Колумна, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција: Феминистичка дипломатија: да ја забрзаме мобилизацијата

50
Кристоф ЛЕ РИГОЛЕР, Вонреден и ополномоштен амбасадор на Франција во Северна Македонија

Како да се обединиме, да дејствуваме и како да се спротивставиме заедно во одбрана на правата на жените, девојките и родовата еднаквост? Ова е централното прашање на четвртата министерска конференција за феминистички дипломатии, на која Франција ќе биде домаќин на 22 и 23 октомври 2025 година. На оваа конференција ќе учествуваат министри за надворешни работи од сите региони во светот, претставници на меѓународни организации, јавни развојни банки, како и претставници од граѓанското општество, истражувачкиот сектор и филантропските фондации.

Од 2019 година, Франција води феминистичка дипломатија, поставувајќи ги родовата еднаквост и правата на жените како трансверзален приоритет на своето надворешно дејствување: мир и безбедност, развој, демократско владеење, хуманитарна акција, меѓу другото. Далеку од тоа да биде само декларативна, оваа феминистичка дипломатија се преточува во конкретни јавни политики и цврсти партнерства.

Северна Македонија е партнер на оваа мобилизација. Делегација од Министерството за надворешни работи, предводена од државната секретарка, г-ѓа Елена Кузмановска, минатиот декември ја посети Франција, со поддршка на „UN Women“, со цел поконкретно да разговара за внатрешниот аспект на феминистичката дипломатија. Овој аспект промовира родова еднаквост во француското Министерство за надворешни работи, охрабрувајќи ги жените да прифаќаат одговорни позиции и застапувајќи нулта толеранција за секаков вид вознемирување.

Франција и нејзините партнери веќе дејствуваат во насока на правата на жените и на девојките

Франција ја постави одбраната на правата на жените, девојките и родовата еднаквост како стратешко и геополитичко прашање за градење праведни, инклузивни, мирољубиви и одржливи општества. Истражувањата покажуваат дека учеството на жените во преговарачките процеси ја зголемува веројатноста за одржливост на процесот за 35%. На ист начин, политиките кои целосно ја интегрираат родовата еднаквост овозможуваат поефикасна борба против климатските промени, го стимулираат растот и ја зајакнуваат отпорноста на нашите општества.

На 7 март 2025 година, Франција ја претстави својата Меѓународна стратегија за феминистичка дипломатија. Во неа е зајакната одбраната на сексуалните и репродуктивните права и здравје. Поставени се нови приоритети, ставајќи ја родовата еднаквост во фокусот на одговорот на Франција на современите предизвици: кризи и конфликти, климатски промени, здравство, меѓународни финансии, дигитална технологија и вештачка интелигенција.

Феминистичката дипломатија на Франција се спроведува преку значајни иницијативи. Таков е случајот со Фондот за поддршка на феминистички организации (FSOF), основан во 2020 година, кој им помага на повеќе од 1.400 организации во 75 земји. Друг пример е лабораторијата за правата на жените на интернет, создадена во 2024 година. Станува збор за првата меѓународна платформа за размена и инкубација на проекти против родово базирано насилство во дигиталното опкружување.

Додека родовите нееднаквости опстојуваат, останува уште многу да се направи

И покрај овие иницијативи и напредокот постигнат од меѓународната заедница, останува уште многу да се направи. Според „UN Women“, со сегашното темпо, ќе бидат потребни речиси 300 години за да се постигне вистинска еднаквост во светот.

Денес, родовите нееднаквости сè уште постојат, дури и се влошуваат. Сексуалното насилство поврзано со конфликти е зголемено за 50% помеѓу 2022 и 2023 година. Во премногу земји, милиони жени се лишени од основното право да располагаат со сопственото тело: 193 милиони жени немаат пристап до абортус освен кога нивниот живот е во опасност, а 142 милиони немаат пристап под никакви околности. Секаде каде што кризите го разнишуваат социјалното ткиво, како во Авганистан, Иран, Газа, Украина, Судан, во прв план се загрозени правата на жените.

Конференција на високо ниво за да ја потврдиме нашата одлучност и колективна амбиција

Во меѓународен контекст обележан со значителен пад на наменските финансиски средства и зајакнување на движењата против правата, четвртата министерска конференција за феминистички дипломатии ќе ја потврди нашата заедничка решеност да ги браниме и да ги промовираме правата на жените и родовата еднаквост, без да прифатиме какво било назадување. Заедно, сметајќи на поддршката на Северна Македонија, ќе продолжиме да дејствуваме.

Кристоф ЛЕ РИГОЛЕР,

Вонреден и ополномоштен амбасадор на Франција во Северна Македонија

ИЗДВОЕНИ