Колку територија би требало Украина да ѝ предаде на Русија без борба според планот на Трамп?

0
EPA/AARON SCHWARTZ / POOL

Спроведувањето на мировниот план на САД, во неговата сегашна верзија, би можело да резултира со тоа што Русија ќе добие територија речиси со големина на Луксембург, без борба, според француската агенција АФП, повикувајќи се на податоци од Институтот за проучување на војната (ISW).

„Американската иницијатива, до чија содржина АФП има пристап, предвидува повлекување на украинската армија од делови од територијата што сè уште ја контролира. Ова би ѝ дало на Москва нето добивка од околу 2.300 квадратни километри – површина речиси еднаква на Луксембург (2.590 квадратни километри)“, пишува агенцијата.

Според планот, Украина би отстапила речиси 5.000 квадратни километри во регионот Донецк и 45 километри квадратни во Луганск. За возврат, Русија би се повлекла од речиси 2.000 квадратни километри во Харковската област, 450 квадратни километри во Дњепропетровската област, 300 квадратни километри во Сумската област и 20 квадратни километри во Черниговската област.

„Во суштина, планот предложен од Вашингтон ефикасно би отстапил околу 20 проценти од украинската територија на Русија, додека на Украина би ѝ вратил помалку од 0,5 проценти“, пренесува АФП.

Што вели планот?

Територијалната размена е објаснета во Член 21 од мировниот план:

Крим, Луганск и Донецк би биле признати како де факто руски, вклучително и од САД;

Сегашната линија на разграничување во Херсон и Запорожје би била „замрзната“;

Русија би се повлекла од другите договорени области;

Украинските сили би го напуштиле делот од Донецката област што моментално го контролираат; оваа област би станала демилитаризирана тампон зона, меѓународно призната како територија на Руската Федерација.

На руската војска нема да ѝ биде дозволено да влезе во оваа тампон зона. И Русија и Украина ќе се обврзат да не ги менуваат насилно новите граници. Планот предвидува САД да обезбедат безбедносни гаранции за Украина – но, ако Украина ја нападне Русија, гаранцијата се повлекува. Ако Русија повторно ја нападне Украина, ќе се активира силен западен воен одговор, ќе се вратат глобалните санкции и ќе се изгубат сите придобивки од договорот.

Весникот „Економист“ неодамна пресмета дека ако офанзивата продолжи со сегашното темпо, Русија до крајот на јуни 2030 годна треба целосно да ги окупира регионите Луганск, Донецк, Херсон и Запорожје, а за да ја окупира цела Украина, ќе бидат потребни уште 103 години.

„Од стабилизацијата на линијата на фронтот во октомври 2022 година, речиси и да нема поместување. Ниту еден поголем град не сменил страна“, наведува весникот. Од мај оваа година, кога е во тек руската офанзива, Русија окупирала само околу 0,4 проценти од територијата на Украина и не постигнала никакви сериозни стратешки цели.

ИЗДВОЕНИ