КОЛУМНА Д-Р РИСТО ЦИЦОНКОВ – Клима-уредите треба правилно да се користат

272

Редовно гледам вести на телевизија, а овие денови почнуваат со соопштенија за пожари, колку и каде ги има во последните 24 часа, колку се изгаснати, колку се под контрола, а најгледаниот лик е Стојанче. Но за мене, веќе неколку недели, најважниот дел од вестите е крајот, кога се емитува временската прогноза во која се прикажани температурите на надворешниот воздух, а тие се екстремно високи. И почетокот (пожарите) и крајот на вестите (високите температури) се резултат на климатските промени кои, според мене, ќе бидат уште поизразени во идните децении.

Еве, кажуваат во Скопје ќе има температура од 42° Ц мерена кај Управата за хидрометеоролошки работи во сенка, а околу има зеленило. Во градот Скопје во густо изградените зони со многу бетон и асфалт, температурата на воздухот ќе биде веројатно околу 45° Ц, а на сонце уште повеќе.

Во услови на долги и големи горештини е нормално да се вклучуваат клима-уреди, оние што ги имаат, а нивниот број е сè поголем. Понатаму ќе зборувам за индивидуалните клима-уреди во сплит изведба кои најчесто се употребуваат.

Една од најважните работи што треба да се знае е на која температура треба да се одржува воздухот во просториите. За летната сезона се препорачува: температура од 26° Ц (или 27° Ц) и влажност од 50 проценти. За горенаведените услови е потребна и соодветна облека на луѓето, а за летната сезона тоа е кошула (или блуза) со кратки ракави и лесна ткаенина.

Министерството за здравство објави општи препораки за заштита на населението од високи температури во кои пишува „Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25° Ц) на работното место и во домот“. До 25° Ц, значи може и пониска температура?! Ова не е коректно бидејќи за секој еден степен пониска температура се троши 12 до 15 проценти повеќе електрична енергија.

Во случаите кога надворешната температура е многу висока, односно, кога има голема температурна разлика меѓу надворешниот и внатрешниот воздух (над 10° Ц), не треба да се излегува директно надвор бидејќи наглата промена му влијае како шок на човечкиот организам и можни се фатални последици. Се препорачува претходно краток престој во некој меѓупростор и потоа излегување надвор.

Во период на работа на клима-уредот, прозорците и вратите од просторијата треба да бидат затворени. Ако има потреба од свеж воздух, може накратко да се отвори прозорец. Големо проветрување се врши преку ноќ и рано наутро, а тогаш клима-уредот треба да биде исклучен. Во тој период ѕидовите на станот ќе се оладат така што следниот ден вклучувањето на клима-уредот ќе биде малку подоцна во текот на денот.

Брзината на струење на воздухот во просторијата треба да биде најмногу до 0,15 м/с. Струењето на воздухот од клима-уредот не треба да биде насочено кон човечкото тело. Со далечинскиот управувач може да се одбере брзината на воздухот (најчесто има три брзини), а со дефлекторот и жалузините може да се одбере правецот на струење. Ако студен воздух дува директно на вашето тело и тоа не можете да го избегнете, тоа е опасно по здравјето и тогаш е подобро да немате клима-уред.

Внатрешната единица на клима уредот има филтер за воздух, а кај некои производители може да има и некој додатен филтер за пофина филтрација. Во зависност од тоа колку често се користи уредот, се препорачува барем еднаш месечно да се чисти филтерот за воздух. Ако на него има нафатено нечистотии, тие ја намалуваат ефикасноста на работата на клима-уредот.

Надворешната единица е срцето на системот за климатизација, во неа се наоѓа мотор-компресор и кондензатор. Треба редовно да се проверува дали струењето на воздухот низ кондензаторот (топлински разменувач со ламели) не е попречено од нафатени нечистотии и/или лисја. Ако има нечистотии, струењето на воздухот е отежнато, а тоа спречува предавање топлина на околината, се јавуваат превисоки внатрешни притисоци од над 35 бари и машината се мачи. Во такви отежнати работни услови веројатноста да настане дефект е голема. Проверката на состојбата на клима-уредот се прави пред почетокот на летната и пред почетокот на зимската сезона.

Клима-уредите се многу посложени апарати во споредба со другите апарати за домаќинството (фен, пегла, миксер и др.), затоа треба да се купуваат од специјализирани фирми кои имаат обучени лица за монтажа, одржување и сервисирање, имаат резервни делови и даваат стручни совети на корисниците.

 

Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

Авторот е член на Извршниот комитет на Меѓународниот институт за ладење (ИИР) со седиште во Париз.

ИЗДВОЕНИ