Минатите неколку недели јужна и средна Европа беа зафатени со интензивни топлотни бранови што предизвикаа големи шумски пожари и други штети, но и штетно влијание врз населението при што бројот на починати лица беше за десетици илјади лица поголем од просекот во минатото. Со екстремно високи температури беше зафатена и Македонија, но кај нас нема официјално соопштение за бројот на починати лица како последица од тие екстремни временски услови.
Во такви жешки денови беше, а и сега е актуелно како да се обезбедат комфорни услови дома, на работа и во разни јавни и комерцијални објекти. Кога станува збор за ладење на простории речиси сите спомнуваат клима-уреди, и се мисли на индивидуални клима уреди во „сплит“ (разделена) изведба, составен од надворешен и внатрешен дел. Но, со еден ваков клима-уред се лади само една просторија (соба или канцеларија).
Заради неинформираност, незнаење или од други причини, на многу згради од јавен или комерцијален карактер се инсталирани индивидуални клима-уреди, така што на фасадите на тие згради се ставени голем број надворешни единици. На тој начин надворешниот изглед е нарушен и од естетска и од архитектонска гледна точка, а тоа не е добро. Деновиве беше објавено во јавните медиуми за инсталирање на голем број индивидуални клима-уреди во болници, градинки итн.
Веднаш да кажам дека во најголем број случаи постои погрешен пристап кога треба да се стави уред или систем за климатизација. Кај новите згради изборот на начинот на климатизација треба да се направи уште во фаза на проектирање на објектот, а не по завршување на неговата изградба. Исто така, треба истовремено да се разгледува и системот за греење. Ова е особено важно бидејќи денес сите клима-уреди и ладилни машини може да служат и за ладење и за греење (режим на топлинска пумпа). Изборот на опремата треба да се прави според направени пресметки на топлински добивки на просториите бидејќи денес има згради со повисока енергетска класа така што ладилниот капацитет кај нив може да биде два или повеќе пати помал за иста квадратура. Дури и при избор на индивидуален клима-уред е пожелно да биде консултирано стручно лице или да се направи контакт со специјализирана фирма. Голем број граѓани и фирми не се запознаени со можните опции при избор на систем за климатизација.
Каков систем за климатизација да се одбере најмногу зависи од намената на објектот, неговата големина, цената на опремата и др. Наједноставен и најевтин е клима-уредот во „сплит“ изведба, а тоа е и најраспространетиот тип. Најчесто се монтира еден ваков клима-уред за секоја просторија.
Ако се работи за објект со две или повеќе простории, тогаш не треба да се ставаат посебни клима-уреди за секоја просторија, туку може еден систем кој се состои од една заедничка надворешна единица и соодветен број внатрешни единици. За поголем објект со повеќе простории има опција за централен систем со индиректно ладење (и греење) каде што има ладилна машина за ладење вода (или антифриз), во практиката наречена „чилер“ (chiller), која со помош на пумпа и низ цевководна мрежа циркулира во вентилаторски конвектори (фен-коил единици) во просториите. Кај овие системи постои можност за добивање санитарна топла вода со многу помала потрошувачка на електрична енергија отколку со класичен електричен бојлер.
Постои опција и со централен VRF-систем. Тој се состои од една надворешна единица и неколку десетици внатрешни единици, а сите се поврзани со цевки во кои струи специјален ладилен флуид.
За целосна климатизација е потребно и доведување на свеж воздух кој се подготвува во т.н. клима-комори во кои се врши филтрирање, ладење (или греење) и влажење (во зима). Потоа, со каналски развод воздухот се уфрлува во просториите преку соодветни решетки.
Уште еднаш ќе нагласам дека ставање индивидуални клима-уреди на фасади на државни згради, јавни објекти (болници, градинки…), комерцијални објекти и слично е погрешено решение.
Државата, особено Министерство за енергетика, други надлежни институции, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и други треба да го регулираат ова прашање со прописи. Можеби треба да се види како тоа го регулираат со прописи други градови со топла клима.
(Авторот е редовен професор нa Машински факултет – Скопје и член на Извршниот комитет на Меѓународниот институт за ладење – ИИР со седиште во Париз)