Септември е месец на берба, кога се носат зеленчукот и овошјето на зелените пазари во градот, а дел се остава за зимница. Освен од Институтот за јавно здравје, од каде што соопштија дека нема опасни нивоа на тешки метали во почвата и радиоактивност во водата, не излезе друга надлежна институција со известување или препорака што да прават овие луѓе со своите земјоделски производи, дали и со што има загадување на почвата, дали и колку е опасно да ги консумираат
Изминува и втората недела по пожарот што се случи на 13 септември, во скопско Трубарево, каде што гореше отпад со литиумски батерии и пластика, а познати се само неколку состојки во воздухот што го дишеа жителите на Трубарево и скопјани речиси цел ден.
Но, не е познато колку е загадена почвата и во колкав радиус од епицентарот на пожарот. А, Трубарево е познато како крај од каде што се снабдува цело Скопје со земјоделски производи. Речиси во секој двор и градина во Трубарево се сади разновиден зеленчук на отворено, а има и голем број пластеници. Во дворовите растат јаболка, сливи, а некаде и киви.
Септември е месец на берба, кога се носат зеленчукот и овошјето на зелените пазари во градот, а дел се остава за зимница. Освен од Институтот за јавно здравје, од каде што соопштија дека нема опасни нивоа на тешки метали во почвата и радиоактивност во водата, не излезе друга надлежна институција со известување или со препорака што да прават овие луѓе со своите земјоделски производи, дали и со што има загадување на почвата, колку е опасно да ги консумираат или не. Потребно ли е да се донесе забрана за користење на таа храна и на колку време и што треба да се предвиди при санација на тоа земјиште и колкав простор околу пожарот треба да биде опфатен.
Професорот Дејан Мираковски од лабораторијата „Амбикон“ од Штип смета дека би требало да се земат примероци од почвата во пошироката околина за да се анализира дали е загадена и дали е потребна нејзина детоксикација. Сепак, тој е убеден дека „поголемиот дел од урбаната зона на Скопје не бил изложен на сериозен ризик“.
Истото мислење го дели и универзитетската професорка Татјана Миткова од Катедрата за почви при Институтот за животна средина. Според неа, по пожарот што се случи во Трубарево, е загрижувачко.
– За да се каже дали е контаминирана или не почвата во атарот на Трубарево, потребно е да се земат почвени проби и да се анализираат тешките метали. Почвата има механизми да ги прими и да ги задржи тешките метали и во зависност од почвените својства (pH-реакцијата на почвениот раствор, содржината на органска материја – хумус и содржината на глина), тие може да бидат задржани и да не преминат во почвениот раствор. Но, ако, на пример, pH-реакцијата на почвениот раствор е кисела, почвата има полесен механички состав – песоклива и помала содржина на хумус, тогаш тие преминуваат во растворлива форма, доаѓаат во почвениот раствор, од каде што коренот на растенијата може да ги прими и да дојде и до нивна контаминација. Доколку се користат таквите растенија за храна, а особено оние што ги консумираме во свежа состојба, како градинарските култури, овошјето и слично, се загрозува и здравјето на луѓето. Што се однесува до подземните води, тие може да се контаминираат, но ќе повторам: без да се направи анализа на почвата во која, покрај содржината на тешки метали, треба да се испитаат и претходно кажаните почвени својства, од кои, доколку е контаминирана почвата, ќе зависи дали ќе бидат тие тешки метали во достапна или во недостапна форма. Секако дека од нив зависи и нивното промивање и можноста да дојдат во подземните води. Има една изрека: почвата забавува, ама не заборава. Затоа, потребна е анализа на почвата, особено на површините каде што се одвива земјоделско производство, мониторинг, како и анализа на растителниот материјал и на подземните води – вели професорката Миткова за весникот ВЕЧЕР.
Колку е штетно горењето литиумски батерии и пластика за луѓето, но и последиците што настануваат, по избувнувањето на пожарот, за почвата и за водата, објаснуваат и странски експерти. Мартијн Биртхајзен, експерт за рециклирање опасен отпад и создавање зелена енергија, во телевизиско гостување истакна дека е загадено земјиштето околу пожарот и дека долго време не може да се одгледува храна на него. Тој смета дека е потребна целосна санација на целата околина. Што се однесува до користењето вода за гаснење на пожарот, тој појаснува дека водата ги измила честичките од никел, манган, кобалт и дека сето тоа влегло во околната почва и во подземните води.
– Така што, и водата е загадена. Ова е голема хемиска контаминација, која бара стручни лица да ја исчистат. Не е само да се ископа и готово. Може да се прошири многу брзо, преку подземните води, и да отиде далеку – нагласува тој и повикува на внимателност кога ќе се откопува затрупаниот материјал од отпадот, кој веднаш треба да се преработи.
За резултатите за присуство на тешки метали во земените примероци во почвата, од Институтот за јавно здравје најавија дека дополнително ќе бидат објавени.
Фирмата што стопанисуваше со отпадот поседувала дозвола за прием на 20 тони неопасен отпад дневно и на 500 килограми опасен отпад. Шестотини тони отпад, во 2024 година, извезла во Бугарија, а годинава – 200 тони во Хрватска. Опасниот отпад, според закон, не може да се преработува во земјава, а во него спаѓа сè што предизвикува сериозно влијание врз здравјето на луѓето и врз животната околина.
Дводневен скрининг на населението од Трубарево
Министерството за здравство, во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, организира дводневен скрининг на населението во Трубарево, кој ќе се одржи денеска и утре (24 и 25 септември). Министерот за здравство, Азир Алиу, информираше дека скринингот ќе го вршат две екипи од Клиниката за пулмологија, со две амбулантни возила.
– Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата што чувствуваат тешкотии при дишењето или имаат симптоми што укажуваат на заболувања на дишните патишта – појасни Алиу.
Предвидено е скринингот да опфати: комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.
– Нашата цел е да обезбедиме врвна здравствена грижа за сите граѓани. Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие ќе бидат извршени на самото место или пациентите ќе бидат упатени на Клиниката за пулмологија – истакна Алиу.
Тој потенцираше дека со оваа акција се овозможува навремено детектирање евентуални симптоми кај населението, со цел да се обезбеди потребната здравствена заштита.
Триесет и две кривични пријави – приведени 56 лица поврзани со пожарите на отворено
Министерството за внатрешни работи досега поднело 32 кривични пријави, а од слобода биле лишени 56 лица поврзани со пожарите на отворен простор. Од почетокот на април до 23 септември, биле регистрирани вкупно 2.012 пожари на отворен простор.
– Утврдено е дека најголемиот број настанати пожари се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и за откривање нивна евентуална меѓусебна поврзаност – велат од МВР.
Освен тоа, од почетокот на јули, откако е воведена забрана за движење во шумите, до 23 септември, без писмено одобрение за движење во шума, биле затечени 27 лица, против кои ќе бидат поднесени соодветни поднесоци според Законот за шуми.
Од МВР додаваат дека во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
– Со воведувањето на овие оперативни мерки, зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање евентуални пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите – нагласија од МВР.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ продолжуваат со протестите кај мостот „Близнак“ и во паркот „Авионче“, против загадениот воздух и вчера повторно се пожалија на чад од запалено ѓубре. Оттаму категорично демантираат дека нивните протести се поврзани или се под влијание на каква било политичка партија или организација.
Инаку, според информациите на Центарот за управување со кризи, вчера до 12:00 часот, на територијата на државата имало вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои пет биле активни, пет под контрола, а два се изгаснати.
(С. Бл.) – (А. П.)