Колку пензионери се израдуваа на илјадарката?

Реалното зголемување на пензиите е само околу 300 денари бидејќи ако се применеше моментната формула, оние со најниска пензија ќе добиеја зголемување од 700 денари, покажуваат пресметките од Сојузот на здруженија на пензионери. Пензионерите се со поделени мислења околу покачувањето на пензиите од 1.000 денари во септември. На оние што земаат највисока пензија од 70.000 илјади денари не им одговара линеарно зголемување од 1.000 денари, бидејќи со процентуалното, пензијата би им се зголемила за 2.800 денари, што е голема разлика. Експертите велат дека ваквиот потег е во функција на изборите и е популистичка мерка која не му оди во прилог на пензискиот систем, а не е долгорочно решение ниту за пензионерите со најниски пензии

2094

На сметките на пензионерите ќе легнат дополнителни 2.000 денари – во две фази наесен и наредната година на пролет. Од Владата која го усвои предлог-законот за изменување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, велат дека процентуалното зголемување ќе биде линеарно распределено на сите корисници на пензии. Сепак, изгледа дека пензионерите очекуваа повеќе и не се израдуваа многу на илјадарката. Се поставува прашањето кој ќе добие, а кој ќе изгуби со линеарното зголемување на пензиите? Инаку, според пресметките од Сојузот на здруженија на пензионери, зголемувањето на пензиите во септември со редовното усогласување кое би било околу 4 отсто, ќе изнесува нешто преку 700 денари за најниската пензија од 18.000 денари, што значи дека со линеарното зголемување ќе добијат помалку од 300 денари. Ситуацијата е поинаква кај оние со највисока пензија од 70.000 денари, на кои по моментната формула пензијата би им се зголемила за 2.800 денари, а со линеарното само за 1.000 денари.

Експертите велат дека ваквиот потег е популистичка мерка која не му оди во прилог на пензискиот систем, а не е долгорочно решение ниту за пензионерите со најниски пензии.

– Ова е реформа која е насочена кон одредена целна група гласачи – пензионери. Факт е дека има дупка во пензискиот фонд, но тоа може да се надомести со поголеми опфаќања на придонесите за пензиско и за инвалидско осигурување. Со оглед на тоа дека основицата, односно, минималната плата ќе се зголеми, ќе се зголемат и придонесите за ПИОМ. Важно е да се каже дека ова мерка е социјална – е насочена кон посиромашниот слој на пензионери поради тоа што не се пресметува во проценти, туку во фиксен износ. Затоа има реакции кај оние што плаќале повисоки придонеси и земаат повисоки пензии, изјави за весникот ВЕЧЕР, Синиша Наумовски, економски аналитичар и универзитетски професор.

Тој смета дека најверојатно Владата пред да ја донесе оваа одлука направила калкулација дека линеарното зголемување нема да има сериозни негативни импликации врз пензискиот систем.

– Со оглед на тоа дека и понатаму ќе се врши притисок за зголемување на платите, тоа ќе придонесе за зголемување на придонесите и побрзо полнење на касата на ПИОМ, додава Наумовски.

Пензионери со повисоки пензии изразуваат незадоволство од линеарниот пристап, со аргумент дека зголемувањето не е праведно за сите категории и дека системското, процентуално усогласување би било покоректно.

– Ова што сега се случува, сериозно повикува на темелни реформи во пензискиот систем. Ова е ад хок решение и Владата треба посериозно да се зафати со креирање на соодветна правна рамка, а не само со носење на вакви мерки. На овој начин се нарушува пензискиот систем и се оди надвор од принципите за зголемување на пензиите кое зависи од должината на работниот стаж и од вложениот придонес. Не може на некој што во текот на својот работен век извојувал подолго и поголеми придонеси, сега зголемувањето на пензиите да му биде исто. Пензијата не е социјална, туку економска категорија, велат извори од Сојуз на здруженијата на пензионерите, за весникот ВЕЧЕР.

Официјалните податоци велат дека во земјава има речиси 345 илјади пензионери, од нив најголем процент добиваат месечна пензија што се движи од 18 до 22 илјади денари.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ