Колумбиските власти уапсиле наводен лидер на италијанската мафија „Ндрангета“

33

Колумбиските власти соопштија дека го уапсиле Џузепе Палермо, наводен високо рангиран член на италијанската мафија „Ндрангета“, кој е осомничен за надгледување на големи пратки кокаин и управување со нелегални рути за трговија со дрога од Јужна Америка до Европа, пренесоа странските агенции.

Палермо, познат по прекарот „Пепе“, беше уапсен на улица во Богота во заедничка операција на колумбиската, италијанската и британската полиција, со поддршка од Европол, соопшти полицијата, објави „АП“.

Тој беше на црвена потерница на „Интерпол“, што значи дека неговото апсење се бараше во 196 земји.

Според шефот на колумбиската полиција, генерал Карлос Фернандо Тријана, Палермо бил дел од „една од најтесно поврзаните ќелии“ на мафијашката организација „Ндрангета“, која се смета за една од најмоќните и најтаинствени криминални мрежи во Италија, позната по контролата на пазарот на кокаин во Европа.

„Осомничениот не бил одговорен само за стекнување големи количини кокаин во Колумбија, Перу и Еквадор, туку ги контролирал и превозните и копнените рути за трговија со дрога во Европа“, рече Тријана.

Според Обединетите нации, нелегалното производство на кокаин достигна 3.708 тони во 2023 година, што е зголемување од 34 проценти во однос на претходната година.

Главната причина за зголемувањето е проширувањето на плантажите со кока во Колумбија.

Организацијата „Ндрангета“ е позната по тоа што ја користи Латинска Америка како главен центар за увоз на кокаин во европските пристаништа, особено во Шпанија, Италија и Холандија.

ИЗДВОЕНИ