Енергетската криза во 2022 година, која беше најизразена во Европа вклучувајќи ја и Република Македонија (РМ), предизвика турбуленции во економијата и финансиски загуби. Но од друга страна, таа е добредојдена, особено во нашата земја. Имено, големите и средни потрошувачи на електрична енергија кои ја купуваат на отворен пазар, заради високата цена проценија дека повеќе им се исплати да инвестираат во инсталирање на сопствено производство со фотоволтаици отколку да плаќаат високи сметки за електрична енергија. Во прилог им оди и падот на цената на фотоелектричните панели. Така, во последниве неколку години има масовна изградба на фотоелектрични централи што делумно ја ублажи енергетската криза кај нас, особено заради лошата состојба со термоцентралите во РЕК „Битола“. Од една страна, тие се многу стари и подложни на дефекти, а од друга страна резервите на јаглен во рудниците се речиси исцрпени, па мораме да увезуваме големи количини. Во земјава имаме и извесно производство на електрична енергија со ветерници, но тоа е релативно мало во вкупниот биланс.
И покрај изградбата на голем број фотоелектрични централи, РМ има голем проблем во снабдувањето со електрична енергија бидејќи фотоцентралите и ветерниците произведуваат само кога има сонце и ветер, а капацитетите за складирање се многу мали. Значи, во земјава мора да има стабилни (базни) произведувачи како што се хидроцентрали и термоцентрали. Ова се потврдува и со фактот дека околу 30 отсто од потребите за електрична енергија РМ ги покрива со увоз, а тоа се големи финансиски средства. На пример, во 2022 година државата потроши околу 400 милиони евра за увоз на електрична енергија. Според „Блумберг адрија“ за првите шест месеци од оваа година РМ увезе струја во вредност од близу 200 милиони евра. Познато е дека повеќе децении во енергетските планови на РМ е предвидена изградба на хидроелектричната централа (ХЕЦ) Чебрен на Црна река, но до денес реализацијата е на нула. Ова е голем минус на сите претходни влади. Да напомнам дека во „Стратегија за развој на енергетиката во РМ до 2040 година“, објавена во 2020 година е наведена цена од 550 милиони евра и капацитет од 458 МW. Претходната влада во 2023 година беше во преговори со странски инвеститор при што вредноста на инвестицијата беше проценета на околу една милијарда евра за инсталиран капацитет од 333 MW и централата да биде реверзибилна. Пред неколку месеци сегашната Влада најави дека во кредитната рамка од шест милијарди евра во договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство (ОК) е предвидена изградбата на ХЕЦ Чебрен, а министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека сака тоа да биде државен проект (не странски инвеститор). Таа нагласи дека во декември 2024 година е формирана работна група за ХЕЦ „Чебрен“.
Во неколку претходни стратегии за енергетски развој на РМ е предвидено изградба на државни когенеративни гасни централи, но тоа не е реализирано. Претходната влада водеше разговори со странски инвеститор, но во последен момент се откажа од потпишување договор. Сегашнава влада потпиша меморандум со „Казанџи груп“ за стратешки проект во енергетиката вреден една милијарда евра во кој е предвидено да се градат когенеративни гасни централи. Не ми е јасна упорноста за странски инвеститор. Тој ќе ја продава електричната енергија на берза, а РМ останува повторно без сопствено базно производство. Придобивка е само користењето на топлинската енергија која може да се користи за топлификација, но и за тоа треба да има некој договор. Всушност, оваа инвестиција ќе биде поставена на ист (или многу сличен) начин како што е сега постојната ТЕ-ТО која ја продава електричната енергија на отворен пазар. Апелирам државата да биде инвеститор (најмалку 51%) на когенеративни гасни централи и тоа под итно бидејќи нема базно производство на електрична енергија. И уште нешто. Бидејќи природниот гас не е еколошко гориво и веќе постепено се исфрлува од употреба, се претпоставува дека по 2050 година ќе биде забранет. За да има економска исплатливост термоцентралите треба да работат барем 25 години. А ако ние почнеме со изградба веднаш, тие би биле готови за околу 4 до 5 години. Значи нема да достигнат полн работен век на постројките.
А сега да набројам некои капитални инвестиции кои се, главно, во автопатишта и во железницата. Во 2023 година беше потпишан договор за изградба на неколку делници од автопатите на Коридорот 8 и 10-д со компанијата „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра, плус 300 милиони евра потребни за експропријација на земјиште. Уште тогаш апелирав да се одредат (сменат) приоритетите за изградба така што делницата Гостивар – Кичево итно да се гради (причините се јасни). Што се однесува до другите делници, патот Тетово – Гостивар е приближно на ниво на автопат и таму сообраќајот се одвива без застој. Патот Прилеп – Битола е на пониско ниво од претходниот, но се работи за прав пат без големи проблеми во одвивањето на сообраќајот. Според тоа, уште тогаш укажав приоритет да се даде на изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ и најмалку една когенеративна гасна централа, а потоа да се градат патните делници Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола кои навистина треба да се градат, но подоцна. Пред неколку месеци беше потпишано стратешко партнерство на РМ со ОК кое ќе овозможи силна економска соработка меѓу двете влади со инвестициски циклус од околу шест милијарди евра во инфраструктурата, здравството, енергетиката итн. Беше објавено дека во таа рамка ќе се инвестира во изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, како и во изградба на болници. Се спомна износ од околу две милијарди евра. Очекував оваа (нова) Влада да објави и реално да почне да ја гради ХЕЦ „Чебрен“ бидејќи РМ нема базно производство на електрична енергија, а има и многу други причини за тоа како што се водоснабдување, наводнување во земјоделството и адаптацијата кон климатските промени. Исто така, очекував веднаш да гради сопствена гасна когенеративна централа, а не да склучува договор тоа да го прави странски инвеститор („Казанџи груп“) кој ќе ја продава електричната енергија на отворен пазар. Само во последниве неколку години РМ увезе електрична енергија колку што чини ХЕЦ Чебрен, а сега нема потпора „да застане на свои нозе“ на полето на енергетиката, нема (доволно) свое базно производство на електрична енергија.
На крај да резимирам. РМ интензивно гради автопатишта, железница и друга инфраструктура што чини неколку милијарди евра, а не почна да гради ниту еден објект за производство на базна електрична енергија. Автопатот Тетово – Гостивар или Прилеп – Битола не може да има приоритет пред изградба на базна хидроцентрала или термоцентрала. Пред неколку дена министерот за транспорт објави дека под итно ќе се работи на студија за реконструкција / модернизирање на пругата Скопје – Кичево и потоа за околу две години ќе биде готова. И тоа ќе чини 79 км х 4 милиони = 316 милиони евра. Значи, потребата од оваа пруга се става пред изградба на централи за производство на базна електрична енергија! Очигледно е дека за енергетиката во Македонија се направени „грешки во чекори“ во приоритетите за инвестиции, а тоа скапо го плаќаме сите.
Д-р. Ристо Цицонков Редовен професор на Машински факултет – Скопје
(Авторот е редовен професор на Машински факултет – Скопје и член на Извршниот комитет на Меѓународниот институт за ладење – ИИР со седиште во Париз)