Колумна Љупчо Јаневски: ТУРИЗМОТ, ЧЕКАЈЌИ ГО ДА ДОЈДЕ!

430

Сведоци сме на раздвижување во бројот на туристите кои ги посетуваат нашите две најголеми туристички места во големи групи, како и бројки кои покажуваат зголемување кај странските туристи во првиот квартал од оваа година. Домашните се во опаѓање и ова писание ќе го посветиме на компарациите на овие податоци, како и на тенденциите за тековите во македонскиот туристички сектор. Дали на туристичката македонска индустрија ѝ е потребен квантитет или квалитет во следните пет години? Ќе започнеме од тезата дека е потребно да имаме масовен туризам, па потоа да можеме да развиваме алтернативни форми на туризам или да ги нудиме како дневни атракции во дестинацијата? Тотално погрешен пристап бидејќи квантитетот на гости кои најчесто пристигнуваат во бранови (кружни патувања со краток престој од ден или два) со високи пикови во сезоната која станува сè пократка и неиздржлива за локалното население ги носат следните позитивни и негативни елементи во туристичката дестинација:

Зголемен притисок врз хотелите за сервисирање поради краткиот престој;

Висок притисок врз вработените кои сè повеќе се фокусираат на квантитетот; додека услугата и дополнителната грижа за клиентите се намалува;

Ниски цени за групи во хотелите и рестораните поради масовноста со низок праг на квалитет и услуга;

Зголемени цени во рестораните за стандардните туристи поради потребата за балансирање на рентабилноста и упросечувањето на цените поради ниските цени кои ги диктираат групите;

Пад на вонпансионската потрошувачка поради програмите кои се фокусирани само на профит од страна на големите туроператори;

Поради континуираниот притисок од масовен туризам старите јадра во градовите сè повеќе се пренаменуваат во апартмани, кафетерии и ресторани, а локалното население се иселува, старите занаетчиски дуќани кои се душа и обележје на едно време се пренаменуваат во луксузни дуќани за интернационални брендови;

Поттикнување на висока миграција на домашната работна сила како сезонски работници надвор од државата во туристичката индустрија;

Губење на автентичноста во дестинацијата;

Зголемен автобуски сообраќај и максимален притисок врз инфраструктурата;

Зголемен број на сезонски вработувања пред сè во странство кои не секогаш создаваат квалитет во услугата;

Силен притисок врз локалната самоуправа за сервисирање на дестинацијата од секој можен аспект;

Потреба од големи хотелски комплекси со капацитет над 300 соби кои ќе го изамортизираат пикот на групите пружајќи воедначена услуга за сите туристи;

Затворени хотели надвор од сезоната.

Сите овие елементи се дел од негативните директни или индиректни ефекти кои се секогаш декор на масовниот туризам, пред сè во дестинации кои имаат ограничен број сместувачки капацитети како што се нашите туристички центри. Единствена позитивна страна од развојот на овој тип туризам имаат ситните трговци кои своите услуги ги даваат сезонски, пред сè на туристите кои се на дневни екскурзии или даваат услуги на групи. Секако, во овој контекст не треба да се занемарат статистиките и скокот на туристи, како и значителниот помал скок на остварени ноќевања во дестинациите кои даваат комплетно искривена слика на случувањата и туристичката одржливост во дестинацијата.

Дијаметрален развоен концепт претставува руралниот туризам, кој во себе ги содржи сите форми на алтернативни понуди од кои највпечатливи за Македонија и по кои може да се одвои од останатите дестинации во регионот се екотуризмот, агритуризмот, старите занаети, културолошкиот туризам, верскиот туризам, ено-гастро концептот, винскиот туризам, автокамперството, сите активни форми на туристичка понуда содржани во националните паркови и останати средини без разлика на градските и селските кои е потребно да изобилуваат со ваков тип атракции и понуди. Овој концепт на туристички развој се одликува со:

Ниска сезона, односно се одвива во текот на целата година;

Намален миграциски притисок во руралните средини;

Отворање на микро и семејни услужни бизниси во дестинацијата;

Задржување на автентичната архитектура приспособена внатрешно за потребите на туристите;

Максимална инволвираност на локалното население во туристичките понуди;

Долг престој на дестинациите;

Зголемена вонпансионска потрошувачка значајна за локалниот економски развој;

Зголемена потрошувачка на земјоделски производи, локални специјалитети и интерес за социјализација и интегрираност со локалното население;

Минимално загрозување на животната средина и опасност од загадување;

Минимален притисок врз инфраструктурата и локалната заедница;

Мали групи туристи кои се сместуваат во мали сместувачки капацитети и хотели во руралните делови.

Додека негативните влијанија воопшто не се забележани освен фактот дека за развој на овие туристички форми е потребен долгорочен континуиран пристап која дава резултати со долгорочни позитивни ефекти во дестинацијата кои се покажале чудесно позитивни во голем број европски дестинации.

Очигледно е дека „Лесниот начин не е добар“, додека „Добриот начин не е лесен“ во развојот на дестинацискиот менаџмент и македонскиот туристички сектор. Процесот на масовниот туризам во македонските туристички дестинации се отфрли како концепт во 2018 година трудејќи се низ годините да создадеме одржливост и имиџ на дестинација која гради уникатна комуникативна стратегија во промовирање на нешто различно на Балканот, различен туристички концепт и уникатни искуства за туристите кои нè посетуваа без разлика дали се домашни или странски. Порастот и резултатите во Македонија беа високорангирани според Светската туристичка организација со значително зголемување на портфолиото од дестинации кои нè посетуваа. Скокот на просечниот престој, туристичкиот промет и паралелниот скок на туристите и ноќевањата од Македонија и странство креираа нови работни места кои директно или индиректно изнесуваат 4% од вкупниот број на вработени со приближно 4,2 % од бруто-домашниот производ од туризмот или туристички промет во 2023 година од 598,5 милиони долари кој силно влијаеше во македонската кревка економија во периодот по завршувањето на короната. Започнат процес на нова комуникативна кампања, визуализација со прво  туристичко лого „Taste Life“ базирано на три столба, авантура, гастрономија и вино кое требаше да биде увертира на националното туристичко брендирање остана само желба, а заклучоците на владата за национална туристичка кампања,  отворање на Дестинациски менаџмент Организации – ДМО, дигитализација, нов систем на субвенционирање за странски и домашни туроператори  и развој на круцијални проекти „Педесет села – педесет туристички приказни“, развојот на винските патишта и ено-гастро концептот кој ќе го означеше почетокот на нешто ново сè уште ги очекуваме во последните две години. За одржлив туризам воопшто и нема потреба да зборуваме бидејќи тоа што ни се случува во македонските туристички центри денеска во најмала рака е далеку од тоа. Недостатокот на инвестициите во туризмот, приспособен закон за туристичка дејност, археолошки локалитети валоризирани за туристички посети, светски практики во промоцијата, светските хотелски брендови кои даваат друга перцепција за дестинацијата и поврзаноста на Охрид со голем број странски дестинации клучни за овој регион укажуваат единствено на фактот дека нам туризмот ни се случува.

За да не ни се случува туризмот туку за да живееме од неговите благодати, мораме најпрво да започнеме од себе, од најблиските и да создадеме позитивен притисок врз институциите на системот со нашето проактивно учество во промените кои треба да започнат од нас, а да продолжат професионално во нашите институции врзани и задолжени за туризмот во Македонија. Силно верувам дека Македонија има експерти кои можат да креираат долгорочна стратегија во туризмот, да постават развоен дестинациски менаџмент на секое ниво и заедно со институциите на владата да ги имплементираат во следните пет години бидејќи нема да можеме да ги погледнеме од далечината каде нашите соседи отишле кога е туризмот и економијата во прашање. Затоа сме си потребни едни на други без суети, туку со споделено знаење за доброто на цела држава со која треба да се гордееме.

Македонија Мора Напред!

Доц. д-р Љупчо Јаневски

(авторот е универзитетски професор)

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

ИЗДВОЕНИ