Скопјани со нетрпение го чекаа украсувањето на метрополата, но откако плоштадот беше украсен и со елка која има карактеристичен изглед, на социјалните мрежи тргна натпревар кој поинвентивен и посмешен коментар да објави. Иако за вкусови не се дискутира, најгласни се шегите на сметка на елката. Некои од граѓаните прашуваат чија е идејата за елката со „дивоградби“. Има и споредби на нашата елка со елката во Вилнус – Литванија, но и со таа во Крајова – Романија. Од Град Скопје не успеавме да добиеме одговор на прашањето на весникот ВЕЧЕР за тоа каква порака испраќа елката, што претставуваат прозорците и терасите со оглед на тоа што елката на Градскиот плоштад побуди огромен интерес во јавноста
Новогодишната елка на плоштадот „Македонија“ предизвика низа реакции во јавноста. Социјалните мрежи се вжештени од коментари за нејзиниот изглед.
Иако се шегуваат, сепак најголемиот дел од скопјани се задоволни од активностите што Град Скопје ќе го приреди по повод новогодишните празници.
– Светна нешто, но елка не видов. Само едно страшно грдо издание. Јадно наше Скопје, од која планета се тие што го дизајнираа ова – коментира скопјанка.
На некои, елката им наликува на карикатура, а додека трети им одговараат дека тоа е елка која претставува дом, убавина, среќа.
Има и коментари во кои се вели дека „би било добро кога наместо ова смешно чудовиште би била поставена елка“.
Други, пак, се шегуваат прашувајќи: „Колку е квадрат, по скопски цени или?…
На некои од граѓаните, пак, елката им личи на куќарка за штрумфови.
Има и такви кои сметаат дека елката е убава, но не се вклопува со околниот амбиент.
– За да се реализира идејата, треба да одговара на духот, местото, градбите итн. Плоштадот ни е преубав и елегантен, оваа елка не се вклопува во него – тврди граѓанин.
Има и споредби на нашата елка со елката во Вилнус – Литванија, но и со таа во Крајова – Романија.
– Нашата пенџериња има, врата нема. Од каде се влегува во нашата? – се шегуваат скопјани.
Инаку, елката од романскиот град Крајова во 2023 година привлече големо внимание во европските медиуми. Крајова, сместена на околу шест часа возење од Скопје, последниве години се етаблира како една од најатрактивните божиќни дестинации во Европа и го освои второто место на листата „European Best Destinations“ за најубави божиќни пазари во 2025 година.
Но и Крајова не е оригиналниот извор на ваквата идеја за елка. Концептот води потекло од Вилнус, главниот град на Литванија, каде уште во 2015 година на Катедралниот плоштад беше поставена импресивна, а денес веќе легендарна новогодишна елка со сличен дизајн. Таа елка важи за една од најкреативните празнични инсталации во Европа и често се наведува како инспирација за подоцнежни проекти низ континентот.
Од Град Скопје не одговорија на тоа каква порака испраќа елката, што претставуваат прозорците и терасите, од каде е набавена, со оглед на тоа што елката на Градскиот плоштад побуди огромен интерес во јавноста.
(А. П.)












