Од планински куќи во Маврово до луксузни имоти на Хвар и Крит – цените се движат од 50 до над 1.000 евра за ноќ, зависно од локацијата и од сезоната. Албанија нуди поволни летни дестинации, Македонија и Србија се најисплатливи за подолг престој, додека Хрватска и Црна Гора бележат највисоки цени

 

Изнајмувањето куќи и вили станува сè позначајно во целиот регион на Балканот, не само за туристите, туку и за локалните жители кои бараат мирен простор за одмор или за долгорочно живеење. Македонија, Албанија, Грција, Србија, Црна Гора и Хрватска нудат разновидни локации, од планински предели и езерско или морско крајбрежје до урбани средини, а побарувачката расте, со цени што варираат според локацијата, сезоната и типот на сместувањето.

За туристите и за локалните жители, изборот зависи од желбата за море, планина или за урбано живеење. Најприфатливо е во Македонија и во Србија за долгорочно изнајмување и за планински одмори, додека луксузните крајбрежни дестинации се во Хрватска, Црна Гора и во Грција. Албанија нуди популарни летни дестинации со добра цена.

Кај нас најатрактивен регион за изнајмување куќа кои ги привлекуваат и домашните и странските посетители и натаму останува охридскиот. Во македонскиот бисер, вилите со поглед кон езеро и историските куќи се резервираат со месеци однапред, со просечни цени од 50 до 150 евра за ноќ, за краткорочно изнајмување, а луксузните вили достигнуваат до 300 евра. Скопје нуди урбани куќи, особено на Водно, Тафталиџе и во Ѓорче Петров, со месечен износ од 500 до 2.000 евра, зависно од големината и од локацијата. Маврово и зимските центри ги привлекуваат љубителите на планината и на скијањето, а дрвените планински куќи се најбаран избор, со цени од 70 до 200 евра за ноќ.

Албанија станува сè поатрактивна за изнајмување на вилите покрај јадранското и јонското крајбрежје, како во Драч, Влора и во Сарандa, со летни цени од 60 до 250 евра за ноќ и луксузни имоти што достигнуваат и над 400 евра. Во внатрешноста, на албанските Алпи и во околината на Тирана, планинските куќи се поевтини – просечно 40–120 евра за ноќ.

Грција останува класична дестинација за летен одмор. На островите Крит, Родос и Крф, изнајмувањето на вилите е од 80 до 300 евра за ноќ, а луксузните имоти со базен достигнуваат 500–700 евра. На копнените делови, особено во Пелопонез и во северна Грција, цените се пониски – 50–150 евра, со добра понуда за долгорочно изнајмување.

Србија нуди комбинација од урбани куќи во Белград и во Нови Сад и викенд-куќи во природа, особено на Златибор, Тара и на Копаоник. Во Белград, урбаните куќи чинат 500–1500 евра месечно, а планинските куќи на Златибор и на Копаоник се движат од 50 до 150 евра за ноќ, особено популарни во зимскиот период. Србија е поевтина од Грција и од Албанија за ист квалитет на сместување, но нуди помалку комплекси со вили на брегот.

Црна Гора е позната по своето крајбрежје и по планинскиот дел. Во Будва, Котор и на Свети Стефан цените се високи: 100–400 евра за ноќ, со луксузни вили што може да достигнат над 1.000 евра. Внатрешноста, како Колашин или Жабљак, е поевтина, со цени од 50 до 150 евра за ноќ и се идеални за зимски спортови или за летен планински одмор.

Хрватска е најскапа меѓу земјите на регионалниот преглед, особено на островите Хвар, Брач и Корчула. Вилите со поглед на море се изнајмуваат по цени од 100 до 500 евра за ноќ, со луксузни имоти што достигнуваат 800–1.000 евра. Копнените региони и внатрешноста се попристапни, со цени од 50 до 150 евра.

Без разлика дали се бара викенд-бегство, долгорочно живеење или инвестиција, како што стои во примамливите понуди на агенциите за недвижности, куќите и вилите во регионот на Балканот нудат приватност, комфор и уникатно искуство, што сè повеќе се вреднува од домашните и од странските гости.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ