КОЛУМНА проф. д-р Драган ДАНИЛОВСКИ: Само трпение!

483

Последниве ден-два сите малку повеќе размислуваме за здравјето на децата. Секој родител веднаш се загрижува кога ќе слушне дека поголема група ученици добиле стомачни симптоми — повраќање, болки во стомакот, дијареја.

Тоа е природна, човечка реакција. Сите ние, како родители, дедовци, баби, наставници или лекари, не можеме да не се прашаме: „Безбедни ли ни се децата?“

Во вакви моменти, важно е да имаме јасни, смирени и проверени информации. Затоа, овој текст го пишувам со една цел: да објаснам што воопшто претставуваат цревните инфекции кај децата, колку се чести, кои се нивните најчести причинители — и што навистина треба да правиме дома кога детето ќе добие вакви симптоми.

Малите деца имаат „жив“ имунитет кој сè уште учи. Поради тоа, многу полесно „фаќаат“ вируси и бактерии што кај возрасните можеби дури и не предизвикуваат симптоми.

Најчести причини за нагло повраќање и дијареја кај децата се:

– норовирус – многу заразен, брзо се шири

– ротавирус – почест кај помалите деца

– бактерии (Salmonella, Campylobacter, токсин на Staphylococcus aureus и др.) – поретко

– храна што е подготвена или складирана на несоодветен начин

– вода – поретко, но можно

– контактно ширење во колектив: едно дете заразува друго

Тоа што се појавиле повеќе случаи во краток временски период не значи нужно сериозна закана – туку најчесто укажува на заедничка изложеност, што е типично за колективи во училиштата и во градинките.

Типичните симптоми кај децата се:

– нагло појавено гадење и повраќање

– болки во стомакот

– дијареја (пролив)

– повремено покачена температура

– малаксаност, поспаност

Овие симптоми најчесто траат 1 до 3 дена, иако понекогаш дијарејата може да потрае и малку подолго.

Најважно е да се следи хидратацијата! Децата, особено малите, брзо губат течности. Тоа е главната причина зошто внесувањето на вода, чај или на електролитни раствори е многу поважно од која било терапија.

Сепак, во следниве ситуации треба да се побара лекарска помош:

– ако детето не може да задржи никаква течност

– ако има знаци на дехидратација (сува уста, ретко мокрење, летаргија)

– ако има крв во столица

– ако се јави висока температура што не се симнува

– ако детето е под 3 години и изгледа многу исцрпено

– ако настане влошување наместо подобрување по 24 – 48 часа

Во најголем број случаи, домашна нега е сосема доволна.

Совети за родителите:

– давајте му на детето почесто течности, голтка по голтка

– електролитни раствори се златен стандард

– избегнувајте газирани пијалаци

– избегнувајте „тешка“ храна додека симптомите не стивнат

– не давајте антибиотици на своја рака (во 90% од случаите не помагаат)

– миење раце – најмоќна мерка

Многу е важно да се разбере дека ваквите инфекции се дел од нормалните инфекции што секој организам ги поминува.

Уште поважно е: Децата не се виновни!

Кога ќе се појави зголемен број деца со исти симптоми, тимовите (епидемиолозите) од јавноздравствените институции веднаш почнуваат систематска работа:

– прибирање податоци (епидемиолошки анкети)

– анализа на симптомите и временската линија на појавата на случаите

– проверка на можни изложености

– лабораториски анализи на храна, вода и брисови од околината

– утврдување на веројатната причина

– препораки за сузбивање и спречување

Понекогаш јавноста сака одговор веднаш — што е разбирливо.

Но, епидемиолошкото истражување не смее да се прави набрзина, ниту смее да се заснова на претпоставки. Важно е да не се извлекуваат заклучоци пред да ги имаме фактите.

Зашто, причината може да биде вирусна, бактериска, од храна, од вода – или сосема нешто трето.

Тоа може да го покаже само лабораторија.

Она што е сигурно е дека институциите се веќе на терен и работат.

Како епидемиолог, но и како родител, ја разбирам загриженоста. Но исто така знам дека:

– цревните инфекции кај децата се многу чести

– најголемиот дел минуваат брзо

– медицината има одлични механизми да ги следи и да ги спречи

– нашите институции имаат долгогодишно искуство со вакви ситуации

Затоа, само трпение! 

(авторот е универзитетски професор, епидемиолог)

ИЗДВОЕНИ