Последната сообраќајна несреќа, која се случи во понеделникот, на мостот „Гоце Делчев“ и во која беше прегазен и усмртен 78- годишниот велосипедист и поранешен директор на „Охис“, Јорго Ќука, од 37-годишникот Х.К., кој управувал возило „пасат“ со скопски регистарски таблички, повторно го отвори прашањето за тоа колку се безбедни пешаците и велосипедистите во сообраќајот и за нашата сообраќајна (не)култура.
Дека велосипедистите често страдаат во сообраќајни несреќи, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи. Според нив, во првите девет месеци од годинава, во сообраќајни несреќи настрадале 160 возачи на велосипед и тројца сопатници на велосипед. Во тој период, во сообраќајни несреќи починале тројца возачи на велосипед, а ниту еден сопатник на велосипед. Со тешки телесни повреди биле регистрирани 31 возач на велосипед и еден сопатник на велосипед, додека 125 возачи на велосипед и двајца сопатници на велосипед се здобиле со телесни повреди.
Но, од МВР не одговорија што преземаат да се намали бројот на ваквите сообраќајни несреќи.
Токму ова беше повод скопските велосипедисти да побараат најстрога казна за сторителот (кој избегал по убиството) и на новата градска власт и на градоначалникот им порачаа ова да им биде освестување за одговорноста што ја имаат за безбедноста и итноста од стеснување на коловозните ленти и правење физички пречки за забавување на сообраќајот.
– На оваа делница, кога не е сообраќаен шпиц, се вози над ограничувањето за урбана средина. Впрочем, и во програмата на новиот градоначалник е предвидена „Визија за нула несреќи“, со воведување дизајн ориентиран кон човекот, намалување на брзината и зголемување на безбедноста за пешаците, велосипедистите и за возачите. Очекуваме, ни помалку ни повеќе, реализација на таа точка од која зависат човечки животи – потенцираат од групата скопски велосипедисти „На точак“.
Оттаму додаваат дека визијата нула е едно од нивните клучни барања до новите градоначалници и советници, да се предвиди во програмите, да се подготви документ со потребните активности и потоа да се имплементира.
– Има ли нешто поблагородно од тоа да се спасат човечки животи со вашата активност? И има ли поголема кратковидост и небрежност од тоа да не си ја препознаете таа можност и моќ (спасувањето животи) што ја носи функцијата? – им се обратија на новите градоначалници од „На точак“.
(А. П.)












