Кога Крис Павловски на Самитот на „Македонија 2025“ кажа дека Македонија може да стане „Швајцарија на Балканот“ и „европска оаза за криптовалути“, тој не само што ја потврди мојата борба од изминатите години, туку ми даде сојузник со глобален глас. Неговиот повик за фокус на енергија, вештачка интелигенција и криптовалути, е план за економски бум што може да ја катапултира Македонија, во 21 век, кон нови успеси. Уште од 2021 година, предвидов дека криптовалутите и блокчејн-технологијата ќе ја редефинираат глобалната економија и дека биткоинот треба да биде дел од националните резерви. Но, додека Павловски и јас гледаме кон иднината, нашите локални „експерти“ кукаат од сенките на СФРЈ, а Владата со својата величествена игнорантност, го засенува сонцето што може да не огрее со нејзините бирократски облаци.
Македонија има три клучни пречки за привлекување инвестиции, немање регулации, лоша инфраструктура и корупција.
Јас веќе одамна подготвив прогресивни регулации за криптовалути и имплементација на блокчејн-технологијата за да ја елиминираат корупцијата и за економски бум. Патем, да ви кажам, дека ќе бидат детално објаснети во мојата следна книга што ја пишувам.
ВИЗИОНЕРИ
Павловски не е само милијардер што дошол да ни „соли памет“ од Канада. Тој е визионер кој ја гледа Македонија како потенцијална крипто Мека, искористувајќи ја нашата стратешка географска положба, вишокот електрична енергија од фотоволтаици и релативно евтина работна сила.
Тој кажа дека ако се направат ДОБРИ ЗАКОНСКИ РЕГУЛАТИВИ, ќе има многу компании кои ќе ја напуштат ЕУ и ќе дојдат кај нас во Македонија.
Мојот предлог за нулта даночна стапка на криптотрансакции и токенизација на повеќе сектори е во согласност со глобалните трендови и 21 век. Замислете блокчејн платформи каде што недвижностите, земјоделските производи или Македонска берза се токенизирани, овозможувајќи секому да инвестира брзо, транспарентно и без бирократски лавиринти.
Во многу мои јавни настапи зборував за неизбежната доминација на криптовалутите, предвидувајќи свет каде што блокчејн технологијата ќе ја елиминира потребата од посредници и ќе ја демократизира економијата.
Последниве пет години ги поминав борејќи се за регулација на криптовалути и имплементација на блокчејн во јавниот сектор. Сум зборувал до бесвест за тоa како блокчејн може да ја направи администрацијата транспарентна, да ги намали трошоците и да ја модернизира економијата.
Крис Павловски има контакти во глобалната крипто заедница што може да донесе инвестиции од милијарди долари ако Владата конечно донесе паметни закони со моите предлози. Нулта даночна стапка на крипто, што ќе привлече стартапи и технолошки гиганти за многу краток период.
Го следевте говорот на нулта даночна стапка на крипто што ќе привлече стартапи и технолошки гиганти за многу краток период, косопственикот на фирмата „Тетер“ што прави нето-годишен профит колку целокупниот БДП на Македонија? Зошто ние да се мачиме со несоодветни ЕУ регулации и високи даноци што ги кочат иновациите и ги одбиваат инвеститорите? Кога Македонија може да биде пионер, а не бледа копија на бирократски европски модели!
Македонија има три големи пречки за инвестиции, но решенијата се пред нас. Прво, немањето регулации за криптовалути е проблем што јас можам да го решам. Со моето искуство и знаење од глобалните пазари, можам да изработам закони што ќе ја позиционираат Македонија како крипто рај, сличен на Дубаи, привлекувајќи инвеститори без да ги оптоваруваме со бирократија. Втора бариера е лошата инфраструктура, патишта, енергетски мрежи и спор интернет. Трето, корупцијата, рак на нашиот систем, може да се елиминира само со блокчејн технологија, елиминирајќи го просторот за „џебни договори“.
СЕНКИТЕ ОД МИНАТОТО
Нашите „експерти“ се вистински мајстори за гаснење ентузијазам, а нивните коментари се толку застарени што звучат како расипан касетофон од 80-тите.
Слушам и не можам да поверувам како извесни економски аналитичари „адхок” ги отфрлаат идеите за воведување на иновативни решенија за македонската економија без да дадат свои цврсти аргументи против.
Велат, идејата на Павловски е „невкусна“ и иронично го канат да се пресели тука за да ја „оправи“ Македонија. Но, зошто да го отфрлиме милијардерот кој нуди инвестиции и глобална мрежа, само затоа што не живее во отруеното Скопје?
Тврдењето дека криптовалутите трошат струја е смешно, имаме вишок енергија од фотоволтаици и тие што инвестирале немаат загарантиран откуп и наскоро голем дел од нив ќе банкротираат. Само блокчејн може да донесе милијарди за економски раст.
И стравот од „манипулации“ со криптовалути е сосема неоправдан. Тој што се плаши од криптовалутите, сигурно и на интернетот гледа како врата кон Матриксот. Напротив, традиционалните финансии се рингишпил за манипулации, а блокчејн нуди транспарентност што може да ја искорени корупцијата. Нивното инсистирање на „високотехнолошки компании“ без да разберат дека крипто индустријата е највисоката технологија е трагикомично. Како да се модернизира економијата со идеи постари од мојот прв компјутер?!
Ако паднеме во стапицата на песимизмот, кукајќи дека имаме многу поголеми реални проблеми, дека сме заглавени во ѓубре, но и ако чекаме да ги исчистиме парковите пред да привлечеме инвестиции, ќе бидеме Швајцарија кога внуците на Павловски ќе копаат биткоин на Марс.
Со мрачни прогнози никогаш нема да тргнеме напред. Ќе ја оставиме Македонија вечно да тапка во место, а единствената иновација ќе биде некој нов модел на бирократски печат!
Ајде да разговараме со факти, а еве и неколку.
Да, институциите се нефункционални, а корупцијата е проблем, но токму затоа блокчејн е решението, затоа што овозможува транспарентни и непроменливи податоци, елиминирајќи го просторот за корупција.
Второ, тврдењето дека крипто е „сомнителен бизнис“ е смешно. Ел Салвадор во 2021 го легализира биткоинот и привлече милијарди во инвестиции, а економијата им порасна за 12% за една година. Дали и тие се „елдорадо“ за нелегални бизниси, или само знаат да препознаат можност?
Трето, идејата на Павловски не е „маркетинг“, тој нуди конкретни идеи, што можат да донесат милијарди инвестиции со неговите контакти.
На крај, да заклучиме: да, Македонија може да привлече инвестиции вредни милијарди евра, да, во Македонија може да се искорени корупцијата и да имаме транспарентност. Сè што е потребно е добри регулации за криптовалути, нула даноци и имплементација на блокчејн технологија во јавните сектори.
Крис Павловски нуди план и инвестиции, а јас нудам експертиза. Патем не е случајно што имаме ново Министерство за дигитализација (дигитална трансформација), тоа е по директива на ЕУ затоа што преку дигитализација може да се сузбие корупцијата. Критичарите можат да си продолжат да си кукаат во сенките од минатото.
(авторот е крипто-експерт, портфолио стратег и макро аналитичар)