Силни пораки до обвинителството, судот и извршната власт упатија семејствата на загинатите деца во пожарот во дискотека „Пулс“ на 25-от по ред „Марш на ангелите“ што се одржува секоја сабота во Кочани. Незадоволни од обвинението за кое сметаат дека не ги опфаќа сите виновници што допринеле до несреќата која зема 62 жртви, од пред судската зграда во која е сместено и обвинителството, му порачаа на државниот обвинител Љупчо Коцевски да го прошири обвинението и да ги земе предвид сите докзи. Го потсетија дека должност на Јавниот обвинител е да обезбеди еднаков третман пред законот, а не да создава систем во кој богатите и влијателните се неприкосновени.
„Свесни сме дека постојат уште докази против дуги лица кои намерно не ги изнесувате со што не само што ја нарушувате правдата туку и стиорувате кривично дело“, му порачаа тие на обвинтелот Коцевски, посочувајќи дека се сомневаат дека неговата постапка е резултат на силен политички или друг вид протисок од лица кои стојат зад овој случај. „Но, колку и да се обидувате да ги сокриете, вистината ќе излезе на виделина“, порачаа тие.
Една од мајките на починатите деца во името на сите родители побараа од Коцевски презентирање на сите докази, одговорност за пропустите во обвинителниот акт и проширување на обвинението и кон другите вмешани лица и преиспитување на мерките за домашен притвор кон дел од осомничените.
„Гледаме дека правдата не е на страна на жртвите, туку на страна виновниците, ги гледаме обвинетите како слободно шетаат, ни поминуваат низ нашите маала како да не се случило ништо. Си ја купија слободата, додека ние сме осудени да живееме во болка. Прашуваме, дали правдата важи и за оние што немаат пари и врски, која е цената на нашите деца. Ова е навреда за правдата, бараме да обезбедите еднаков третман, а не богатите да бидат неприкоснован“, прочита мајката од пред зградата на кочанскиот суд.
Во поворката се истакнуваа луѓето кои носеа транспаренти на кои беа испишани пораките до надлежните и оние на кој беа залепени сликите на починатите млади луѓе. Семејствата велат дека нема да застанат, се додека не ја извојуваат правдата за нив. Се обратија до државниот врв, претседателката, премиерот, челните луѓе во правосудството, имајте храброст издигнете се над партиските интереси и личните калкулации.
„ Молчевте кога требаше да зборувате, бегавте кога требаше да застанете пред народот. Ако имате храброст да се издигнете над партиските интереси и личните калк, ќе имате и можност историјата да ве запамети како спасители на државата, изборот е ваш, дали ќе бидете гробари на татковината или нејзини спасители, нашите деца заслужуваат правда, порачаа семејствата на маршот во саботата. (П.А.)