот систем.
Тоа мора да биде земено предвид при креирање на јавни политики.
Од аспект на правото, ваквите решенија мораат да бидат усогласени со уставните и европските стандарди.
Член 9 од Уставот ја гарантира еднаквоста на граѓаните, а член 54 бара секое ограничување на правата да биде неопходно и пропорционално.
Европската конвенција за човекови права преку член 14 и Протокол бр. 12 ја утврдува забраната на дискриминација.
Повелбата на Европската унија за основни права во членовите 21 и 25 ја нагласува заштитата од нееднакво постапување и достоинството на постарите лица.
Овие норми претставуваат обврска, а не препорака!
Концептот „Активно стареење“ (Active Ageing) на Светската здравствена организација ја нагласува автономијата, мобилноста и активното учество во општеството како предуслови за здраво стареење.
Политиките што ја ограничуваат мобилноста без внимателна процена на последиците создаваат ризик од несогледливи јавноздравствени и психосоцијални последици.
Од аспект на општествената етика, ваквите решенија се доживуваат како казна за самото стареење!
Собранието треба да обезбеди широка и суштинска стручна расправа, со вклучување на медицинската, правната и јавноздравствената експертиза, смета Даниловски.
Исто така, потребно е Медицинскиот факултет, Македонското лекарско друштво и Лекарската комора да излезат со јасен и недвосмислен став и активно да учествуваат во стручната расправа при донесувањето на измените на законот. Прашањата што се однесуваат на функционалната способност и здравствените ризици природно припаѓаат во доменот на струката, која има обврска да придонесе со својот авторитет и знаење.
Одлуките донесени денес, ќе ни ја одредат рамката во која секој од нас ќе старее утре, ќе заклучи тој.












