EPA-EFE/CJ GUNTHER

Даниил Медведев, Александар Зверев, Стефанос Циципас, Андреј Рубљов, Матео Беретини – список на фаворити на Вимблдон? Не, туку списокот на носители поразени во првото коло. Генерацијата од која се очекуваше еден ден да владее со тенисот, доживеа целосен колапс на најважниот турнир во светот. Сите тие се во втората половина од своите дваесетти години, односно во возраст што се смета за најдобра во тениската кариера.

Кога ќе се додаде на тоа фактот дека Каспер Руд, Хуберт Хуркач и Борна Чориќ не се во Лондон поради повреди, тогаш е уште појасно зошто Карлос Алкараз и Јаник Синер го зазедоа тронот и веќе освоија шест грен-слем турнири по ред, двајцата по три.

Пред речиси една деценија, почна да излегува споменатата генерација во преден план и токму поради неа беше основан „Next Gen“, турнир за играчи до 21 година. АТП сметаше дека има голем потенцијал во нив, дека би можеле еден ден да ја заменат големата тројка и дека треба да им се даде соодветен простор.

И тие имаат добар почеток. Од 2018 година, освоија четири титули на завршниот мастерс по ред: Зверев, Циципас, Медведев и повторно Зверев. Во тој период, Медведев го освои Отвореното првенство на САД, единствениот грен-слем шампион од таа генерација. И ништо повеќе. Иако се пензионирани Роже Федерер и Рафаел Надал, а Новак Ѓоковиќ не доминира година и пол како порано, споменатите асови наместо да го „украдат“ врвот, тонат сè побрзо и побрзо. Само понекогаш играат големо финале – Циципас и Зверев во Париз и во Мелбурн, Беретини во Лондон, Медведев дури пет вкупно, Руд три, но нема шампионски трофеј. Освен Данил од Њујорк.

Циципас веќе не е ниту меѓу првите 25 во светот, по Вимблдон, Медведев ќе падне на АТП, Рубљов веќе не е меѓу првите десетмина, Беретини не е ниту меѓу 30-темина. Само Зверев сè уште го држи бројот 3, но нема да игра долго. Во првото коло на Вимблдон, демонстрираше што е карактеристично за целата спомената група – недостиг на напредок во играта.

Секогаш кога станува ситуацијата на теренот исклучително напната, Зверев станува целосно пасивен. Тој само ја враќа топката, чекајќи противникот да направи грешка. И тоа најчесто, како што се покажа многу пати во неговиот случај, е самоубиствена тактика.

Истото важи и за другите: Медведев игра само лево и десно, како бришач на шофершајбна, Рубљов не успева да ги реши психолошките проблеми, Циципас доцнеше со промената на тренерот, Беретини е постојано повреден…

Ситуацијата на врвот од АТП потсетува на онаа на почетокот од милениумот, кога немаше никој да го запре прво Федерер, па Надал, а потоа и Ѓоковиќ. Времето на Пит Сампрас, Андре Агаси и на другите асови од деведесеттите години беше завршено, големата тројка го окупираше тој простор со голем успех. Сега таква шанса им се укажува на Синер и на Алкараз, кои веќе одлично ја користат.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ